Како да знаете кои грејни тела користат помалку енергија?

Земјата доживува енергетска криза. Toa ja наметнува потребата од изнаоѓање начини на загревање кои се енергетски ефикасни. Низ светот, голем број на држави веќе имаат имплементирано современи начини на загревање на домаќинствата, бизнисите и јавните објекти, меѓутоа кај нас, за жал сеуште преовладуваат традиционалните начини за загревање кои не само што се енергетски неефикасни, туку и влијаат негативно врз целокупното здравје на граѓаните. Воведувањето на енергетски ефикасни грејни тела е единствен избор како за домаќинствата, така и за стопанството и државните институции, бидејќи како што најавуваат експертите, цената на електричната енергија постојано ќе се зголемува. Првичната инвестиција во енергетски ефикасни извори на енергија за затоплување е висока, меѓутоа на долг рок е навистина исплатливо таквото инвестирање. Трошоците значително се намалуваат, а истовремено се намалува и загадувањето на животната средина. Имајте на ум дека грејните тела што ќе ги изберете за Вашиот дом мора да имаат соодветни технички карактеристики за да го обезбедат потребното ниво на греење во вашиот дом. Согласно ова ќе ви помогнеме со некои совети за тоа како да одберете енергетски ефикасни грејни тела за вашиот дом.

 

Како да знаете кои грејни тела користат помалку енергија?

Грејните елементи кои имаат ниска потрошувачка на енергија при работа се сметаат за енергетски ефикасни. Сигурно сте се запрашале како можете да препознаете дали грејните тела трошат помалку електрична енергија?

Разбирливо е дека потрошувачката на енергија не може да се намали на нула, но секако може да се сведе на минимум.

Секое грејно тело има соодветни ознаки за енергетска ефикасност, кои пак од неодамна различно се декларираат. Сите апарати за домаќинство вклучувајќи ги и грејните тела имаат нов начин на означување на нивната енергетска ефикасност. Апаратите за домаќинство кои порано имаа ознака „A+“, „A++“ или „A+++“, сега имаат шифра со буква,  и се означуваат како класа А (највисока класа) до G (најниска класа) согласно новата регулатива. За еден производ да припаѓа на новата А-класа, сега мора да исполнува построги критериуми отколку со застареното означување A +, A ++, A +++. Новите прописи ќе го олеснат разбирањето на енергетската ефикасност и како да се рангираат производите по класи. Целта на овие нови регулативи е да се заштеди повеќе енергија до крајот на 2030 година.

Изберете енергетски ефикасен клима уред

Постојат неколку клучни работи на кои што треба да внимавате при купување на нови клима уреди. Најважно е секако, да изберете енергетски ефикасен клима уред кој ќе ви помогне да ја задржите сметката за струја на пониско ниво. За таа цел потребно е да изберете инвертер клима уред чиј принцип на работа овозможува климатизерот да не работи со целосна моќност цело време, туку неговата моќност да варира во зависност од потребата. На пример, при загревање, доколу собната температура е многу пониска од посакуваната температура, климатизерот ќе работи со целосна моќност додека не се постигне посакуваната температура. Меѓутоа кога ќе се постигне посакуваната температура уредот за инвертер ќе ги прилагоди или намали неговите перформанси и ќе троши многу помалку од неговата моќност. Изберете инвертер клима уред со моќност која е соодветна за просторот кој сакате да го загревате.

Иновативно затоплување со топлински пумпи

Топлинските пумпи претставуваат одлична инвестиција и трајно решение како за затоплување така и за ладење на домаќинствата и бизнис објектите. Топлинската пумпа воздух-воздух користи енергија од воздухот за да го загрее и лади вашиот дом. Овој вид на топлински пумпи го греат и ладат домот со енергија добиена од воздухот и со само 20% струја. Тоа е невообичаено енергетски ефикасен начин да се постигне совршена температура во текот на целата година и е совршен за замена на старите електрични системи. Топлинските пумпи воздух-воздух се исто така еколошки и се карактеризираат со висок степен на енергетска ефикасност. Останува уште да наведеме дека топлинските пумпи воздух-воздух нудат различни начини за нивно поврзување. Можете да поврзете една внатрешна единица со една надворешна единица или да користите мултисплит систем за да поврзете до пет внатрешни единици на една надворешна единица. На овој начин, можете рамномерно да ладите или загревате пет различни простории. Со ваков мултисплит систем освен климатизација и греење, добивате и санитарна вода. Со ваквите топлински пумпи воздух-воздух, можете да заштедите енергија користејќи ја топлината од воздухот околу вас, притоа едноставно и лесно управувајќи го сето ова од апликацијата на вашиот мобилен телефон.

Греење со печки на пелети

Ви советуваме при изборот на печка да ги користите и следите упатствата и препораките на производителот со цел да си обезбедите соодветен, а воедно и ефикасен начин на греење во вашиот дом. Еден од условите за да си обезбедите ефикасен начин на греење со печки на пелети е редовното одржување и чистење на котелот. Другиот начин на кој ќе си обезбедите ефикасно користење на овој систем на греење е секако правилниот избор на пелети кои ги користи печката, односно котелот. Квалитетните пелети имаат ниско ниво на влага (под 10%), што значи дека ослободуваат повеќе топлинска моќ по килограм. Ова го прави системот за греење поефикасен. Ако пелетите имаат високо ниво на влага, тоа значи дека има поголеми шанси да содржат дрвна кора и да создадат пепел за време на согорувањето. Ова ја намалува ефикасноста на грејниот елемент. Печките и котлите на пелети се комплексни системи и истите можете да ги поставите да се вклучуваат и исклучуваат автоматски, да се загреваат до одредена температура и да останат на таа температура одредено време. Тие работат малку поинаку од другите типови на греење, бидејќи трошат помалку енергија ако температурата е веќе постигната. Треба да ја одржувате печката на ниско ниво и да оставите котелот да работи сам откако ќе се достигне температурата.

Загревање со сoларни системи?

Mодерниот начин на загревање со соларни системи ги покрива потребите за загревање на просторот, а истовремено и потребите за санитарна топла вода. Најдобриот начин да ја загреете вашата куќа со соларна енергија е да инсталирате топлинска пумпа и фотоволтаични соларни панели. Според одредени истражувања каде потребите за загревање на просторот за една грејна сезона изнесуваат 15,3 MWh, се покажало дека учеството на сончева енергија со инсталираниот сончев систем би изнесувало 7,68 MWh, односно  51% од  вкупните потребите за загревање. Тоа е навистина енергетски ефикасен начин и одлична инвестиција за секое домаќинство или бизнис објект.

Се надеваме дека ви помогнавме кога станува збор за изборот на грејни тела што би можеле да ги користите за вашиот дом. Сепак изборот останува на вас и на вашите реални потреби па според тоа да изберете соодветен, но и енергетски ефикасен систем за загревање.

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.