6 едноставни совети за чисто лице

Одржувањето на лицето чисто и хидрирано во денешно време е вистински предизвик. На пазарот има толку многу производи за нега и чистење што навистина ни остава можност да избереме голем број на препарати кои би биле соодветни за нашата кожа. Чистото и хидрирано лице е нешто кон кое треба да се стремиме сите, посебно зрелите жени и младите девојки кои се на возраст каде што почнуваат проблемите со кожата. Од најголемо значење е да имате чисто лице, а со тоа се подразбира да имате и убаво лице кое ја поттикнува самодовербата кај секоја жена. Постојат многу начини и третмани кои се користат за чистење на лицето, а под чистење на лицето се подразбира освен чистењето на шминката, чистење или отстранување на мртвите клетки на површината на лицето кои се главен фактор за затнување на порите и појава на несакани акни. Во продолжение ќе ви дадеме неколку совети кои ќе резултираат во чисто и негувано лице.

Редовно чистење на лицето

Редовното чистење на лицето всушност подразбира чистење два пати во денот, а тоа значи наутро, и навечер пред легнување. Овој совет е широко прифатен од многумина, затоа што, само замислете на што сѐ е изложено вашето лице во текот на целиот ден – шминка, прашина и нечистотија. Заради сето ова потребно е освен утринската рутина на чистење, да практикувате и вечерна рутина на чистење, бидејќи само така ќе ги исчистите сите нечистотии кои се насобрале на вашето лице во текот на целиот ден.

Соодветни препарати

Најбитно е да не користите обични сапуни за миење бидејќи така можете да направите поголема штета на лицето. Таквите сапуни би можеле да го исушат лицето или пак да предизвикаат појава на акни. Затоа е потребно секогаш да одберете препарати кои ќе одговараат на вашиот тип на кожа, како и на возраста. Рутината за чистење на лице кај млада кожа се разликува од онаа за зрела кожа, затоа е најбитно да барате препарати кои се соодветни на вашиот тип на кожа.

Пилинг за лице

Пилингот на лицето е уште еден важен ритуал што секоја жена и млада девојка треба да го практикува во својата рутина на чистење и одржување на лицето. Под пилинг или ексфолијација се подразбира отстранување на површинските мртви клетки или себум кој се собира во текот на денот, кој пак дополнително доколку остане подолго време на лицето би можело да предизвика проблеми како мастење на лицето, појава на акни, појава на брчки и знаци на стареење. Денеска на пазарот постојат голем број на препарати за пилинг на лице, но и препорачуваме пред да почнете да правите пилинг или било кој друг третман задолжително да посетите дерматолог за да може да ви даде соодветни упатства и совети за тоа како правилно да го правите и со какви препарати. Сепак пилингот се препорачува да се прави до 2 пати во неделата, не повеќе, бидејќи и прекумерното ексфолирање на кожата не е добро затоа што може да дојде до несакани последици и спротивен ефект од она за што е наменет.

Соодветна козметика по чистење на лицето

Навистина е важно после секој третман на лицето да користите креми и серуми што одговараат на вашиот тип на кожа и возраст. Чистењето на лицето не е единствениот чекор за да си обезбедите здрава кожа, туку и негата после чистењето на лицето, што е можеби и уште поважна ако сакате да си обезбедите здрава, негувана и хидрирана кожа подолго време. Затоа ве советуваме да посетите дерматолог кој ќе ви каже каков тип на кожа имате и ќе ви даде соодветни насоки за тоа каква козметика да користите, па според тоа да се водите понатаму во текот на негата на лицето во целост. Само на тој начин ќе можете да бидете сигурни дека ќе имате чисто и негувано лице.

Правилен избор на шминка

Освен чистењето, миењето на лицето, и кремите што ќе ги користите после тоа, исто така важно е да користите и соодветна шминка која нема да ви „тежи“ на лицето, која ќе ги корегира несовршеностите, но притоа нема да ги затнува порите до таа мера да имате проблеми со појава на акни и предвремени знаци на стареење.

Доволно сон

Сето ова погоре кажано можеби и нема да вреди многу доколку немате доволно сон. Сонот е најбитен за еден човечки организам, бидејќи со спиењето освен што се одмара мозокот, се овозможува и регенерација на клетките и едноставно одмарање на организмот од стресот што го преживуваме секој ден. Со спиењето најмалку барем 7 до 8 часа, овозможуваме и нашето лице и кожа да се одмори, па наутро да изгледа посвежо и поодморено, на тој начин и сите рутини кои ги применување во чистење и хидрирање на кожата би имале поголем ефект.

Се надеваме дека со овие совети ви помогнавме околу прашањата за чистење на лицето и за тоа како би требало да се спроведува но, многу е важно да додадеме уште дека ништо од ова нема да има ефект онаков како што би требало или каков што вие би очекувале ако не се храните здраво, ако не го избегнувате прекумерното внесување на шеќери и ако не се откажете од пушењето. Ова се основните работи на кои треба да внимавате ако сакате да имате чисто и хидрирано лице, а со тоа се подразбира и здраво лице и кожа.

 

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.