Ова се грешките кои ги правите со колегите, но не смеете да си ги дозволите!

Се соочувате со проблем на работното место, ви откриваме како да го решите!

Вашето работно место е спој на луѓе на различни возрасти со специфични карактери кои постојано комуницираат, насочувајќи се кон една иста цел. Секоја индивидуа од тој колектив со себе носи единствени ставови и идеи и со нивна помош гради специјални односи со останатите колеги.

Во деловниот свет грешките во интерперсоналните односи не поминуваат неказнети. Ако не сакате да бидете осамената личност во канцеларијата, тема на секојдневните озборувања или лицето со најниска репутација, еве кои грешки треба да ги избегнувате во односите со колегите:

Ги носите домашните проблеми на работното место. Сигурно сте сретнале една од оние личности кои кога ќе се скараат дома, го мразат цел свет. Влегуваат во канцеларијата со насобрани веѓи, забораваат да кажат Добро утро“, шират негативна енергија, а понекогаш си наоѓаат и „жртви“ врз кои ги истураат своите фрустрации. Не си дозволувајте сликата за вас во очите на колегите да биде токму ваква. Повеќето луѓе не сакаат да си ја носат работата дома, па не треба ниту домашните проблеми да ги носат со себе на работното место

Обвинувате друг колега за сопствените грешки. Вистина е дека секогаш кога ќе бидеме „фатени“ дека сме направиле грешка, инстинктот ни вели да се спасиме и да обвиниме некој друг. Но, префрлувањето на грешката на туѓо име не само што не го решава проблемот, туку и ја остава вашата репутација да виси на конец. Градењето на добри работни односи е клучен елемент во градењето на успешна кариера, а никогаш не е добра идеја да ја играте играта на неосновани обвинувања.

Си ги препишувате на свое име заслугите на колегите. Тимската работа не значи да ги споделувате само лошите, туку и добрите моменти. Во бизнисот никој не сака себични луѓе во својот тим. Затоа, наместо да крадете од туѓиот труд, пофалете ги колегите кои дале сè од себе за да се реализира одреден проект.

Ги озборувате колегите или шефот зад нивниот грб. Златно правило за секој професионалец е да стои подалеку од озборувањето на работното место, иако тоа е речиси невозможно. Тешко кој може да му одолее на искушението да ги начули ушите за да слушне сочен трач. Но, отворањето на ушите не значи автоматско отворање и на устата. Озборувањето на работното место е непрофесионално.

Лажете. Добрата репутација се гради само преку искреност, а тоа е долготраен и макотрпен процес. Од друга страна, потребна е само една мала лага за да се сруши сето тоа. Да, компанијата во којашто работите сигурно не користи детектор за лаги, но сите знаеме дека „на лагата ѝ се кратки нозете“. Иако вистината понекогаш може да ве удри во лице, лагата секогаш удира посилно и има моќ да го уништи вашиот имиџ.

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.