КОНСУМЕРИЗАМ Дали вреди да носиме чевли што нè стегаат само за да им се допаднеме на другите?

Колумна

Признавам, и самата сум заробена во оковите на општеството кое ме принудува да работам повеќе, да заработувам повеќе, а да уживам помалку. Долго време верував дека облеката го чини човека, дека шопингот го намалува стресот и дека светот е поубав ако го набљудуваме од високи потпетици. Но потоа сфатив дека убавината остава впечаток само неколку минути, а ако немате што да кажете – станува здодевна.

Манично купуваме парчиња од новите колекции, побрзо трчаме кон распродажбите одошто кон саканите, се затрупуваме со храна, фоткаме фотогенични порции за да ги објавиме на социјалните мрежи, се дебелееме, а потоа се истоштуваме со диети и постојано левитираме меѓу „сакам“ и „морам“. Емоционалната празнина во градите ја пополнуваме со десерти од најфино чоколадо.

Малините ги сфаќаме здраво за готово, а му се восхитуваме на ананасот. Повеќе му се радуваме на метежот во големите градови одошто на тишината на сопствените мисли. Копнееме во раскошните паркови на далечните дестинации, а не сме седнале во градината во некоја од нашите бањи. Во хроничен расчекор сме меѓу трендовите и радоста на постоењето.

Кога се оттргнав од убедувањето дека сум добра онолку колку што ќе ми кимнат со главата, почнав да уживам во животот со секоја своја пора. А кога еднаш ќе ја почувствувате радоста на душата која не се грижи за туѓото мислење, тогаш веќе не си ги ставате истите окови. Сфаќајќи на што сè робував, почнав да ги отфрлам навиките една по една.

Пред една година станав вегетаријанка, не од сожалување кон животните, туку од чиста логика. Колку помалку јадев, толку повеќе енергија имав и елан за работа.

Една година претходно ги оставив цигарите. Денес немам чувство дека некогаш сум била пушач, дека навиката ми ги трошела парите, ми го убивала мирисот на свежо расцутените цвеќиња во мојот двор, вкусот на свежото овошје…

Дека ми го убивала расположението. Престанав да одам и во салоните за убавина – ниеден тркалезен крем за лице не може да ме разубави колку што може мирот во мојата душа. Ниеден личен тренер не може да ми го затегне телото колку што може половина час медитација дневно, гледањето во река, небо, во саканата личност.

Поважно ми е кого носам во срцето одошто што носам на себе. Од истите причини престанав и да ја бојадисувам косата. Никогаш помалку внимание не сум му посветувала на физичкиот изглед од сега, а комплиментите врштат од сите страни на негова сметка. Има нешто вистинито во изреката „убавината доаѓа однатре“.

Ја би додала и: „Убавината е одраз на духовното, а не на материјалното богатство.“ Убедена сум дека ниту една материјална работа не може да донесе толку многу радост колку што може шумот на морето, црцорењето на птиците и онаа липата пред мојата зграда, која фрла сенка врз детството.

Погледнете во своето срце. Следете ја својата природа. Ошо

Текст: Тамара Богунова

Фото: Pixabay

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.