Војин Ќетковиќ: „Не е лесно да си глумец, не би сакал да бидам млад глумец повторно!“

Од поинаков агол

„Му благодарам на Бога што последниве пет години се чувствувам добро во кожата на актер. Се чувствувам силен, зрел и доволно поткован да можам да кажам што мислам.“

Војин Ќетковиќ е познат актер, кој зад себе има остварено голем број забележани филмски и театарски улоги. Освен по улогите во популарните ТВ-серии, за нашата публика е познат и по филмското остварување „Ранет орел“, во кое толку автентично го пренесе ликот на Томо, патријархалниот сопруг на главната хероина Анѓелка, чиј лик го глуми неговата сопруга во вистинскиот живот – актерката Слобода Миќаловиќ.

Како што самиот вели, Војин Ќетковиќ од родниот Крушевац дошол во Белград како „пролетер“. За време на студиите, живеел во собички, во подруми и на потпокриви, а на Академијата поминувал по 14 часа на ден. Дефинитивно вредело, бидејќи веројатно само IMBD-сајтот може да ги изброи сите негови прецизни актерски интерпретации во домашните филмови и серии.

Низ ликовите што ги толкуваше, опфати широк спектар на различни човекови сензибилитети: од бараби до добри, вљубени и убави момчиња кои публиката ги обожава; преку луѓе од народот до проблематични и драмски комплицирани типови, сè до личности што ја обележале историјата. Се разбира, само театарската публика може да ги види вистинските домети на Војин Ќетковиќ.

Важно е да се каже дека приватно е мошне духовит, како и повеќето генијални актери, а со својата сакана сопруга Слобода има две ќерки и ужива во семејниот живот.

Постои мислење дека на глумците им се потребни часови и посебни услови за да влезат во улогата. Ме интересира, како станавте толкав драмски махер, па за неколку секунди „скокате“ од лик во лик?

Не беше отсекогаш така. Ние сме комплицирани личности. Апсолутно сите. Потребно е да се согласат одредени коцкички за да стасаш до тоа ниво. Некои колеги уште на почетокот почувствуваа потреба да остваруваат големи улоги, но јас, можеби, бев покомплициран.

Можеби бев повнимателен и плашлив. Сметав дека некои нешта треба да си дојдат на своето место за да можам сето тоа да го изведам на вистинскиот начин. Му благодарам на Бога што последниве пет години се чувствувам добро во кожата на актер. Се чувствувам силен, зрел и доволно поткован да можам да кажам што мислам.

Што Ви пречи повеќе – кога булеварската јавност ве поистоветува со улогите кои не биле толку тешки колку што тие ликови биле сакани во народот или кога ве спомнуваат исклучиво од љубопитност што се случува во вашиот приватен живот?

Ништо не е случајно. Постојат глумци кои имале по 20 главни улоги во гледани серии, а кои никој не ги знае.

Тоа се оние за кои велиш: „Знаеш, бе, тоа е оној што глумеше со оној другиот…“. Од друга страна, има глумци за кои ќе кажеш дека се без врска, неинтересни, не ти одговара нивната енергија, но точно ги знаеш нивните имиња, презимиња, кои се и што се. И тој ќе го запаметиш сигурно не е без врска.

Дали верувате во љубов за цел живот?

Се разбира. Верувам.

Дали отсекогаш верувавте или со текот на времето почнавте да размислувате така, бидејќи долго време сте во брак?

Чекај, долго? Можеби за твојата генерација е долго (се смее). Да, отсекогаш верував. Верувам и во љубов на прв поглед, во сето тоа верувам.

Дали за љубов што трае цел живот е потребна и умешност?

Тоа што кажав дека верувам во љубов за цел живот нема врска со умешност. Тоа е друга категорија. Да не ги мешаме љубовта и бракот. Тоа се две различни нешта. Кога се споени – тоа е прекрасно. Да стануваше збор за тоа дали верувам во брак за цел живот, ќе беше сосема друго прашање од ова кое се однесува на љубовта за цел живот.

Имате две ќерки кои користат интернет. Дали понекогаш стравувате, како родител, за начинот на кој треба да се насочуваат децата?

Тие се сериозно на интернет, поточно на Јутјуб. За социјалните мрежи ќе размислуваме кога ќе дојде време. Инаку, искрено сум плашлив кога се работи за нешта кои не ги разбирам, каков што е случајот со социјалните мрежи. Ма ужас! Не можам да верувам со што се занимаваат луѓето. Но морав да отворам профил на Инстаграм, децата ми растат и мора да знам што се случува. Тотален диносаурус сум по тоа прашање. Изумрев. Не постојам.

Каков совет би си дале себеси при запишување на Академијата, но од оваа перспектива?

Не е лесно да си млад глумец. Не би бил млад глумец повторно (се смее). Не знам кој совет би си го дал. Сигурно имав среќа, но колку повеќе вежбам, толку поголема среќа имам!

Често истакнувате дека сте среќен што се занимавате со глума. Сепак, изгледа дека вистинската причина за таа среќа е тоа што сте добри во глумењето.

За да бидеш добар во нешто, мора да бидеш лош во нешто друго. Што да правиш кога нешто мора да правиш? Јас дефинитивно мора да го работам ова. Долго време се прашував дали сум за глума. Имав дилеми од тој тип. Кога сфатив и поверував дека сум и за тоа, се ослободија многу нови нијанси. Тогаш сфаќаш дека мора да дадеш сè од себе. А тоа секогаш чини и умее да биде сложено.

Дали сè уште сте пасиониран рибар или најдовте друг начин за полнење на батериите?

Сè уште рибарам. Риболовот го открив и го засакав од мал. Можам да седнам во чамецот и да поминам неколку часа сосема сам на езеро или на река. На тој начин уживам и ја хранам својата потреба за природа, воздух… Многу е важно како се чувствува човек кога ќе остане сам со себе, а јас се чувствувам добро.

Разговарала: Милјана Нешковиќ

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.