МОНИКА ЦРНОКРАК ни откри што ја прави среќна: „Партија јамб со пријателите е нешто што секогаш успева да ми го подобри расположението“

Ве инспирираме

Моника Црнокрак ни одговори на прашањето што ја прави среќна

Убавицата од семејството со звучно име во светот на модата има дипломирано на Економскиот факултет, може да се пофали со титули на многу избори за убавина, а моментално е актуелна како водителка на ТВ-шоуто „Голден карпет“. Таа ужива во сите улоги што ги игра и одлично се снаоѓа во секоја од нив!

Убава, талентирана и паметна, гените несомнено си ја завршиле својата работа во случајот на Моника Црнокрак, со оглед на тоа што нејзини родители се познатите Мики и Светлана. Сепак, таа не дозволува да остане во нивната сенка и сама си го гради патот до успехот, испробувајќи се во различни професионални улоги, за кои вели дека секоја од нив си има своја убавина:

„Сметам дека во животот сè што правам треба да ме исполнува и да ми претставува уживање. Секако, има и денови кога едноставно не си расположен за ништо, но мора да се пронајде баланс и да се продолжи по патот до целта“.

Признава дека не се буди секогаш мотивирана, но верува дека секој ден е нов предизвик со којшто сама треба да се избори.

„Мојот совршен ден би го опишала како ден исполнет со позитивна енергија, со најблиските луѓе околу мене, навремено завршена работа и обврски, тренинг и, секако, едно кафе на сонце“, открива Моника.

И тешките мигови се дел од животот, а во такви ситуации, нашата соговорничка си дава време за себе и си дозволува да го прави тоа што навистина сака да го прави во моментот, дури и ако тоа значи излежување во кревет цел ден:

„Си поставувам граница и точно знам дека следниот ден ќе го започнам како нова. Една партија јамб со пријателите е нешто што секогаш успева да ми го промени расположението.“

Моника ни призна дека ништо не ѝ недостасува во животот, секогаш е благодарна за тоа што го има, што не значи дека не работи напорно за да ги оствари своите соништа:

„Се стремам кон поголеми успеси, но без многу очекувања, за да нема разочарувања. Секогаш треба да сме задоволни со она што го имаме, а истовремено да бидеме свесни дека треба да се бориме за тоа што сакаме да го постигнеме.“

МОНИКА НЕ МОЖЕ БЕЗ:

Мобилен телефон

Слатко

Нејзиното кученце Даша

 

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА, GETTY IMAGES

ДОЗА ИНСПИРАЦИЈА: Јелена Спенџарска ни откри што ја прави среќна
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.