ДОЗА ИНСПИРАЦИЈА: Јелена Спенџарска ни откри што ја прави среќна

Ве инспирираме

Фото: Инстаграм

Нашата позната водителка ужива во својата работа, ги обожава утрата, задоволна е од моменталниот живот и не би го менувала за ништо на светот, но, сепак, ни призна дека во иднина би сакала да отпатува во Калифорнија…

Редовно им ги разубавува деновите на гледачите пред малите екрани, но и на следбениците на социјалните мрежи, со духовитите и ведри содржини што ги објавува. Тешко е да се остане имун на нејзината позитивна енергија, а голем удел во тоа имаат ритуалите што ги практикува. За Јелена Спенџарска изреката „денот по утрото се познава“ воопшто не е обична флоскула:

„Утрата ми се најубавиот дел од денот. Кога не сум на работа, исто така станувам рано. Последниве неколку месеци почнав еден нов ритуал што мислам дека дополнително ми го разубавува животот. Пред да станам од кревет, си набројувам две-три работи за кои сум благодарна во тој момент. И забележав дека среќата почна да ми се дуплира. Потоа си правам кафе, си ја пуштам омилената музика или читам по неколку страници од некоја книга. Сакам да поминам барем два часа на раат самата со себе и не би го сменила тоа лично задоволство за ништо на светот.“

За нејзината среќа придонесува и љубовта кон работата:

„Мислам дека најважниот клуч за успех е да го сакаш тоа што го работиш. Колку повеќе се забавуваш на работното место толку помалку ја гледаш работата како нешто што мора да се направи. Се обидувам да внесам многу забава во мојот работен ден, бидејќи не е едноставно секој ден да поминуваш по неколку часа пред камера и да слушаш секакви приказни од различни луѓе. Тоа е многу сериозен момент што морам да го балансирам со нешто опуштено и весело. За среќа, одлично функционираме со колегите како тим, а поддршката и добрата комуникација се уште еден важен аспект од секоја професија.“

Не можеме секогаш да бидеме расположени, но во тие периоди Јелена се мотивира со мислата дека ништо не е вечно и дека и тоа ќе помине. Тогаш си пушта некоја добра серија за да ѝ го одвлече вниманието и веднаш ѝ станува подобро. Иако има сè што ќе посака и не би го менувала својот живот, сепак ѝ недостига едно патување во Калифорнија:

„Имам одлична работа, феноменални пријатели, свој дом, здравје, патувам секаде каде што сакам, знам како да се забавувам, ништо не сфаќам сериозно, сè е така како што треба да биде… Но дефинитивно многу ми недостига животот во Америка и во иднина посакувам да заминам таму.“

Што се однесува до новите искуства и нештата што последно ѝ измамиле насмевка на лицето, Јелена ни откри дека тоа е медитацијата:

„Повремено медитирам, но никогаш не ми успеало тоа прекуден. Пред два дена читав една книга  во која авторот пишува дека многу е лесно да се медитира кога било, само треба да се фокусираш на дишењето. И пробав, правев сè како што треба и влегов во медитативна состојба! Се вратив назад во детството и се потсетив на прекрасни, заборавени моменти. Кога ги отворив очите, не ми се веруваше дека успеав. Цел ден си се смеев за мојот неочекуван успех!“

ЈЕЛЕНА НЕ МОЖЕ БЕЗ:

1. Трчање

2. Пишување дневник

3. Време поминато сама со себе

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: Bojan89/DragonImages/Andrey Danilov/iStock via GETTY IMAGES, ПРИВАТНА АРХИВА

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.