КОЛУМНА: Пубертет во четириесеттите?!

Гога е очајна – нејзиниот сопруг го фатила носталгија за минатото и се однесува како неодговорен тинејџер. Сфаќајќи дека има сличен проблем дома, Дуда се прашува дали е тоа само „криза на средната доба“ или мажите всушност никогаш не созреваат

Редот мора да се знае

„Мислиш дека повеќе не го сакам Бајага? Го сакам, но никако да отидам купам негово цеде. Сè си викам денес-утре, но нон-стоп нешто ми е поважно. И воопшто не се бунам – ако мора да ги решам задачите по физика за седмо одделение, ги решавам и точка. Мислам, некој ред треба да се знае…“

Спортот не ми го гибај

„А кои се нивни приоритети? Дефинитивно – спорт! Од мигот кога ќе проодат до длабока старост. Времето поминува, само топката се менува, расте и се смалува, по потреба. Фудбалска, кошаркарска, тениска, одбојка, пинг-понг, џамлии, каква било – никогаш не ми здосадува. И таман ќе помислиш дека му прошло, го гледаш како, и покрај ишијасот, игра сервис на паркинг. И приказната почнува од почеток.

Навиваат за својот тим, ги следат натпреварите како животот да им зависи од нив. Татко ми има 60 години, и од кога знам за себе, теглите и шишињата во нашата куќа никогаш не се виткаат во спортски станици од весниците. Прозорците можеш да ги гланцаш со политика и со црна хроника, само не го гибај спортскиот билтен.”

 Дрес за гордост

„Ни Владо не е нешто подобар. Би нè продал и мене и Бони и сопствената мајка за две карти за западната трибина. Скоро купи дрес на Панчев. ОК, си мислев дека ќе го стави во плакарот и тоа е тоа. Не, тој гордо го носеше три дена по ред. Спиеше во него, јадеше во него… Бидејќи Панчев е господ! Според мене, тоа е сосема имбецилно. Сфаќам јас дека да се има идол е нешто нормално, но да се шеташ во маица со неговото име… Тоа ми е исто како кога јас би облекла маица со ликот на Барби или на Лепа Брена.“

„Извини, те молам, ама респект за Брена“, рече Гога и ја стави раката на срце. „Во право си, респект!“

 

Тоа се вика неизживеаност

„Разликата е во тоа што, во нашиот случај, нештата што некогаш имале исклучителна важност, со тек на време, стануваат помалку важни. Не можам цел живот да собирам салфетки. Не можам да си играм со кукли до пензија.“

„Тоа се вика созревање, живот. Некој мора да порасне“, признава Гога.

„Замисли како изгледа мојот живот. Се враќам дома мртва уморна, желна за малку тишина, а тие двајца лудуваат. Таа ги слуша нејзините Ријана, Бијонсе, Алиша, тој ’Дорс’, не знаеш од која страна повеќе трешти музика. Седам и не верувам… Но тоа не е најлошото, јас би знаела како да излезам на крај со тоа ако покрај себе имам нормално суштество, возрасен маж, на кој можам да се потпрам. Не, јас имам неизживеано суштество, кое повторно, од почеток ја проживува втората, третата, петтата младост.“

 Одмор за мене е мисловна именка

„Ни порано не можев да се потпрам на него, а не можам ни сега. Се сеќаваш како беше кога ја родив малата? Го излижав килимот од туркање на количката за да ја заспијам, а тој ни да пријде. Само се собираше и одеше кај неговите малку да отспие. Му недостигало сон, така ми велеше. А јас бев среќна кога ќе споев барем два часа сон. И не се жалев.

Родив бебе, бебето е приоритет. Да, но за кого? Тој секогаш имаше време за себе, да легне, да се одмори, да руча и да спие, да погледне филм, да слуша вести. И денес нема ден а да не се закачи на Интернет да ги чита мејловите, да зјае по форумите…

Кога јас сум посетила некој форум? Гугл секој налог ми го прогласува за неактивен, ме нема по половина година. За мене три оброци дневно станаа мисловна именка. Ако појадувам, не ручам, ако ручам, не… Ама што ти кажувам кога знаеш сè!“

Кажи „драгичка”

„Точно дека знам сè. Само не знам кога оној мојон ќе се врати дома. Веќе половина час му ѕвонам, но тој е недостапен.“ „Дудо“, конечно одговара. „Да знаеш само што купив! Ајде, погоди!“ „Дај, остави ме, кажи што е…“ „Дали е нешто за јадење?“ „Не!“ „Дали е нешто за дома?“ „Не!“ „Не е нешто живо, нели?“ „Не!“ „Да не е нешто црно, тркалезно, со дупка на средина? Да не е плоча од ’Пинк флојд’?“ „Да, ’Пинк флојд’!“

Текст: Дуда Алапача

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.