КОЛУМНА: Пубертет во четириесеттите?!

Гога е очајна – нејзиниот сопруг го фатила носталгија за минатото и се однесува како неодговорен тинејџер. Сфаќајќи дека има сличен проблем дома, Дуда се прашува дали е тоа само „криза на средната доба“ или мажите всушност никогаш не созреваат

„Значи, нема друго“, врескаше Гога така што сè ечеше. Одамна ја немав видено толку лута.

„Му давам пари да плати струја, а тој оди да купи плоча од ’Пинк флојд’! Дали е тоа нормално, те прашувам? Дали е нормално маж што е на прагот на 40-тите последниот денар да го даде за плочи? А притоа веќе десет години не ни работи грамофонот!

Мојот живот нема смисла. Растргната сум меѓу две несериозни и разгалени дечишта. Како се однесува малата не ни сакам да зборувам, но таа барем има само 13 години и некако е нормално да има провев во главата, но кој е неговиот проблем… Што имаш да кажеш за тоа?“

„Па имам да кажам дека ’Пинк флојд’ е многу добра група. Роџер Вотерс е генијалец!“

„Дудо“, ме прекинува Гога. „Ако овој миг не замолчиш, жими мајка ќе те удрам преку муцка…“

ДНК за сериозност

„Тука нема некоја филозофија, едноставно мажите не размислуваат на таков начин. Ни на 5 ни на 15 ни на 55 години. И електродистрибуцијата едноставно не е на списокот на нивните приоритети. ОК, можеби навлезе во ’одредени години’, можеби го дрма носталгија, можеби не може да го свари фактот дека повеќе не е млад, и единственото што го врзува за младоста се токму тие 33 вртења и тивкото пуцкање во звучниците.“

„Повеќе не е млад“, заклучува Гога. „Но не сум ни јас, па што сега… Ни јас немам 18, па не се шетам со избричена глава и во мартинки, не излегувам во кафулињата во кои излегував порано, не објавувам слики од средно на Фејсбук, не се дружам со другарите од IVб. Што било, поминало, крај, нема повеќе.“

Тоа нема врска со годините, си мислам, тоа на мажите едноставно не им е во гените. Тие немаат ДНК од која ќе станат сериозни. Ние жените се раѓаме со одредено чувство за одговорност. Не дека се фалам, но еве, на пример, јас: тешко дека имав повеќе од 5 години кога сосетката ми го оставаше својот 2-годишен внук да го чувам додека таа да се врати од продавница. Таа, жена во години, имаше доверба во мене која бев толку мала. И со право имаше!

Никогаш не ми падна ни на памет да го закачам, да го плашам, да го влечам за уши, штипам… Кога само еднаш го остави со брат ми, кој тогаш веќе одеше на училиште, имаше што да види. Малиот седи на нокширче, со лице намачкано со боја за чевли, со џамлија во носот и со мастика во косата. Ете, тоа ти се мажите. Без трошка одговорност, морални норми, ништо… Јас немаше да се смирам додека не го нахранам, избањам и заспијам.

Ни грижи ни памет

„Кога би знаела што се случува во неговата глава“, повторно Гога.

„Што е тоа што само ќе кликне во одреден миг и тој ќе се телепортира во минатото. Зошто сè што е сега и тука едноставно престанува да биде важно… Мислиш дека мене ми е лесно? И јас со задоволство ми се вратила во времето кога единствената грижа ми беше како да препишам на контролна по математика.

Има денови кога слатко би се заклучила во своето сопче, би чекала да дојде седум за да излезам и би фантазирала како сум на море со Бајага… но не оди. Мојата соба мајка ми одамна ја претвори во просторија за пеглање. Моето сопче со години не мириса на индиски стапчиња. Само на ’ленор’.“

Текстот продолжува на следната страница…

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.