Секогаш сте расположени за лесни и вкусни тестенини? Ќе признаеме, навистина се неодоливи… Затоа ви подготвивме три совршени брзи рецепти.
ТЕСТЕНИНИ ФОРТУНА
Потребни ви се енергија и лесен оброк? Протеините од печурките, мешунките и малку сланинка, како и потребното количество здрави маснотии – ќе ја завршат работата.
Состојки за една порција: 15 мл маслиново масло, 30 г чадена сланина, 100 г свежи печурки (лисичарка или вргањ), 15 г кромид, лукче, 50 г грашок, 20 мл бело вино, 30 мл бујон од зеленчук, 60 мл павлака за готвење, 15 г путер, малку рендано мускатно оревче, 2 г магдонос, 2 г власец, сол, црн пипер, 10 г пармезан, 100 г тестенини лингвини.
Приготвување: исечкајте ја сланинката на коцкички и пропржете ја со печурките во малку маслиново масло. Кога сланинката ќе ја смени бојата, додајте ситно сечкан кромид и пржете додека стане стаклест. Потоа додајте ги грашокот и путерот, кратко пропржете, па додајте го белото вино и намалете го огнот. Додајте ги бујонот и зеленчукот и павлаката и мешајте додека зоврие сосот. Во врелиот сос додајте малку путер, мускатно оревче, промешајте, наросете со сол и црн пипер, додајте ги претходно сварените лингвини и промешајте. Посипете ги тестенините со магдонос и рендан пармезан.
ТЕСТЕНИНИ ВИТЕЛО
Посното телешко месо е идеален начин да се снабдите со потребната енергија, а пикантниот вкус што го даваат капарите, оцетот и лимонот ќе го подобри варењето на храната. Совршен баланс на вкусно и корисно.
Состојки за една порција: 15 мл маслиново масло, 70 г младо телешко месо, 20 г сечкан кромид (потопен во малку оцет!), 90 мл сос од капари*, 20 г рукола, црн пипер, сол, 10 г пармезан, 10 г сечкани капари, лимон, 100 г тестенини папарделе.
Приготвување: посолете го телешкото месо, исечкајте го на коцкички и пропржете го во маслиново масло. Додајте го кромидот, а кога ќе стане стаклест, додајте сос од капари, кратко пржете и тргнете ја тавата од оган. Зачинете со црн пипер и посипете со листови рукола. Прелејте го сосот врз претходно сварените тестенини, промешајте и украсете со рендан пармезан и сечкани капари. Одозгора ставете парче лимон.
*Сос од капари
Состојки: лажица маслиново масло, половина ситно сечкан кромид, 1 лукче, 10 г компири исечкани на коцкички, 15 мл бело вино, 50 мл бујон од зеленчук, 50 мл павлака за готвење, 15 г капари, црн пипер, лажиче оцет „балсамико“.
Приготвување: пропржете ги кромидот и лукот во малку маслиново масло, додајте бело вино и бујон и варете десетина минути на тивок оган. Додајте ја павлаката и варете уште 10 минути. Кога сосот ќе се подизлади, додајте капари, црн пипер и оцет и изблендирајте да добиете хомогена смеса.
ТЕСТЕНИНИ КРЕМА ДИ АВОКАДО
Без разлика дали сте вегетаријанец или, едноставно, сте расположени за нутритивно богата опција – оброк полн со вкусен и здрав зеленчук, полн со витамини и влакна е вистинскиот избор за вас – а тоа е токму овој рецепт!
Состојки за една порција: 115 мл маслиново масло, 15 ситно сечкан кромид, 20 г сечкана пиперка (бабура) – црвена и жолта, 20 г крем од авокадо*, 60 г шери-домати, 20 г рукола, свеж босилек, 100 г тестенини кампанеле.
Приготвување: пропржете ги кромидот и бабурите во малку маслиново масло, па додајте го авокадо-кремот и пред да зоврие сосот, тргнете го од рерна и зачинете го со малку сол и црн пипер. Потоа, додајте ги шери-доматите исечени на четвртини, претходно сварените тестенини и руколата. Промешајте ги состојките и украсете со ситно сечкан свеж босилек.
*Крем од авокадо
Состојки: зрело авокадо, сок од ½ лимон, 50 мл маслиново масло, 30 мл бујон од зеленчук, 10 г свеж босилек, малку сол и црн пипер.
Приготвување: измешајте ги состојките и изблендирајте ги за да добиете хомогена смеса.
Текст: Н. Човиновска
Фото: Pixabay