Дали знаете што е тоа артериски крвен притисок?

Држете го животот во свои раце!

Најчеста причина за повик на итната медицинска помош се промените на вредностите на крвниот притисок. Што е артериски крвен притисок?

Ако ја погледнеме левата срцева комора, таа има две фази. Првата фаза вклучува пумпање крв во крвните садови и притисок врз ѕидовите на крвните садови низ кои поминува таа крв.

Во таа ситуација левата комора се собира и тогаш зборуваме за систолен (или горен) притисок. Во втората фаза, левата комора е исполнета со кислородна крв од левата преткомора и тогаш станува збор за дијастолен (или низок) притисок.

Систолниот притисок е подложен на промени, особено за време на одредена физичка активност.

Со престанокот на таа активност, тој се враќа на вообичаените вредности. Долниот притисок, од друга страна, не треба да се менува многу, бидејќи со секое зголемување, со текот на времето доаѓа до зголемување на срцевиот мускул.

Сите лекари, особено општите лекари, интернистите и кардиолозите, советуваат дека секоја куќа треба да има апарат за мерење на крвниот притисок, бидејќи со неговото регулирање се намалува можноста за несакани кардиоваскуларни болести.

Најдобро е да се измери притисокот наутро по будењето, бидејќи тој почнува да се зголемува еден час пред будењето, под влијание на кортизолот, хормон на надбубрежната жлезда, кој уште се нарекува и хормон на стрес.

Во текот на денот – до 17 часот притисокот паѓа. Во 19 часот повторно е повисок, а како што се наближува ноќта, тој паѓа, за да биде најнизок во сон (под услов да ја користиме ноќта за спиење).

Не треба да се биде роб на мерењето на притисокот. Важно е да се одреди времето кога сме најмалку оптоварени со работа, со стрес и кога сме сè уште опуштени. Крвниот притисок се мери 30 минути по оброк, пред вежбање, 30 минути по консумирање кафе, алкохол и никотин.

Кај релативно здравите индивидуи и младите луѓе, вообичаените вредности на притисокот се 120/80 ммХг. Сепак, нормално е оние кај 60-годишниците да се движат до 140 ммХг, а кај 80-годишниците на 160 ммХг.

Покрај лековите за притисок, треба да внесувате што е можно помалку сол и да го замените натриумот со калиум.

Ослободете се од нездравите животни навики, лошата храна, намалете ја изложеноста на голем стрес, ослабете, не пијте повеќе од два алкохолни пијалаци на ден, јадете лук и кромид, домати, целер, земајте магнезиум, омега-3 масни киселини, еднаш или двапати неделно воведете риба во исхраната, елиминирајте го црвеното месо, спијте најмалку шест часа и, во согласност со возраста, вежбајте дозирана физичка активност (лесни прошетки најмалку половина час за стари лица, возење велосипед, пливање).

На тој начин, вашето здравје ќе го држите во свои раце.

Текст: Б. Стојменовиќ

Фото: Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.