Водици: Ден кога водите стануваат осветени и лековити

Бог се јави, навистина се јави!

За значењето на празникот Богојавление.

Водици или Богојавление — денот на кој според христијанското предание Св. Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Се прославува на 19 јануари кај црквите што го користат јулијанскиот календар (вклучувајќи ја и македонската), а на 6 јануари кај црквите што го користат грегоријанскиот календар.

Со тоа му се дава значење на крштевањето како една од повеќето свети тајни на христијанството. Крштевањето значи и духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата. Затоа кумот се смета за духовен родител на крстениот и најблизок роднина.

Богојавлението, пак, за нас почнува во крштелниот купел, кој е духовна утроба што нѐ преродува за еден висококвалитетен и достоинствен живот. Ние во крштението се очистуваме, ја отстрануваме Адамовата нечистотија, го измиваме нашиот внатрешен човек.

Ја примаме благодатта Божја, го примаме залогот на Духот, но го примаме со можност да се усовршуваме. Според тоа, кога човекот прави гревови, тој ја валка веќе очистената и измиена негова природа. Тогаш благодатта се повлекува од него и тој духовно умира зашто ја губи својата заедница со Бога и можноста што ја примил на крштението. „Секако благодатта не се губи целосно, но во овој случај таа не го врши спасението“ (Ј. Влахос).

Сепак радоста на празникот Богојавление е токму во верата дека сѐ може одново да се измие, очисти, обнови и повторно да се роди. А тоа се случува во мигот кога ние суштински ќе се доближиме до празникот и ќе сфатиме дека очистувајќи се повторно ќе ја привлечеме благодатта Божја во нашиот живот.

Колку и да сме извалкани, помрачени и со своите гревови оддалечени од Бога, сепак, во нас не згаснала надежта и жедта за доброто, совршеното и убавото. Тогаш кога ќе одлучиме да живееме во совршена послушност кон Бога, исполнувајќи ја Неговата најголема заповед за љубов кон ближните, тогаш и небото на нашиот внатрешен живот постојано ќе биде отворено и ние слободно ќе разговараме со Бога, чијашто светлина ќе го озарува целокупното наше битие.

Со овој празник завршуваат не само дванаесетте т.н. Некрстени денови туку и циклусот зимски празнувања во кој спаѓаат уште и свеченостите поврзани со Бадник, Божик, Нова Година (Василица) и сл.

Именден празнуваат: Богдан, (значи даден од Бога) Богдана, Божана, Бојан, Бонка, Богомил (значи мил на Бога), Јордан, Данчо, Јорданка, Данка, Даница, Дарин, Јован, Јованка, Јонко, Јонка, Јоана…

Извор: Википедија

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.