Жената МОРА да биде убава, да стане мајка, да биде смирена… НО дали сака?

Филозофии на тема...

Жената мора да ги исполни очекувањата, но дали сака?

Од времето кога жените не смееле да го искажат своето мислење до денес, многу работи се имаат сменето. Ако порано главната улога им била да раководат со домот, сега тие раководат со компании и држави, градат успешни кариери и бизниси. Несомнено е дека животниот стил на жената претрпел драстични промени, а тоа довело и до преобликување на нејзиниот личен став за нејзината улога во општество. Но во генерално патријархалните општества, како нашето, жените сè уште се соочуваат со големи очекувања за тоа што МОРА да бидат и да прават.

ЖЕНАТА МОРА ДА БИДЕ УБАВА

Убавината е карактеристика што отсекогаш се поврзувала претежно со женскиот пол. Убавото е пожелно и важи за алатка што ќе ѝ помогне на жената полесно да се искачи на скалата на успехот. Жените го имаат прифатено тоа како нормално, па користат разни филтри за да ги разубават своите фотографии на социјалните мрежи, секојдневно се шминкаат за да ги скријат своите недостатоци, редовно се депилираат зашто кожата мора да им биде нежна и мазна и секогаш се дотеруваат зашто треба да бидат средени во секоја пригода. Има и такви што не го прават тоа, но тие се сметаат за неугледни и најчесто не се сфатени сериозно. Зашто жената МОРА да биде убава за да биде видена и чуена.

ЖЕНАТА МОРА ДА СТАНЕ МАЈКА

Една од најважните улоги на жената во општеството е да се реализира како мајка. Пожелно е да го направи тоа пред 30-тата година и да биде претходно омажена. Сè друго се смета за девијација. Па, така, тие што не нашле партнер во 20-тите, брзаат да го пронајдат и не се плашат да згрешат. Тие што не можат да станат мајки од биолошки причини поминуваат многу време во барање решение, а тие што одбрале да немаат деца важат за себични и незрели личности, кои не се подготвени да се откажат од удобноста на животот и да преземат поголема одговорност. Зашто жената МОРА да стане мајка за да ја оствари својата животна цел.

ЖЕНАТА МОРА ДА БИДЕ СМИРЕНА

Знаете од каде потекнува зборот „хистерија“? Од грчкиот збор hystera што значи матка. Во 19 век жените што биле премногу емотивни биле дијагностицирани со хистерија, за која се сметало дека се појавува поради абнормални движења на матката. Докторите ја лекувале болеста со стимулација на клиторисот и масажа на пелвисот. Денес, жените сè уште поретко добиваат високи функции, бидејќи важат за поемотивни од мажите, што може да ги спречи да донесуваат рационални одлуки. Затоа, тие мора да ги контролираат своите емоции или воопшто да не ги покажуваат. Жените што често плачат, се расправаат и избувнуваат го добиваат епитетот „хистерични”. Зашто жената МОРА да биде смирена за да не биде прогласена за изгубен случај.

Ајде сега да го замениме зборот МОРА со зборот МОЖЕ. Жената МОЖЕ да се грижи за својот надворешен изглед ако така се чувствува поубаво, но успехот не ѝ зависи од тоа, туку од она што го носи внатре во себе. Жената МОЖЕ да стане мајка – ако сака. И самата може да ги одбере условите под кои ќе го направи тоа, сама или со партнер, на 20 или на 40 години. Но во ред е и ако не сака да се реализира во оваа улога – сè уште може да придонесува за општеството и ако го посвети својот живот на друга мисија. Жената МОЖЕ и СМЕЕ да ги покажува своите емоции. Тоа што е емотивна не значи дека ги преувеличува работите и дека е ментално нестабилна. Токму потиснувањето на емоциите може да доведе до низа психички проблеми и последици.

Жената може да биде и убава и паметна, и мајка и успешна, и силна и ранлива. Може да се грижи за домот и да го освојува светот. Да ужива сама и да го сподели животот со некого. Да го живее својот живот без страв од осуди, ослободена од сите притисоци и очекувања. Зашто жената МОЖЕ сè – ако сака!

 

 

 

 

Пишува: Марија Лукаревска

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.