УСПЕШНИ И САМОУВЕРЕНИ: Како изгледа денот на ТВ-водителката Ивана Мангаровска од утро до вечер?

Ве инспирираме

Дознајте што се’ прави нашата позната водителка во текот на денот

Како се справува со предизвиците што и’ ги наметнува професијата и како изгледа нејзиниот работен ден – ни раскажа Ивана Мангаровска, новинарка и ТВ-водителка.

Кои се најголемите предизвици што ви ги поставува вашата професија?

Најголемиот предизвик во мојата професија отсекогаш ми било тоа што мора постојано да си буден. Едноставно, треба да си во тек со сè и да имаш осет за тоа што треба да се прикаже и притоа објективно да се сподели со јавноста. Утринската програма на која работам во моментот е секојдневна емисија, која има брзо и динамично темпо што треба да се следи со интензитет и континуитет.

Која е главната цел што сакате да ја постигнете?

Постојат повеќе цели што сакам да ги постигнам и тоа ми дава поттик сите овие години во оваа професија и работата како новинарка и водителка на телевизија. Сакам да обработувам теми што се од општественосоцијален карактер, кои треба да допрат до народот, кои треба да придонесат за издигнување на јавната свест во повеќе сегменти од нашето општествено живеење, што е апсолутно неопходно. Изразувањето на креативноста, но и слободата во креирањето на темите што треба да бидат во фокусот секогаш е предизвик што се обидувам да го реализирам во целост.

За што сонувате?

Соништата и визијата за иднината се тие што нè водат напред и ни даваат дополнителна мотивација за сè што правиме секојдневно. Подемите, падовите и промените се составен дел од животот, но секогаш се надевам на убави промени, на свет што ќе биде подобро место и што ќе има подобри услови за среќен и исполнет живот. Како мајка на две малолетни деца, тоа го посакувам за себеси, но уште и за нив.

Денот на Ивана: Од утро до вечер
  • 5.00 Мојот ден започнува рано наутро. Најчесто го започнувам со утринско кафе, потоа практикувам петминутна утринска медитација, па започнуваат подготовките за упатување кон работното место.
  • 6.55 Започнува утринската програма на Телма, па дотогаш веќе сум подготвена во студио за почетокот. Трае околу четири часа, со многу гости и содржини, а потоа следува редакциски состанок.
  • 14.00 Преостанатиот дел од денот ми е резервиран за домашни обврски, но и задоволства со децата и семејството.
  • 18.00 Претпочитам да имам барем еден час во денот што ќе биде лично за мене и тој најчесто го поминувам во вежбање пилатес. Тоа одлично ми годи и ме релаксира по таа секојдневна динамика и го практикувам веќе десет години.
  • 20.00 Вечерта поминува во подготовки за утрешниот ден и обид (што не секогаш успева) за порано заминување во кревет.

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

УСПЕШНИ И САМОУВЕРЕНИ: Како изгледа денот на рок-дивата Ружица од „Ареа“?
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.