УСПЕШНИ И САМОУВЕРЕНИ: Како изгледа денот на рок-дивата Ружица од „Ареа“?

У&З жени

Денот на Ружица од утро до вечер

Како се справува со предизвиците што и’ ги наметнува професијата и како изгледа нејзиниот работен ден – ни раскажа нашата успешна соговорничка Ружица Милошеска Брчиоска, електроинженерка, главен вокал во групата „Ареа“ и текстописец.

Кои се најголемите предизвици што ви ги поставува вашата професија?

Во мојата долгогодишна професија како музичар секогаш имало различни предизвици, но ми се чини дека најголем предизвик на секој музичар е да успее да ѝ се доближи на публиката во толкава мера, што таа ќе живее со неговите песни и тие ќе станат дел од културата со која растат генерациите… Она што јас го работам како вокал и текстописец во „Ареа“, за сите овие 30 години од постоењето на бендот, ме менуваше, сè уште ме менува и ќе ме менува како личност. Да создаваш музика и општо да бидеш креативен значи да воспоставуваш контакт со својата душа, да копаш во себе, од себе да извлекуваш и истото тоа да го преточуваш во дело. Така осознаваш за себеси и тоа, едноставно, те менува…

Која е главната цел што сакате да ја постигнете?

Сакаме да ѝ ја доближиме нашата музика на публиката. Но премногу и не размислуваме за тоа што ќе постигнеме, сакаме да создаваме, сакаме да свириме и тоа го правиме.

За што сонувате?

Сонувам за среќа, сонувам за исполнетост, за љубов, како и секој човек. Но светот не е онаков каков што ни го презентираа и си го замислувавме кога бевме деца. Не само што не е совршен туку и не е праведен, има премногу зло, премногу искористување и уништување на луѓето, животните и природата, богатење на мал број луѓе на сметка на осиромашување на сите други. Еден дел од светот живее во беда и сиромаштија, друг во изобилство, со сквернавење на природните богатства и истоштување на природните ресурси. И наместо за тоа да се размислува како за проблем, некако сите ние сакаме да се приклучиме кон тој богат дел од светот, во кој никако не нè примаат (се смее). Сепак, замислувам светла иднина за себе и за светот, бидејќи сè повеќе луѓе се будат и се освестуваат, така што ќе има промени, верувам во тоа.

Денот на Ружица: Од утро до вечер
  • 6.00 Многупати имам кажано дека имам и друга професија и морам секојдневно, како и секој вработен, да станувам рано. Јас конкретно станувам околу 6 часот, за да стигнам навреме на работа.
  • 7.00 Моето работно време започнува во 7 часот. За жал, немам време за вежбање наутро, иако би сакала.
  • 10.00 Појадувам околу 10 часот, а понекогаш и подоцна, во зависност од работните обврски.
  • 16.00 Се прибирам дома по 15 часот, па пазарувањето најчесто му го оставам на Ивица (се смее).
  • 18.00 Попладнето е време резервирано за одмор.
  • 20.00 Вечерите ги поминувам со семејството или со пријателите. Честопати, навечер сум во студио доколку имаме некое снимање или проба со бендот.

Не можам да кажам дека мојот ден се одвива според некаков шаблон, напротив, понекогаш работите многу се менуваат. Сепак, животот има своја динамика што треба да ја следиме и прифатиме. Колку и да планираме, ритамот на денот ни носи и непланирани случувања.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: Студио АКОН

Наташа Поплавска: „Жената може да одговори на сите предизвици доколку е добро организирана“
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.