Работа под притисок: Попродуктивни сме кога се тркаме со времето – вистина или мит?

У&З колумна

Филозофии на тема…

Пред почетокот на секој месец, секогаш си велам дека наредната колумна ќе ја напишам навреме. Но роковите се приближуваат, а секогаш излегува некоја поитна „обврска“ што неодложно треба да се заврши токму во моментот предвиден за пишување. И еве сум сега, ден пред печат, ја пишувам новата колумна. Се лутам сама на себе што не го направив тоа порано, за да имам повеќе време да размислам, да ја препрочитам, да направам некакви поправки, а од друга страна се тешам со оправдувањето дека подобро и побрзо работам под притисок, дека тогаш креативноста ми е на повисоко ниво.

Колку често си велите себеси дека подобро работите под притисок?

Кога го користиме изразот „работа под притисок“, тоа значи дека најверојатно сме одложувале нешто до последен момент и сега треба да побрзаме доколку сакаме да ги испочитуваме роковите. Но можеме ли да докажеме дека навистина функционираме попродуктивно кога сме во трка со времето?

Да претпоставиме дека сте под стрес поради некоја задача. Мислите дека подобро ќе биде да ја започнете подоцна. Се надевате дека ќе бидете поинспирирани за неа во некој неопределен момент во иднината. Таа надеж е илузија. Постои мала веројатност дека одеднаш ќе добиете инспирација за нешто што сте го одложувале толку многу време. Напротив, ако постојано работите под притисок и стрес, тоа може да ви го наруши менталното здравје.

За жал, негата на психата ретко се смета за приоритет

Способноста да се работи под притисок обично важи за пожелна карактеристика и за неопходна алатка за постигнување успех. Па, така, на многу работни места се бараат луѓе што се навикнати токму на тоа: постојано да бидат изложени на стрес. Но никогаш не се зборува за последиците што може да ги остави константниот притисок. Додека се фокусираме на успехот, забораваме дека нашата функционалност во голема мера зависи од нашата благосостојба.

Знаеме дека постои поврзаност помеѓу менталното и физичкото здравје. Кога сме болни, страда и нашето расположение, и обратно. Кога сме под стрес, тоа честопати се одразува како воспаление на телото, со симптоми на настинка. Врската помеѓу умот и телото е докажана, па зошто не зборуваме повеќе и за конекцијата помеѓу психата и функционалноста?

Да се вратиме назад низ историјата…

За време на Индустриската револуција, работодавците почнале да размислуваат за тоа како да ја зголемат продуктивноста на нивните вработени. Хенри Форд е најдобро познат по своите придонеси во модерната работна сфера. Тој ја стандардизирал работната недела на 40 часа и ги зголемил неделните плати на вработените. Кога работните часови биле скратени, а платите покачени, ефективноста и продуктивноста драстично се зголемиле. Сепак, 100 години подоцна, ние сѐ уште ја доживуваме високата продуктивност како нешто што се постигнува и одржува само со напорна работа и силна волја.

Менталниот фитнес е од клучно значење

Но луѓето не се дефинирани само од талентот, вештините, знаењето, способностите и силата. Тие чувствуваат и стрес, сомнеж, страв. Некогаш се фрустрираат и не можат да се концентрираат, а некогаш се возбудени, надежни и инспирирани. Сето тоа влијае врз начинот на кој се справуваат со секојдневните обврски. Талентот, вештините и способностите се само еден дел од факторите што ни се потребни за да функционираме. Другиот дел го сочинува менталниот фитнес. Исто како што спортистите ги приоретизираат спиењето и исхраната за да ги одржат топ-формата и врвните физички перформанси, така и ние треба да ги препознаеме менталното здравје и целосната благосостојба како нешто што ни е неопходно за да можеме да го извлечеме најдоброто од себе.

Во некои ситуации самите си предизвикуваме анксиозност со тоа што ги одложуваме работите до последен момент, а некогаш околностите и условите нѐ изложуваат на дополнителен стрес. Во секој случај, работата под притисок не е нешто што треба да се воздигнува. Бидете нежни кон себе и грижете се за вашата психа – само така ќе постигнете оптимални резултати!

      Пишува: Марија Лукаревска

Жената МОРА да биде убава, да стане мајка, да биде смирена… НО дали сака?
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.