Откријте навреме дали сте жртва на гаслајтер!

Не, вака беше...

Гаслајтингот е облик на психолошка манипулација при која кај жртвите се предизвикува сомнеж во сопственото памтење, способност за ретроспекција и здрав разум

Како да се препознае гаслајтер

Можете да се посомневате дека спроти вас стои гаслајтер доколку тој не ве слуша и постојано повторува дека не ве разбира. Исто така ви го поткопува сеќавањето на некој настан. Не е исклучено постојано да ја менува темата кога се обидувате да решите некој проблем или му укажувате на грешките. Со сето тоа директно се сомнева во вашите умствени способности и отворено го покажува тоа. Речиси во сите случаи се јавува и обезвреднување на вашите потреби, облик на себичност карактеристичен за нарушување на структурата на личноста.

Не заборавајте на еден од првите знаци – намерно заборавање настани и порекнување на дадените ветувања. Гаслајтерот постојано ќе ве доведува во ситуација да се преиспитувате себеси, што понатаму ќе доведе до сѐ потешко донесување одлуки. Се повлекувате во своите мисли убедени дека нешто не сте направиле добро. Ситуацијата дополнително ја отежнува префрлањето на вината, бидејќи редовно ви се сервира дека сте пречувствителни или дури и недоволно добри.

Доколку се во прашање партнерски односи, вие сте збунети, бидејќи на моменти сѐ ви изгледа идеално, но во суштина чувствувате дека „вриете“ во себе. Исто така, гаслајтерот често ќе ве обвинува дека претерувате, а вие постојано ќе се извинувате.

На кој начин да се запре овој тип манипулација

Клучно е жртвата што поскоро да ги препознае наведените симптоми кај личноста со која е во контакт и да си признае себеси што ѝ се случува. Тоа понекогаш е тешко, бидејќи гаслајтерот често ја почнува „темата“ со точна информација на која жртвата „паѓа“, бидејќи е чувствителна на неа. Но решение за ситуацијата постои.  Ако е потребно дополнително да се уверите себеси, запишувајте ги или снимајте ги сопствените впечатоци за она што ви се случува, за подоцна полесно да разликувате што е вистина, а што не е.

Верувајте им на сопствените чувства и почитувајте ги (не мамете се себеси, барем вие го можете тоа – се случува што се случува и, за да се чувствувате подобро, потребно е прво да спознаете што ве снашло). Без оглед на тоа колку ви е блиска личноста што психички лошо влијае на вас, преземете мерки за излез од непријатната ситуација (ништо не е толку вредно за да го преиспитувате својот здрав разум, ниту сте заслужиле некој да ги поткопува темелите на вашата личност).

Мојата другарка ја прекина својата врска – процесот траеше, но сега полека закрепнува. Доколку не можете веднаш да се дистанцирате од манипулаторот (што е чест случај), одете чекор по чекор. Не заборавајте дека бевте на граница на лудило – дури и ако утредента личноста што ве довела дотаму се однесува како да е фина и полна со разбирање. Ако разберете зошто манипулаторот се однесува на тој начин, ќе ви биде полесно да одлучите дали сакате да останете во таков однос или не. Вообичаено станува збор за длабока лична несигурност и желба да се контролираат другите.

Понудете му на манипулаторот интензивна психолошка терапија, не обидувајте се да го промените самите, бидејќи нема да успеете. Доколку имате таква ситуација на работа, обидете се да ја промените работната позиција, а ако е во прашање пријател или роднина – научете да држите дистанца. Но ако проблемот е во љубовниот однос, ставете ги на хартија неговите добри и лоши страни.

Немојте да трпите – инсистирање на таквата врска би имало смисла само ако партнерот прифати психотерапија или советување. Сетете се на личностите околу вас со кои немате такви предизвици, тие се доказ дека со вас сѐ е во ред. Зголемете ја дистанцата ако манипулацијата продолжува, а ако е потребно, а најчесто е, прекинете го тој однос засекогаш.

Вашата главна должност е да бидете задоволни и среќни.

 Текстот е базиран на интервјуто на Ен-би-си њуз со докторот на науки Робин Стерн, помошник-директор на центарот „Јејл“ за емоционална интелигенција и автор на книгата „Гаслајтинг-ефект“

Пишува: Ана Атанасковиќ

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.