Откријте навреме дали сте жртва на гаслајтер!

Не, вака беше...

Гаслајтингот е облик на психолошка манипулација при која кај жртвите се предизвикува сомнеж во сопственото памтење, способност за ретроспекција и здрав разум

Не бев запознаена со терминот „гаслајтинг“ додека другарка ми не ми се пожали на предизвиците со кои се соочила со тогашниот партнер, кој се обидувал (а едно време и успевал) да ѝ го помати доживувањето на реалноста.

Како го правел тоа? На пример, би враќале разговор на ситуација што таа добро ја памети, а тој би ја убедувал дека случувањата во таа ситуација биле сосема поинакви. „Не, вака беше“ е една од речениците што би ги изговарал, бришејќи ги сопствените претходно кажани зборови за да ја наведе неа да ја преиспитува сопствената перцепција на случувањата.

Најспорни биле заедничките планови, бидејќи тој би се повлекувал по почетната еуфорија и ангажман. Кога таа би инсистирала на тоа договорот да се реализира, би ја убедувал дека не разбрала добро. Би одел и дотаму да ја уверува дека никогаш не ги изговорил речениците што таа добро ги запаметила, да тврди како воопшто не требало да го разбере на општоприфатен начин и, аналогно на тоа, таа нема што да очекува од него. Нејзиниот партнер всушност никогаш за ништо не се изјаснувал, ниту давал прецизни одговори на секојдневни, конкретни прашања. Внимателно избегнувал да не каже ништо суштинско, вртејќи ја приказната во круг.

Во ситуациите кога таа би иницирала разговор за фрустрирачката атмосфера што ја создал негирајќи го изговореното, би се погрижил да ја потсети на нешто од минатото што ѝ го замерил, но никогаш дотогаш не ѝ го кажал. Избегнувајќи судири и конкретно изјаснување за крупни и ситни работи, чекал долго и тогаш ја свртувал темата од својата грешка на нејзината, конструирајќи игра во која таа секогаш на крајот помислува „кој е овде луд“…

„Гаслајтерите“ вешто ги преформулираат речениците на начин што им одговара ним и ве убедуваат дека вие имате проблем со околината, а со нив сѐ е во ред. Не сакаат планирања, ниту да направат што и да е за да го реализираат договорот што и самите го прифатиле. Суштината е жртвата да почне да се сомнева во своите сеќавања, зборови и доживувања на реалноста, а зад сето тоа стои нарушена структура на личноста (најчесто психопатски, социопатски и нарцисоидни типови), кои гаслајтингот го користат како една од техниките со кои манипулираат.

Што е гаслајтинг

Станува збор за психичко нарушување, кое го добило името по драмата Gaslight (Гасна светлина), која во 1938 година ја напиша Патрик Хамилтон, а која двапати доби екранизација на филм, во 1904 и 1944 година. Сценариото го следи злоупотребувачот, кој ја прави жена си луда за да дојде до нејзиното наследство. Дефиниција за ваквото однесување обезбедија психијатрите Расел Бартон и Ј.А. Вајтхед, во научниот труд „Феноменот гаслајтинг“, во 1969 година, и С.П. Кучер во трудот „Синдромот гаслајтинг“, во 1982 година.

Станува збор за облик на психолошка манипулација при која кај жртвите се предизвикува сомнеж во сопствената меморија, способност за ретроспекција, перцепција и здрав разум. Тој ефект се постигнува со одрекување, контрадикторности и лаги, за да почне жртвата да се сомнева во своите убедувања.

Гаслајтингот е многу опасен затоа што личноста што е на удар може да дојде до напуштање на реалноста и да стане неспособна фокусирано да ги врши секојдневните активности. Жртвата понекогаш нема моќ ништо да промени поради стравот дека ќе ја загуби личноста што ѝ значи (односите може да бидат љубовни, семејни или службени). Личноста што спроведува гаслајтинг психички ја малтретира жртвата преку постојано суптилно извртување на вистината.

Текстот продолжува на следната страница…

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.