Породување во вода: предности за мајката и за бебето

Накоро и кај нас во болницата „Плодност“ во Битола

Приватната болница „Плодност“ од Битола, следејќи ги сите најсовремени светски трендови, наскоро планира да воведе уште една услуга, по која ќе биде повторно прва и препознатлива во регионот. Станува збор за породување во вода. Тим од специјалисти и медицински сестри веќе ги помина сите потребни обуки, а во тек е реализација на поставување на соодветната опрема за ваков вид породување.

Овој начин на породување има голем број предности и за мајката и за бебето. Топлината на водата го опушта телото, а тоа за мајката значи намалување на болките. Релаксацијата води до подобра координација на болките, кои траат пократко и се поефективни, а со тоа се намалува и потребата за обезболување. Во водата се зголемува можноста за промена на положбата за време на раѓањето, се олеснува дишењето (родилката диши порамномерно, без хипервентилација). Водата дејствува релаксирачки на мускулите на мала карлица и затоа се намалуваат бројот на повреди на родилните патишта и потребата од епизиотомии – така што сето тоа заедно доведува до поголемо задоволство на мајката“, објаснува д-р Кристинка Пајаковска, специјалист гинеколог во болницата „Плодност“.

Д-р Кристинка Пајаковска, специјалист гинеколог во болницата „Плодност“

Овој метод исто така носи позитивности и за самото бебе, кое има помалку стрес поради помалата промена на температурата, без промена на средината, т.е се случува породување „од вода во вода“. Светлината и звуковите од надворешната средина се поблаги кога се перципираат под вода, па и допирот со кожата на мајката е понежен преку водата.


Породувањето треба да се одвива во смирен и релаксиран амбиент, температурата на воздухот да биде 24 степени, без струење, температурата на водата 37 степени. Водата е проточна и лесно масира. Кадата во која се одвива породувањето е специјално изработена од материјал и форма дизајнирана за породување и во таков облик им дава комфор на родилката и акушерките за заемна соработка. Механичкото чистење, дезинфекција и редовни контролни брисеви, како и одводни цевки за еднократна употреба обезбедуваат спречување на појава и пренесување инфекции. Раѓањето во вода е личен избор на пациентката“, рече Пајаковска.

 

Кога се размислува за породување во вода, бременоста мора да биде нормална, нискоризична, без никакви компликации и други придружни заболувања, терминска, над 37-та гестациска недела, едноплодова бременост во главична презентација, тестовите за ХИВ, ХЦВ и ХБВ на мајката да бидат негативни. Мајката да нема прекумерна телесна тежина, или фетоматернална диспропорција.

Пред влегување во кадата родилката мора да биде прочистена и истуширана. Раѓањето треба да е во активна фаза, а родилката не смее да биде повеќе од два часа континуирано во вода. Ако породувањето трае подолго, по два часа ќе излезе од водата кратко време, за потоа да може да продолжи уште наредни два часа во вода. Состојбата на плодот се следи континуирано, со телеметриски ЦТГ-запис.

По раѓањето на плодот и пресекувањето на папочната врвца, кадата се празни пред да се роди постелката. Доколку се појават знаци за страдање на плодот, раѓањето не напредува со очекуваното темпо, или ако се појави крвавење, родилката ја напушта кадата и раѓањето завршува според индикацијата во моментот.

Читајќи ги форумите и од разговорите со пациентките, постои голем интерес за породување во вода. Во нашата земја досега ниедно родилиште не е опремено за да може да одговори на ова барање. Затоа менаџерскиот тим на болницата „Плодност“ одлучи, како и секогаш досега, да биде лидер во регионот и првпат кај нас да го реализира овој тип на раѓање.

Екипа составена од доктори специјалисти, гинеколози, акушери, заедно со високообразовани медицински сестри акушерки од болницата, веќе беше на обука во клиничкиот центар во Риека, каде што се практикува ваков тип на породување.

Во тек е набавка на најсовремена када за породување, а во болницата веќе поставена инфраструктура за нејзино монтирање, така што се очекува првите породувања во вода да бидат оваа есен. Менаџерскиот тим и директорот на болницата прим. д-р Таше Трпчевски инвестираат во сите новини за подобрување на здравствените услуги на пациентките и нивното задоволство.

 

Тексти и фото: ПР

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.