Партнерски односи: „Мама има момче!“

Кога е вистинскиот миг да почнете нова врска по разводот на бракот, во која ќе го вклучите и детето

Почнува семејниот ручек. Мама забрзано се труди да ги сервира сите јадења на масата. Тато ја следи со погледот додека чита весник во фотелјата. Тој поглед над очилата и свитканата, кривулеста брчка како Филипсовата крива на челото.

Хаос и врева, седнуваме на масата.

Мамо, тато, деца, сакам да ви соопштам нешто. Јас имам момче.“

Молкот и тишината на присутните го претворија бучниот неделен ручек во молитвен. Тато станува. Стојам скаменета во место, а мојот син луто се повлекува по дедо си, фрлајќи го столчето на земја. Тресок на вратата. Пријатно на сите!

Вака почнува приказната на темата „мама има ново момче“, на мојата соговорничка, која ми се исповеда додека пиевме кафе. Самохрана мајка, невработена и во моментов на адреса кај родителите со своите две деца – едното десет и другото осум години, момче и девојче. Книговодителка по струка, која ја загубила работата, а и бракот. Можеби работата и можела да ја зачува, но бракот – никако. Одлучила да направи пресврт и да им се посвети на своето закрепнување и на децата. Додека раскажува, ја гризе долната усна, непријатно ѝ е да се отвори. Се обидувам да ја смирам со зборовите дека нема потреба да ѝ е непријатно – затоа што ми се познати приказните за самохрани мајки, кои продолжуваат понатаму посилни од порано.

Како да им соопшти на родителите, на децата, на пријателите дека „мама има момче“. Како да не е доволен пеколот поради разводот низ кој поминувате вие, но и вашата прва сосетка, бидејќи ушите ѝ се како радари. Од мигот на соопштувањето дека ќе се разведете, ставени сте на столбот на срамот. А сега треба да признаете дека имате ново момче. Со тие непријатности можете да се изборите игнорирајќи го опкружувањето, но како да ги подготвите децата за таа ситуација?

Децата на прво место

Стручните лица ја истакнуваат важноста од поставувањето на потребите на децата пред оние на родителите, особено за време на ранливиот период, непосредно по разводот. Разводот е тежок за партнерите, но и за децата. Проблемот е што децата, без исклучоци, себеси се вбројуваат во виновниците за разделбата на родителите. Кај нив често се наидува на чувство на одговорност (неоснована), кое го поднесуваат како некој што не спречил или не направил нешто да не дојде до разводот. Имајќи го предвид тоа, треба да сме свесни дека разговорот со нив не е единствениот начин на кој децата ги подготвуваме за неминовниот чин.

Важно е родителите да им се посветат на децата и на нивното доживување на разводот, а своите лични потреби, како што е новиот партнерски однос, да ги стават во втор план. Во зависност од возраста и од типот на личност, некои деца полесно, а некои потешко ќе го прифатат новиот партнер во животот на мајка си, па затоа пристапот кон тој проблем не може да се сведе на совет, туку мора да се направи вешт план кога и како ќе се воведе новиот партнер во животот на децата.

Втората соговорничка, која е вдовица со години и има возрасни деца, се разбира, имала повеќе среќа во претставувањето на новиот партнер пред своето семејство. Фактот дека нивната мајка веќе не е сама на нејзините деца им дал одредена доза смиреност и сигурност. Иако не ѝ било лесно да им соопшти дека во нејзиниот живот сега постои и некој друг, сепак децата реагирале зрело и самосвесно, па немало простор за непријатности. Како што вели самата, секој треба да си врви по својот пат – децата се доволно големи и таа не чувствува потреба да им се правда за своите постапки на нејзини години.

Дадов сè од себе да ги воспитам и да ги одгледам на најдобриот можен начин, а доколку не се согласеа со мојата одлука, ќе помислев дека некаде сум згрешила во нивното воспитување. Сепак, не беше така“, заклучува таа.

Меѓутоа, не размислуваат сите жени на ваков начин. Во нашето општество исклучително е силен нормативот според кој главната улога на жената е да биде мајка. Доминантните патријархални обрасци, традиционалните очекувања, стереотипите, предрасудите од околината и од своите најблиски често доведуваат до тоа жените по разводот или смртниот случај на сопругот да останат сами – без нов партнер.

Текстот продолжува на следната страница…

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.