МАЈА АТАНАСОСКА: „Ако водите квалитетен профил со интересна содржина за одредена публика, спонзорите сами ќе си дојдат“

Инфлуенсерки што сакаме да ги запознаеме подобро

Сите трикови и совети за UX/UI дизајн можете да ги најдете на инстаграм-профилот @percalus.design

Ако некогаш сте помислиле да се занимавате со UX/UI дизајн, но не сте знаеле од каде да почнете, сите совети и трикови можете да ги најдете на инстаграм-профилот @percalus.design! Првата објава на Маја Атанасоска била хумористичен текст за тоа што значи да си дизајнер. Првичната цел ѝ била да објавува само свои дизајни, додека не се запрашала: „Чекај, нема ли профил за дизајн на македонски јазик?“

Која е Маја Атанасоска надвор од социјалните мрежи?

Личност што ужива во секој момент со своите најблиски, посебно во испробување и готвење нови рецепти. Девојка со пасија за животот и здравиот начин на живеење, како и уметноста. И тешка шопингхоличарка. Покрај со UX/UI дизајн, моето време е окупирано и со маркетинг-светот, каде што им помагам на клиенти да креираат успешни стратегии за социјалните мрежи.

Од што се состои работата на UX/UI дизајнерите?

Работата на дизајнерите е насочена кон подобрување на корисничкото искуство при интеракција со дигитални производи (на пример, кога користите Инстаграм за објавување стори). Се состои од истражување, анализирање, дефинирање на корисничките потреби, градење информациона архитектура, дизајнирање интерфејс, комуникација со клиентот или тимот, тестирање на продуктот.

Три најважни совети за оние што сакаат да се занимаваат со UX/UI дизајн?

Бидете подготвени за критики, но не си ги земајте при срце, туку барајте начин како тие може да ве подобрат како дизајнер. Нема секогаш да имате мотивација и инспирација за дизајнирање, па затоа важно е да си давате време и за себе. Така, нема да „прегорите“. Не ставајте си пречки, бидејќи на почетокот нема да гледате резултати веднаш. Не споредувајте се со другите дизајнери, ако тоа ве демотивира. Научете да уживате во процесот. Дисциплината, надградувањето и конзистентноста се клучот во оваа кариера.

Може ли доволно да се заработува од Инстаграм?

Секако дека може, во тоа се уверив и самата, иако мојот профил е со едукативен карактер, бидејќи досега сум имала спонзори одреден временски период. Реално, ако водите квалитетен профил со интересна содржина за одредена публика, спонзорите сами ќе си дојдат, и не само што ќе ве спонзорираат туку и ќе ја поддржат вашата работа.

Колку време поминуваш на Инстаграм?

Дневно и по 5 часа, бидејќи потребно ми е да ги следам трендовите од маркетиншки аспект. Но не ми се допаѓа тоа што се претставува лажна слика за реалниот живот. Се прикажува дека сè е прекрасно и се глуми среќа. Треба да ги покажуваме и нашите несовршености, така повеќе ќе се прифатиме сите.

Како одбираш која содржина ќе ја објавиш следно на твојот профил?

Ги следам барањата на публиката. На пример, ако последните неколку дена добивам прашања кои книги за дизајн да се читаат, тогаш гледам веднаш да креирам таква објава. Секако, се трудам секогаш да објавувам квалитетна содржина.

Кои инстаграм-профили ти се допаѓаат?

Македонската инстаграм-заедница на креатори на содржина е огромна, и топло ги препорачувам: @codingcorner.mk – доколку сакате да научите за програмирање, @writewithema – за пишување, @Deaeducation – за англиски јазик, @thelanguageblondie – за јазици, @moi_finansii – да научите сè за финансии, @Hramina.mk и @lektorkata – сè поврзано со македонскиот јазик, @excelwithema – за работа во ексел, @botanico.mk – за растенија.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

ТЕОНА СИМА: „Најискрената верзија од мене што ја знаат само најблиските е и таа што ја знаат моите илјадници следбеници“
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.