ТЕОНА СИМА: „Најискрената верзија од мене што ја знаат само најблиските е и таа што ја знаат моите илјадници следбеници“

Инфлуенсерки што сакаме да ги запознаеме подобро

Разговаравме со Теона Сима, попозната како @thelanguageblondie

Во јуни минатата година се роди @thelanguageblondie, а денес профилот веќе брои повеќе од 700 илјади следбеници! Теона Сима многу брзо ја освои инстаграм-заедницата со своите урнебесни имитации на акценти на различни јазици, а дури ни светски познати личности не останаа имуни на нејзините забавни и едукативни видеа! Никогаш не очекувала толкав одѕив, идејата ѝ била само да се забавува, но верува дека можеби токму таа спонтаност е причината за нејзиниот успех.

На едно од видеата ти има искоментирано Двејн Џонсон, познатиот „Рок“!

Воопшто не знаев дека коментирал. Мразам да поминувам време на телефон и не ги читам коментарите, така што реакцијата кога една другарка ми прати „скриншот“ од коментарот ми беше: „МОЛАМ??? Ова сум го пропуштила??? Теоно, мораш да ги читаш коментарите почесто.“

Колку јазици зборуваш моментално и кои јазици се твојот следен предизвик?

Моментално зборувам пет и го учам шестиот, а следниот предизвик ми е течно да ги зборувам сите јазици што ги вклучувам во видеата. Да го научам бразилско-португалскиот ми е голема желба.

Неколку трикови за побрзо учење странски јазик?

Слушање, слушање, и уште слушање. Увото има некаква супермоќ кога станува збор за впивање јазици. Ако го слушате јазикот што сакате да го научите минимум два часа на ден, ќе почувствувате како магично почнувате да формирате мисли на тој јазик. Додека слушате, извлекувајте по 10 збора од секоја епизода, секоја песна, секој филм и зборувајте си самите со себе. Гарантирам резултати.

Сепак, изговорот е вистинскиот предизвик, а тебе тоа како да ти доаѓа природно. Талент или вежбање?

Малку талент, многу слушање и многу вежбање. Верувајте ми дека ако ги слушате јазиците толку колку што ги слушам јас и зборувате (прво самите со себе, потоа со други) колку што зборувам јас, ќе имате совршен изговор, тоа е неизбежно. Проблемот е што никој не верува дека е возможно и не го вложува потребниот труд за да се оствари тоа.

Која е Теона Сима надвор од социјалните мрежи?

Постојат многу верзии на Теона: Теона во видеата на thelanguageblondie, Теона на факултет, Теона со различните пријатели… На факултет сум сериозна и многу активна на предавањата (еднаш бубалица – засекогаш бубалица). Секогаш сум насмеана и дружељубива ама не им откривам на луѓето многу за себе и повеќе слушам отколку што зборувам. Со најблиските сум „луда“ и зборувам на милион акценти, имитирам милион луѓе, кажувам лоши шегички, споделувам совети и лични искуства… Таа најискрена верзија од мене што ја знаат само најблиските е и таа што ја знаат илјадниците луѓе што го следат профилот. Застрашувачко.

Колку време поминуваш на Инстаграм?

По околу еден час дневно, а и помалку. Инстаграмот веќе две години го користам минимално бидејќи живеам на кампус со сите мои пријатели и немам потреба од допишување, а не го користам за ништо друго. Порано кога бев активен корисник, ме нервираше тоа што мрежата буквално е дизајнирана за да те направи зависен и не можев да престанам да „скролам“.

Кои инстаграм-профили би им ги препорачала на нашите читатели?

Можам да ја препорачам @ariannapapalexopoulos која е преталентирана актерка – прави генијални видеа поврзани со Грција и грчкиот јазик. Потоа, @aprendemosjuntosbbva за сите оние што сакаат да научат шпански. И секако, нашата @zenfluentmaria – кралицата на креирањето содржини!

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Прогласени највлијателните во 2023 година: Influencer Awards 2023
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.