Лесно применливи техники што ќе ви помогнат да уживате во животот без разлика на тешкотиите

Пробајте ги!

Само да ми е еден ден да се наспијам, да можам да отпатувам, сите да ме остават на мира!

ПРОБАЈТЕ: јога нидра! Кога ќе легнете на грб и ќе се сместите удобно, полека поминувајте со своето „внимание“ од еден на друг дел. Притоа можете да замислувате сончев зрак што го допира секој дел на вашето тело.

На пример: секој прст на десната рака, дланката, подлактицата, зглобот, лактот, надлактицата, рамото и на крајот целата рака. На ист начин, „водејќи“ го зракот на сонцето, во своите мисли преминете преку целото тело.

Ако и по ова не заспиете, повторете го, полека и смирено, овој процес уште неколкупати, колку што е потребно за да „паднете“ во сон.

Важно е да не размислувате дека мора да заспиете, како и за евентуалните проблеми што ќе ги имате утредента ако не заспиете веднаш.

Однесувајте се како единствена задача да ви е лесно и во мир да го пренесувате топлиот и релаксирачки зрак на сонце од еден на друг дел од телото, а не да заспиете.

 

 

Ве окупираат дневни грижи и непријатни мисли…

ПРОБАЈТЕ: ако сте во можност, затворете ги очите за миг и замислете поток што поминува низ шума носејќи паднати лисје од дрвјата. Замислете дека на секој лист ја испишувате маката што ве мачи и која сакате да „отплови“.

На пример: „Маж ми вчера се врати нерасположен, што би можело да значи дека…“, или „Шефицата ме погледна чудно, можеби направив нешто погрешно”.

Техниката на дистанцирана свесност на мислите помага наметливите мисли, кои нашиот ум постојано ги „врти“, да ги визуализирате како испишани реченици и да ги пуштите да „отпловат“ далеку од вас.

Имате проблем што треба да го решите (но моментално не можете да преземете нешто)…

ПРОБАЈТЕ: освен тековните, непријатни и наметливи мисли, понекогаш нè мачат и проблеми што имаат потенцијал да ни го нарушат функционирањето, па дури и да ни ја сменат сликата за нас самите, за другите луѓе или за светот.

На пример, што да правите доколку имате здравствен проблем и морате да чекате неколку недели до резултатите од испитувањето, или ве чека важен разговор со партнерот, но тој е на патување? Овие грижи ве прогонуваат со денови, па и со месеци.

Пробајте ја техниката што се вика „време за загриженост“. Кога ќе ве преокупира грижата, ветете си дека кога ќе завршите со обврските – ќе одвоите половина час само за неа. Тогаш ќе се грижите најмногу што можете! Ќе си дозволите во главата да ги свртите сите можни сценарија на проблемот, вклучувајќи ги и најлошите.

Можете и да ги запишувате: „Мора да разговарам со маж ми. Ќе се врати, но нема да сака да разговара. Ќе ми каже дека има друга. Тоа ќе биде мојот крај…“

Кога ќе завршите со „загриженоста“, изговорете некоја лична мантра, која обично ви помага и ве охрабрува. А ако во текот на денот ви се појават мисли за проблемот, регистрирајте ги и кажете си: „Сега не е време за овие мисли, подетално ќе се занимавам со нив кога ќе дојде време за загриженост“. Се разбира, ова е привремена помош – решавањето на проблемот неизбежно ве чека во иднина.

Работите се навистина неповолни во овој миг…

ПРОБАЈТЕ: многу нешта можат да тргнат на лошо. Понекогаш едноставно не сте ниту пречувствителни, ниту, пак, имате погрешен агол на гледање на работите, туку имате реален проблем што мора да го понесете на сопствениот грб.

На пример, мора да пребродите ненадејно раскинување на долгата љубовна врска, имате сериозен здравствен проблем што бара долготрајно лекување или паднавте во финансиска криза.

Понекогаш овие проблеми бараат психотерапевтска помош, и тоа најчесто доколку се појават нездрави емоции, кои значително го нарушуваат вашиот живот: депресивни сте, исплашени или бесни. Сепак, луѓето често се принудени сами да се справуваат со своите проблеми.

Многумина од нив стануваат посилни и ги поместуваат своите граници, додека други засекогаш остануваат помалку функционални и цел живот ги чувствуваат последиците од таквите кризи.

Пробајте ја вежбата „промена на перспективата“, која спаѓа во комплицирани техники и добро би било во рамките на некоја програма mindfulness да научите како се изведува правилно за да можете да ја практикувате сами кога ќе ви затреба.

Целта во оваа вежба е да ги согледате животот, искуствата и особините во поширок контекст. Тој ви дава претстава за вашата комплексност, додека моменталната криза ја намалува давајќи ѝ значење на само едно од вашите многубројни сложени животни искуства.

Така вие не сте „вашиот развод“ или „вашата болест“, туку тоа е искуство што е присутно сега, а со текот на времето ќе си најде место во вашата лична историја.

Текст: Лидија Ќулибрк

Фото: Getty Images, Pixabay

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.