Лекции за успех од диригентката Бисера Чадловска: „Предрасудите се најголема пречка!“

Ве инспирираме

Со успешната диригентка Бисера Чадловска поразговаравме на некои актуелни теми и ја замоливме да ни го сподели нејзиниот рецепт за успех

И покрај тоа што се занимава со професија што не се смета за типично женска, Бисера Чадловска не смета дека живееме во машки свет. Ниту пак во женски. Познатата диригентка ги сподели со нас нејзините размислувања на тема успех, предрасуди и машко-женски односи.

ДА СЕ БИДЕ ЖЕНА ВО МАШКИ СВЕТ

„Не би рекла дека живееме во машки свет, исто како што не живееме ни во женски. Можеби секој од своја перспектива мисли дека живее во свет на спротивниот пол, бидејќи сите си бараме некакво оправдување за потешкотиите во нашите животи, или пак успесите им ги препишуваме на ‘машкиот’ или ‘женскиот’ свет. Точно е дека жените се соочуваат со поголеми потешкотии кога е кариерата во прашање, но понекогаш зависи и која професија ќе ја одберете. Мојата, на пример, е секако една од оние професии кои се доста голем предизвик, без разлика на кој пол му припаѓате.“

ДА СЕ ЗБОРУВА ГЛАСНО ЗА…

„Мислам дека мора да има промени во однос на половите предрасуди во општеството. Не смееме да ги воспитуваме и да ги учиме децата дека не можат нешто да постигнат заради нивната полова припадност. Може да се постигне се’, освен ако за тоа не постои некоја физичка или ментална пречка. За мене поголем проблем е начинот на кој се доаѓа до успехот во последно време. Многу работи се базираат на погрешно воспитување, непочитување работна етика, стекнување позиции преку ноќ, без потребното образование и работно искуство за тоа и слично. Исто така, сметам дека предрасудите се огромен проблем во едно општество. Тука мислам на предрасуди од секаков тип, во однос на полот, изгледот, верската припадност… Сите предрасуди, какви и да се, само го кочат развојот на едно општество.“

НАЈГОЛЕМИОТ УСПЕХ

„За мој најголем успех го сметам воспитувањето на мојата ќерка. Со ова не мислам дека сум идеален родител и дека не правам грешки, но гледајќи ја како расте и станува една прекрасна личност, мислам дека таа е мојот најголем успех. Инаку, помладата Бисера би ја советувала да не си зема се’ при срце, да не гледа толку емотивно на работите и да не им верува премногу на луѓето. Овие совети понекогаш знаат да се однесуваат и на повозрасната Бисера, па си ги повторувам често…“

ДЕФИНИЦИЈА ЗА УСПЕХ

„Пречки секогаш има, дури и откако ќе стигнете до успехот. Со негово достигнување вие не престанувате да работите, а со тоа и пречките постојат. Некогаш некои пречки знаат и одеднаш да исчезнат, па ќе се појават нови или ќе се променат старите… Се’ додека е јасно тоа што го имаме пред себе како цел и додека го сакаме доволно, пречките се нешто што може да се надмине, да се прескокне, да се реши. Постојат и пречки кои не можат да се решат, едноставно се тука за да ве натераат да го смените правецот. Но и тоа не е без причина, треба да знаеме да ја свртиме ситуацијата во наша корист. Успехот треба постепено да се достигнува, секој брз успех не трае долго. Затоа потребни се труд, трпение, знаење и треба многу да го сакате тоа што сакате да го постигнете.“

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: Приватна архива

Ве инспирираме: Лекции за успех од Ана Јовковска
Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.