„Кога нешто многу сакаш, не можеш а да не го добиеш“: Познатиот музичар Пајак ни откри што го прави среќен

Што ве прави среќни?

Прочитајте го нашиот разговор со Христијан Настески – Пајак и дознајте што му носи најголема среќа

Многу млад почна да реди огромни успеси на нашата музичка сцена, а дуетот „Бела“ со Лара Иванова го пласира меѓу најслушаните изведувачи во регионот. Последно беше актуелен со ремиксот на песната „Магија“ од 1998 година, на која заедно со Јован Јованов ѝ дадоа нов модерен звук и со тоа се погрижија овој македонски хит да продолжи да живее кај младата популација.

„Кога нешто многу сакаш, не можеш а да не го добиеш. Целиот мој успех се должи на мојата голема желба, дисциплинираност и напорна работа“, вели талентираниот музички изведувач, кој самиот се потпишува како автор на речиси сите свои песни.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by 🕷 Pajak 🕷 (@pajak.ur)


Христијан Настески, попознат како Пајак, пишува и создава музика на својата гитара уште од мали нозе, а за песните вели дека се инспирира од секојдневниот живот:

„Музиката отсекогаш беше мојата пасија, тоа не е нешто што го учев, едноставно се родив со тој дар“.

Признава дека не очекувал да постигне толку голем успех со „Бела“, но додека работеле на проектот во студио, сите почувствувале убава енергија и се надевале на најдобри резултати. Познат е по соработките со многу домашни и регионални изведувачи, па нè интересираше како се родила идејата за ремикс на познатата песна „Магија“, во соработка со Јован Јованов:

„Сакавме и новите генерации да имаат можност да растат со хитовите со кои растев и јас, па така дојдовме до идеја да направиме преработка токму на ‘Магија’, една од најслушаните македонски песни во тоа време.“

Токму „Магија“ ѝ ја донесе главната награда на истоимената група во 1998 година на фестивалот „Макфест“, а случајно или не, наградата за најслушана песна на истиот фестивал минатата година им припадна на Пајак и Лара Иванова, за песната „Бела“.

„Оваа награда дефинитивно ми ја обележа 2023 година. Тоа е искуство што ќе го паметам засекогаш“, вели младиот музичар, кој во иднина би сакал неговата музика да ги премине границите на регионот и да стане позната во целиот свет.

Сепак, и покрај големите амбиции и успеси, Пајак најсреќен е кога поминува време со своето семејство и кога создава нова музика, со која ќе може да допре до публиката.

ПАЈАК НЕ МОЖЕ БЕЗ:

Гитара

Телефон

Слушалки

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА, GETTY IMAGES

ЛАРА ИВАНОВА: „Ми недостасува само малку повеќе време за сето тоа што планирам да го завршам во денот“
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.