ИВА КАЦАРСКА искрено за борбата со автоимуна болест: „Се гордеам кога се гледам во огледало“

Битка за нормален живот

Кога ја добила дијагнозата, Ива не ни знаела што значи зборот „автоимуно заболување“, но од самиот момент како да се разбудила од зимски сон и станала посвесна и попосветена на сопственото здравје

Веројатно никој не помислува дека автоимуно заболување би можело да му се случи токму нему, а Ива Кацарска се соочила со дијагнозата Морбус Крон на само 13 години. Станува збор за неспецифично хронично воспаление на тенкото црево, што се карактеризира со негово стеснување. Притоа, се појавуваат многу ранички и чирови на ѕидот на цревото, а се манифестира со повремени или трајни болки, проследени со многу празнења, лажни нагони за одење во тоалет и грчеви во абдоминалниот дел. Кога ја добила дијагнозата, Ива не ни знаела што значи зборот „автоимуно заболување“, но од самиот момент како да се разбудила од зимски сон и станала посвесна и попосветена на сопственото здравје.

Најтешко ми беше да ја пребродам операцијата

„Долго време не знаев што ми е, а имав огромни болки од 13 години, па сè додека не направив операција во април 2021 година, така што, ја прифатив болеста со раширени раце. Бев дисциплинирана, правев сè што ми советуваа, редовно одев на прегледи, ја земав терапијата и суплементацијата препорачана од гастроентеролог, но ништо не преземав околу исхраната. Не знаев што ми годи и каква храна треба да консумирам. Сè што ќе голтнев доведуваше до нова вечер помината со неподносливи грчеви во стомакот.

Најтешкиот момент ми беше операцијата, која мораше да се направи поради напад на тенкото црево, воспалено на минимум 10 места. Со операцијата, ми беше скратено тенкото црево, ми ставија три бајпаса и ми беа отстранети слепото црево и една циста. Голем стрес доживеав кога се разбудив по операцијата и видов дека имам огромен рез од горе до долу на стомакот, а ми кажаа дека сè ќе биде лапароскопски. Речиси цел месец бев во болница и ми требаше време да застанам на нозе, тоа најтешко ми падна психички. Бев исцрпена од целиот процес, имав само 22 години и не знаев што понатаму.“

Го сменив животниот стил

„Пред 10 години не знаев апсолутно ништо во врска со здравиот начин на животот. Но морав да стекнам подобри навики, за да го одржувам имунитетот, што е многу тешко кога станува збор за автоимуната кронова болест. Чекор по чекор, го пронајдов идеалниот животен стил за мене. По закрепнувањето од операцијата, решив 100 отсто да ѝ се посветам на промената на животниот стил и правилната исхрана. Ослабнав 15-17 килограми благодарение на секојдневната хидратација, правилната суплементацијата и балансираната исхрана.

Денес се чувствувам фантастично, конечно сум насмеана и среќна и имам здраво и вито тело од соништата. Не само што успеав да го постигнам идеалниот изглед за мене и да заборавам дека воопшто имам автоимуно заболување, туку сега можам и да им помогнам на сите оние коишто сакаат да му се посветат на своето здравје преку @iva_krasiva_diet_plan_ – инстаграм-профил за изработка на персонализирани програми за здрав животен стил и балансирани оброци.“

Благодарна сум за сè што ми се случи

„Овој животен предизвик навистина ме прероди. Добив мотивација за нов почеток и за позитивна трансформација. Секојдневно сум благодарна за сè што ми се случи. Да можам да го вратам времето, не би променила ниту еден ден, бидејќи верувам дека сè се случува во вистинското време, со причина и со можност за учење нова лекција. Останува да продолжам да ја практикувам оваа промена засекогаш. Моето тело денес слави! Се будам полна со енергија, подготвена за утринска прошетка, со чиста и блескава кожа. Се гордеам кога се гледам во огледало, бидејќи научив дека секојдневната доза на љубов кон себе и времето поминато со најсаканите се бесценети.“

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

„Малите цели ме водеа напред“: Инспиративна приказна на пијанистката Уршка Ристиќ за нејзината борба со ретка автоимуна болест
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.