„Им должев на следбениците да им откријам дека животот не е секогаш розов“: Емотивен разговор со Александра Шијакоска

Животен предизвик

Познатата инфлуенсерка и блогерка Александра Шијакоска (@aleksandrashijakoska) отворено зборува за најтешкиот предизвик што ѝ го постави животот по соочувањето со дијагнозата – тумор на мозокот

Животот е исполнет и со среќни и со тешки мигови, тоа е неминовно, но оние вторите некогаш се чинат толку сурови што не можеме а да не си помислиме зошто токму мене ми се случува ова. Во такви ситуации не ни преостанува ништо друго освен да се обидеме да извлечеме некаква поука и да продолжиме понатаму, похрабри и посилни од кога било претходно. Нè инспирира начинот на кој една од нашите најуспешни инфлуенсерки Александра Шијакоска се справува со нејзиниот животен предизвик откако ѝ бил дијагностициран тумор на мозокот. Во нашиот емотивен разговор, таа вели дека сè е минливо и дека еднакво се важни и убавите и лошите периоди за да научиме да го цениме животот.

Што те поттикна отворено да го споделиш целото твое искуство на социјалните мрежи?

Отсекогаш храбро и несебично сум споделувала сè што ми се случува во животот, а што сметам дека би му помогнало некому. На многу луѓе не им се допаѓаше тоа, па имаше секакви коментари. Имаше луѓе што од самиот почеток сфатија каква личност сум и растеа заедно со мене, се радуваа на секој мој успех, а имаше и такви што само бараа причина да плукаат по нешто. Приказната ја споделив за тие првите, што ме поддржуваат и сакаат, што не им е важно од каде доаѓам, што имам, што работат моите родители, на каков дијалект зборувам, со кого сум во врска, туку едноставно ја препознаваат мојата душа преку целиот мој труд овие неколку години. Им го должев тоа, им должев да знаат дека животот не е секогаш розов, напротив, најчесто е сив, ама и тоа поминува. Иако јас на мојот профил се трудев да ги прикажам само среќните моменти, а несреќните да ги туркам под килим и да не се жалам, дојде и таков момент кога неизбежно беше да се каже и сподели. Не само мене туку и на моите родители, семејство и пријатели ни требаше поддршка за да го преживееме тоа.

За оние што не се запознаени со твојата приказна, да почнеме од почеток…

Последните четири-пет години работам без престан. Немав време да размислам како се чувствувам и дали имам некаква болка. Си ветив дека на моето семејство ќе му овозможам сè и нема да дозволам ништо да му недостига, па така и беше. Работев напорно и конечно имавме сè што е потребно за достоен живот. Навикната сум на постојани животни удари, па така и гледав на сообраќајката што се случи пред една година. Си реков дека сигурно има причина за тоа, само трпение. Во сообраќајката имав неколку удари на главата и сите претпоставуваме дека тоа го „активирало“ туморот. Така почнаа главоболките. Траеја по неколку секунди и штом ќе ја сменев положбата на главата престануваа. Знаев дека нешто не е како што треба. Дури се убедам да направам магнетна слика, поминаа 8-9 месеци. Во истата секунда кога излегоа резултатите сфатив дека нешто не е во ред, но не очекував нешто толку големо. Кон средината на февруари ми беше откриен туморот. Потоа следуваа многу прегледи и консултации и најтешката одлука: каде и во чии раце да го ставам мојот живот. Речиси сите што ги погледнаа резултатите немаа голема надеж за мојот случај. Чудо беше како сум здрава и стојам на нозе со тој тумор во главата.

Како течеше досега твојот процес на лекување и што те очекува понатаму?

Процесот на лекување не течеше како што очекувавме и излезе многу потешко одошто бев подготвена. Ме очекуваат прегледи и контроли до крајот на мојот живот. Имам внатрешен дрен, па доколку ми се подобри ситуацијата, по три-четири години ќе можат да ми го извадат, но тоа значи уште една операција. Не знам дали тогаш ќе бидам подготвена за тоа. Нема да биде лесно, но не е нешто што не се издржува. Јас верувам во Господ и во тоа дека само тој одлучува уште колку имаме за живеење.

Дали отсекогаш си имала развиена свест за сопственото здравје?

Јас немав никаква свест за моето здравје. Одев на прегледи само кога беше алармантна ситуацијата. И кога ме боли нешто, знам да си истрпам и да не му кажам никому. И сега ќе беше така да не ми закажеа преглед. И ќе беше многу доцна за мојот случај. Затоа, не бидете како мене и одете редовно на сите прегледи. Сè што ќе се открие навреме, може да се спречи. Често знам да се пошегувам на моја сметка околу мојот ангел-чувар – замислете си во каква ситуација го доведов! Знаел дека никако не би одела на преглед за главоболка, па мораше да предизвика сообраќајка! J

Што ти падна најтешко во целата ситуација?

Најтешко ми падна тоа што ми се случи ова на оваа возраст. На катот во болницата јас бев најмлада и никако не можев да сфатам зошто јас, кога на таа возраст би требало да му се радувам на животот, можеби и да имам семејство, деца. Отсекогаш сум сакала да сум млада мајка… Сега сè во животот ми се пролонгира за неколку години. Никогаш не сум се плашела од смртта, во ниеден момент. Се плашев од тоа да не го живеам животот, а го живеев, сакав и бев сакана, имав сè што некогаш сум сонувала да имам, не жалев буквално за ништо. Па, си реков дека ако треба да си заминам од овој свет, ќе си заминам среќна.

Како изгледаат твоите денови сега? Кои навики и рутини ги практикуваш за да го зачуваш психофизичкото здравје?

На тоа ќе треба да поработам повеќе. Никако не можам да се задржам на една рутина, а тоа е клучно за моето здравје и иднина. Физичката активност и внимавањето на исхраната се исклучително важни за мене. Но сè уште сум премногу уморна. Многу брзо се заморувам, многу сакам да спијам, а со оглед на тоа што два месеца немав склопено око во болница и дома, мислам дека заслужив да си поспијам.

Како те промени целиот овој предизвик?

Не ме промени само мене туку сите околу мене. Пријателите не можеа да прифатат дека тоа ми се случува токму мене, покрај сè што поминав во животот и покрај сите добри работи што ги правев. Никогаш повеќе нема да бидеме исти, ниту јас ниту моите најблиски. Порано имав амбиции и цели. Сега, единствената цел ми е да преживеам, да бидам жива и здрава покрај блиските. Во една соба и со еден оброк, не ми треба ни голема куќа, ни плакар, ни поубав автомобил… ништо. Им должам на родителите и на дедо ми да остарат со мене и да бидам тука за нив.

Што би ги советувала оние што се соочуваат со слична состојба како твојата?

Прво ќе почнам од грешките. Јас се изолирав од сите блиски. Не сакав да ме гледаат слаба и повредена. Не сакав тие да бидат повредени. Имаше денови кога не сакав да им се јавам ни на родителите и буквално сите ги лишив од моето присуство. Сакав да заборават на мене и да им биде полесно еден ден. Тоа беше најголемата грешка. Дозволете да ви помогнат, побарајте и стручна помош. Со страв ништо не се постигнува, тоа што треба да се случи ќе се случи, сакале ние или не. Што и да ви донесе животот, прифатете го тоа смирено и бидете силни. Не само за вас туку и за сите блиски. Сè поминува во животот, и среќните и тешките моменти. Еднакво се важни и едните и другите за да знаеме да го цениме животот.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Храброста да се сподели сопственото искуство: Марија Б. Калпак се стреми да спаси што повеќе животи преку својата лична борба со канцерот
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.