СВЕТОТ ВО 2023-ТА „Трговијата, безбедноста и владеењето на правото одат заедно, не можете да имате едно без другите две“

Обединетото Кралство и Северна Македонија имаа многу блиска одбранбена соработка и сега се блиски сојузници во НАТО.

Разговор со Н.Е. Метју Лосон, амбасадор на Обединетото Кралство, за годишното издание Економист: Светот во 2023-та година.

Амбасадоре Лосон, назначен сте за британски амбасадор во Северна Македонија во летото 2022 година. Кои се вашите први впечатоци од Северна Македонија?

Ми беше голема чест што бев назначен за британски амбасадор во вашата прекрасна земја. Иако поминав многу време работејќи во други делови на западен Балкан, пред моето пристигнување тука, не ja имав посетено Северна Македонија. Бев изненаден од неверојатната топлина и гостопримство на луѓето и природните убавини на земјата. И, се разбира, од одличната храна и вино!

Моето семејство и јас тука го поминавме нашиот летен одмор веднаш по пристигнувањето и имавме можност да го посетиме античкиот локалитет Хераклеја (ќерка ми студира класични цивилизации на колеџ во Обединетото Кралство и беше многу возбудена што го посети местото, како и јас). Посетивме и лозје, и Градот на конзулите, Битола, го разгледавме музејот и присуствуваме на отворање изложба, поддржана од Британската библиотека, за фотографиите на браќата Манаки.

Со нетрпение ги очекувам божиќните празници, кога целото мое семејство ќе биде тука. Се надевам дека ќе одиме и на скијање.

Обединетото Кралство е силен поддржувач на реформската агенда на Северна Македонија и евроатлантските интеграции. Земјата го започна процесот на скрининг за пристапување во ЕУ и сега треба да преземе дополнителни идни чекори за да го продолжи својот пат. Кои се вашите размислувања за тоа што треба да се направи?

Мојот колега, евроамбасадорот Дејвид Гир, најдобро може да одговори на спецификите за тоа што треба да се случи и до кога. Но она што ќе го кажам е дека Обединетото Кралство цврсто ја поддржува Северна Македонија во нејзината намера да стане членка на Европската Унија, откако веќе успеа да стане полноправна членка на НАТО во 2020 година.

Мислам дека многумина од нас, кои ја поддржуваат Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ, сакаат да видат меѓупартиски консензус за клучните прашања, како што е промената на уставот. Но, исто така, и за пошироки реформи, особено за искоренување на корупцијата и зајакнување на владеењето на правото.

Ако луѓето немаат доверба во институциите, тогаш ќе ја напуштат државата. Ниту, пак, британските фирми ќе инвестираат: имаме строга антикорупциска легислатива во Обединетото Кралство, што значи дека секоја британска фирма која ќе биде откриена дека учествува во коруптивни практики каде било во светот, може да биде казнета според британскиот закон. Би сакал да го видам истото законодавство овде за локалните фирми, делумно како заштита на нашиот сопствен трговски и инвестициски однос со вас.

Една од најголемите билатерални трговски и инвестициски врски на Обединетото Кралство е со Северна Македонија, и тоа оваа година е во вредност од 2 милијарди фунти. Затоа, ви зборувам од позиција на амбасадор со значителни трговски врски кои сум заинтересиран да ги заштитам.

За членството во ЕУ, ако политичките партии во Северна Македонија сакаат да водат изборна кампања која се заснова на влез во Европската Унија и спроведување на потребните реформи во таа насока, тогаш треба да направат компромис кога станува збор за тие клучни реформи и да ги усвојат во Собранието.

Почнувајќи од уставните измени. Би им рекол на вашите читатели: судете ги политичките партии според нивните изборни ветувања, според нивните постапки. И барајте отчет од нив. Владата на Обединетото Кралство не може директно да интервенира; ова е ваша земја. Суверена земја. Но ние ќе работиме непосредно со вашите избрани претставници и со вашите институции за да го заштитиме интегритетот на вашите институции. А ќе ги посочиме и заканите кон тие институции доколку ги увидиме.

Со неодамнешните случувања во земјата поврзани со Агенцијата за национална безбедност и судството, меѓународната заедница беше многу отворена во поглед на справувањето со корупцијата во Северна Македонија, каков е ставот на Обединетото Кралство за тоа?

Обединетото Кралство силно ги поддржува транспарентноста, отчетот и независноста на клучните институции на оваа земја. Како сојузник во НАТО, бевме многу загрижени за доделувањето на македонско државјанство на Олександр Онишченко. Точно е дека одлуката се укинува. АНБ е важна организација со извонредни професионалци. Нивната работа е да ги заштитат демократските процеси и вредности на оваа земја, вклучувајќи го и демократскиот надзор на самата агенција. Затоа мислам дека треба да разбереме што се случи овде.

Како што кажа и самиот претседател Пендаровски, зачувувањето на интегритетот и независноста на институциите е апсолутно клучно. Она што ни треба, како партнери во НАТО, е да имаме доверба во институциите како што е АНБ; дека се следат протоколите за безбедност и разузнавање и дека самата организација не е компромитирана од несоодветно влијание, од каде и да доаѓа тоа. Понекогаш работите тргнуваат наопаку, институциите во секоја земја потфрлаат. Клучниот тест за силата на една демократска и правна држава е што ќе се случи следно; како демократските механизми за внатрешна контрола ја гарантираат отчетноста на институцијата.

Во мојата земја, веднаш би била спроведена истрага. Ако има докази за погрешно постапување, а гледано однадвор како НАТО-сојузник се чини дека имало, тогаш сите инволвирани треба да одговараат. Можеби, ако погледнеме на позитивната страна, тоа е можност да се променат некои работи на подобро.

Истото важи и за институциите на правдата; било да се тоа судовите, канцелариите на обвинителствата или царинската служба. Значи, да, загрижени сме од потребата за цврсто справување со корупцијата. Ова не е само проблем на актуелната влада. Ова е системски проблем кој бара системски одговор. Можеби политика на нулта толеранција.

Исто така, би рекол: чувајте се од популистите кои укажуваат на корупција, но не планираат ништо да направат околу тоа. Обично постои задна намера во желбата за власт. Затоа тестирајте ги сите политички партии кои тврдат дека тие се одговорот на корупцијата. Прашајте ги кои се нивните конкретни политики за справување со корупцијата.

Пред некој да помисли дека ова се зборови на еден амбасадор кој само мудрува седејќи удобно во неговата фотелја, дозволете ми да кажам дека перцепциите не се важни само за владите. Тие се важни и за инвеститорите, и за деловните луѓе. Дури и на пазарите на обврзници. Безброј британски бизниси ми кажаа дека нивната одлука да инвестираат е поткрепена од решителната посветеност на Северна Македонија да се приклучи на НАТО-алијансата.

Тоа, за нив, беше знак на доверба дека земјата е посветена на западните вредности; толку посветена што беше подготвена да се приклучи на најуспешниот воен сојуз во светот за да го брани. Значи, мојата порака е едноставна: трговијата, безбедноста и владеењето на правото одат заедно. Не можете да имате едно без другите две.

Северна Македонија е најголемиот трговски партнер на Обединетото Кралство на Западен Балкан. Како ја предвидувате иднината на трговските односи и дали има можности за продлабочување на трговската размена меѓу двете земји?

Ние сме многу горди на трговските односи, кои се дел од длабоката врска меѓу нашите две земји. Ова е моја втора мисија како британски амбасадор, но прва мисија каде што има толку значајни трговски односи. Сметам дека е неверојатно возбудливо што имаме таков ентузијазам од британските фирми да инвестираат и од македонските фирми кои сакаат да остваруваат бизнис со Обединетото Кралство. Вкупната трговија со стоки и услуги порасна 20,5 % на годишно ниво до крајот на март 2022 година, и моментално изнесува 2 милијарди фунти. Значи, точно е, податоците ни кажуваат дека со сигурност има можности и дека британските и македонските фирми ги наоѓаат.

Како амбасада ние сме неверојатно фокусирани на тоа да ги поддржиме. Овде, на пример, имаме британски деловен клуб и се надеваме дека наскоро ќе стартуваме со нова Стопанска комора Обединето Кралство – Северна Македонија. Гледаме интерес во сите видови сектори, од екстрактивни производи до зелена енергија до стоки за широка потрошувачка и храна и вино.

Едно од вашите најпознати вина се продава во Маркс и Спенсер низ цела територија на Обединетото Кралство. Ние сме многу горди на тоа и се надеваме дека и вие сте горди: постои културна врска која доаѓа од трговијата што е од корист за двете наши земји. Има дури и програма за македонски јазик на еден од нашите врвни универзитети.

Обединетото Кралство и Северна Македонија имаа многу блиска одбранбена соработка и сега се блиски сојузници во НАТО. По годинешната воена вежба „Брз одговор 22“ на воениот полигон Криволак, тековните обуки и поддршката, кои се идните планови за одбранбената соработка меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија?

Горди сме што стоиме рамо до рамо со вас како партнери и сојузници на НАТО во најголемиот и најуспешен воен сојуз во светот. Ние сме многу благодарни за регионалната улога што ја играат вооружените сили на Северна Македонија, на пример во мисиите во Босна и Херцеговина (Операција Алтеа) и Косово (како дел од КФОР), како и за заедничките вежби одржани на Криволак во текот на годината и за активното усогласување во надворешната политика; на пример за резолуциите во Обединетите нации и конкретно за работата која конкретно се однесува на НАТО.

Работиме во партнерство со вооружените сили на Северна Македонија за да дадеме поддршка во подготовката на вашите војници за НАТО-операции во иднина и во насока на обезбедување на практична поддршка на програмата за модернизирање на вашата воена опрема. Работиме заедно со другите меѓународни сојузници со цел да се погрижиме дека нашиот пристап е комплементарен. Дел од ова е и нашата поддршка на обновување на полигонот Криволак и тимовите за обука од британската армија кои редовно доаѓаат да тренираат и да ги изградат способностите на нивните колеги од вооружените сили на Северна Македонија.

Исто така, испраќаме некои од вашите најперспективни млади офицери на нашите курсеви за обука на офицери во Сендхерст. Задоволство ми е да кажам дека штотуку дониравме дополнителна опрема за вооружените сили на Северна Македонија, но ќе и дозволиме на нејзината екселенција министерката Петровска да го објави ова! Накратко, тоа претставува значаен фокус на нашата амбасада и важна област за соработка која станува се посилна.

Руската инвазија на Украина се одрази на Европа, на безбедноста и стабилноста на континентот. Каков беше одговорот на Владата на Обединетото Кралство и кои се вашите размислувања за тоа како ќе се развиваат работите?

Незаконскиот и неиспровоциран напад на Русија врз Украина беше пресуден момент за европската безбедност. Она што го видовме беше неиспровоциран, однапред смислен и варварски напад врз суверена демократска држава. Тука нема среден пат.

Нема друг начин да се опише. Ние сме апсолутно обединети со нашите сојузници во НАТО, вклучувајќи ја и Северна Македонија, во осудувањето на дејствата на руската влада кои заслужуваат осуда, а кои претставуваат екстремно кршење на меѓународното право и Повелбата на ОН.

Како слободна и демократска земја, Украина има право сама да ја одредува својата иднина. А за да ја гарантираме безбедноста и одбраната на сите наши сојузници, ќе продолжиме да работиме заедно за да се осигураме дека Русија не може дополнително да ја поткопа европската стабилност. Народот на Украина е во нашите срца и мисли во овој ужасен момент од историјата на нивната нација.

За тоа каков беше одговорот на владата на Обединетото Кралство, со гордост можам да кажам дека Обединетото Кралство направи сè што е во негова моќ за да ѝ помогне на Украина. Вкупната сума која Обединетото Кралство ја одвои во форма на грант за помош за Украина сега изнесува вкупно 394 милиони фунти, вклучувајќи ги и 220 милиони фунти хуманитарна помош – што го прави Обединетото Кралство како водечки билатерален хуманитарен донатор за Украина.

Заедно со нашите сојузници нашата намера е да ја натераме Русија да ја плати цената за својата брутална агресија – и ја демонстрираме силата на нејзиното противење од нашите европски и меѓународни партнери. Важен дел од одговорот на Обединетото Кралство беше воведувањето на најголемиот и најтешкиот пакет-санкции што некогаш биле наметнати на Русија, односно на која било голема економија од овие рамки.

Ќе продолжиме да ја поддржуваме украинската влада, која е соочена со овој напад врз својот суверенитет и територијален интегритет и горди сме на нашето блиско партнерство со Северна Македонија, особено во контекст на фактот што вашата земја ќе го преземе Претседавањето со ОБСЕ во 2023 година.

Текст: Економист: Светот во 2023-та

 

Коментарите се заклучени.