Гучиманија: Сите лудуваат по „Гучи“!

Феномен

Филмот за семејството Гучи се заканува да стане еден од најгледаните последниве неколку години, а контроверзиите што ја следат оваа возбудлива приказна предизвикаа уште поголема побарувачка за вонвременските парчиња на славниот моден бренд.

„Куќата на Гучи“, филм во кој главните улоги ги толкуваат Леди Гага и Адам Драјвер, предизвика незапаметен интерес во јавноста уште пред премиерата.

Контроверзната приказна за Маврицио Гучи и Патриција Реџани, во режија на славниот Ридли Скот, предизвика скок на продажбата на парчињата на модниот бренд „Гучи“, основан од страна на Гучо Гучи, дедо на Маврицио, во 1921 година.

Иако таткото на Гучо бил кожар, тој не сакал да се занимава со таа работа и се преселил во Лондон и во Париз, каде што се издржувал миејќи садови и служејќи, а подоцна бил рецепционер во хотелот „Савој“. Го набљудувал стилот на славните и богатите и стекнувал важни контакти, а потоа се вратил во Тоскана и ја основал модната куќа „Гучи“ во Фиренца.

Во 40-тите години на минатиот век им станал миленик на голем број славни дами кога го смислил првото кожено чантиче со рачка од бамбус. Неговиот внук, Маврицио Гучи, стана претседател на модната куќа во 1989 година. Филмот се темели на неговиот брак со Патриција Реџани, со која има две ќерки, а која ја остави во 1985 година.

Пет години подоцна, почнува врска со Паола Франки, пријателка од детството, во време додека чека да се официјализира разводот со Патриција. Но неговата трагична смрт му ги расипува плановите – убиен е во 1995 година, а Патриција е обвинета за убиството.

Според обвинението, таа најмила платен убиец за да го спречи Маврицио да се ожени со Паола и да загуби половина од имотот на својот сопруг.

Во затвор помина 18 години, а ослободена е во 2016 година. Но ова не ја спречи модната империја да расцути уште повеќе. Планетарниот успех брендот го доживеа токму во периодот од 1994 до 2005 година, кога местото на креативен директор го зазеде Том Форд.

До денес, куќата „Гучи“ го држи статусот на една од најпрофитабилните италијански модни куќи.

Текст: Н. Човиновска

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.