Генијален совет на Опра Винфри за успех: Кога животот ќе стане тежок, мора да си го поставите ова прашање!

Мудри зборови

Таа сигурно знае како се доаѓа до успехот

Опра Винфри има совет што секој мора добро да го запомни.

„Дали некогаш сте погледнале некоја стара слика и сте се почувствувале како да сте се вратиле наназад низ времето – до таа мера што сте можеле да ја почувствувате на себе облеката што тогаш сте ја носеле?

Има една моја фотографија, направена кога сум имала 21 година, што ми буди токму такво чувство. Здолништето што го носев чинеше 40 долари – повеќе одошто дотогаш сум потрошила на некое парче облека – но ја купив за своето прво интервју со голема славна личност: Џеси Џексон.

Држеше говор во локално средно училиште, порачувајќи им на учениците: ’На дрогата кажете ѝ не, за надежта да опстане!’ – а јас добив задача да известувам за тоа. Шефот не сметаше дека тој настан е вреден за да се прави репортажа за него, но јас инсистирав (добро, го молев) уверувајќи го дека ќе донесам приказна достојна за ударните вести. И тоа и го направив.

Сакав да ги раскажувам приказните на другите луѓе, да ја извлекувам вистината од нивното искуство и да ја дестилирам во мудрост што би можела да информира, да инспирира или да му послужи некому. Сепак, ако се колебав пред првата пречка и се откажев од таа приказна, никогаш не би била таму каде што сум сега.

Ако тогаш го знаев тоа што го знам сега, никогаш не би потрошила ниеден момент сомневајќи се во мојот пат.

Без оглед со каков предизвик се соочувате, мора да имате предвид дека вие ја држите четката додека платното на вашиот живот се отсликува со секојдневни искуства, постапки, реакции и емоции. Да го знаев тоа кога имав 21 година, ќе се поштедев себеси од многу страдања и сомнежи. За мене, беше откровение кога сфатив дека сите ние сме сликари на сопствените животи – и дека можеме да користиме бои и потези со четката колку што сакаме.

Според тоа, кога животот ќе стане тежок, најдоброто што можам да го направам е да си поставам себеси просто прашање: Што треба да ме научи ова?

Благослов е кога ќе успееш да ја преживееш секоја неволја, кога одиш понатаму чекор по чекор, кога си во состојба да се искачуваш на планината на животот, знаејќи дека врвот и понатаму стои пред тебе. Секое искуство е драгоцен учител.

Не постојат тешки период, само периоди што нѐ учат нешто. Секоја пречка е тука со причина и нѐ води кон крајната дестинација.

Сите имаме мигови кога тонеме ниско, што од нас бара да станеме и да знаеме кои сме. Кога ќе ви се распадне бракот, кога ќе ја изгубите работата што ве дефинирала, кога луѓето на кои сте сметале ќе ви го свртат грбот, несомнено е дека треба да го промените начинот на кој размислувате за некоја ситуација за да ја подобрите.

Со сигурност знам дека сите наши препреки имаат свое значење. Разликата помеѓу успехот и стагнирањето лежи во отвореноста да научиме нешто од тие предизвици.“

„Жената мора да ја знае својата цена, но никогаш не смее да ја каже“: 20 мудрости на едната и единствена Шерон Стоун!
Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.