Дали успевате да најдете нешто негативно во сè што ви се случува? Време е да се запрашате дали среќата е состојба или избор!

Колумна

Што е среќа? Состојба или избор?

Ви се случило ли да ви се јави најдобрата пријателка со надеж дека ќе ја разведрите, но по разговорот и двете сте паднале во депресија? Кон крајот на минатиот месец поминав низ период кога имав негативен став буквално кон сите аспекти од животот и бев последниот човек на светот кому треба му се јавите ако ви треба утеха (извини, Јуле).

Сè е толку неизвесно!

Знаете како велат дека треба да наоѓате нешто позитивно во секоја негативна ситуација? Епа, мене ми успеа токму спротивното: да го најдам негативното во сè што може да се смета за позитивно во мојот живот. Не само што ми успеа – станав шампион за тоа! Живеам во убав стан – да, но не е мој, плаќам кирија секој месец. Го работам тоа што го сакам – да, но имам и многу одговорности и не можам да договорам дружба со пријателите во секое време, кои се послободни од мене. Моите најблиски се живи и здрави, но не можам да ги гледам толку често и без страв поради целава ситуација со ковид-19. Некако почнав да чувствувам дека сè ќе се смени за некој месец, дека сè е многу неизвесно и дека ништо не можеш да испланираш.

 

Чувството на неизвесност е природно, но кога ќе те обземе станува деструктивно, бидејќи мислиш дека сè што правиш е бесмислено. Секој влог е неисплатлив и секој труд е бесполезен. Се чувствуваш беспомошно и неутешно, без разлика колку мотивациски видеа ќе изгледаш, колку инспиративни цитати ќе прочиташ и колку охрабрувачки зборови ќе слушнеш. Ништо не може да ти помогне. И одеднаш животот се претвора во рутина, секојдневното функционирање станува механичко, а будењето сè потешко и потешко.

Лесно е да ѝ се препуштите на судбината, но…

Кога сум во вакво „шашаво“ расположение, неретко си ја пуштам ТВ-серијата „Фрејзер“ од 1990-тите. Ликовите знаат да ме насмеат, а и секогаш извлекувам понекоја поука од нивните згоди и незгоди. Во една од епизодите, нивниот миленик, кучето Еди, паѓа во депресија, па решаваат да го однесат на психијатар за кучиња. Заклучокот од сесиите е дека кучето е депресивно затоа што ја чувствува негативноста на некој од ликовите, па Фрејзер и компанија почнуваат интензивно да се преиспитуваат себеси и одеднаш секој од нив наоѓа еден куп причини зошто неговиот живот не чини.

Интересно е тоа што никој од ликовите воопшто немаше ни да помисли дека е депресивен ако не почнеше да бара причини за својата депресија. Колку повеќе размислувате за нештата, толку повеќе почнувате да им наоѓате мани. А најлошото е тоа што ако не излезете навреме од овој маѓепсан круг на негативни мисли, почнува да ви станува удобно во него. Пријатно ви е да си седите и да се муртите во вашето мало песимистичко катче, бидејќи тоа од вас не бара апсолутно никаква акција! Лесно е да ѝ се препуштиш на судбината. Многу потешко е да преземеш контрола и да направиш нешто во врска со тоа.

Па, што е среќа?

Освестувајќи се дека среќата е избор, а не природна состојба, наместо да планирам, решив да уживам во моментот и вотоа што го имам сега. Конечно ги заменив овенатите растенија во станот и купив нови, без да мислам на тоа дека можеби ќе се преселам од таму за еден месец. Добро, не баш без да мислам на тоа, ама без да ми пречи таквата помисла. Тоа беше само првиот мал чекор, кој навистина направи да се чувствувам подобро.

Не ви докажав за Еди. Кутрото кученце излезе дека е депресивно затоа што ја изгубило својата омилена играчка, а не поради тоа што некој од ликовите му шири негативна енергија. А кај мене излезе дека лошото расположение било предвесник за „оние“ денови од месецот.

Како што вели Фрејзер:

„Дури и најсреќните луѓе можат да најдат причини за да бидат несреќни, ако ги бараат. Па, не барајтеги! Животот е премногу краток за да размислуваме за секоја пречка на патот. Обидете се да најдете задоволство во малите нешта. Накратко, изедете колаче!“

Пишува: Марија Лукаревска

ФОТО: GETTY IMAGES

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.