9 грешки во готвењето поради кои јадењата ви го немаат посакуваниот вкус

Трикови на врвните мајстори

Дали секојпат внимателно ги следите рецептите, но неретко јадењето е премногу тегаво, не ги чувствувате зачините и, генерално, не е како што сте си замислувале?

Тогаш можеби правите некоја од следниве грешки:

Премногу го мешате тестото кога правите американски палачинки

За разлика од „обичните“ палачинки, во т.н. американски палачинки се додава прашок за печиво. Овој прашок помага во создавањето меурчиња воздух во тестото поради што палачинките се помеки и повкусни.

Ако го матите тестото предолго, ќе го намалите бројот на меурчиња, па палачинките нема да ја добијат посакуваната текстура.

Покрај тоа, претераното матење го поттикнува ослободувањето глутен од состојките, а поради ова палачинките можат да ви се тегнат.

Храната ја солите многу блиску?

За рамномерно да ја посолите храната, држете го соларникот на поголемо растојание од чинијата.

На овој начин истото количество сол ќе падне на поголема површина од храната и нема да ја пресолите.

Не го запржувате оризот пред да го сварите или испечете

Пред да додадете вода во оризот, без разлика дали за варење или печење, препорачливо е да го запржите за подобро да ги впие вкусовите од зачините.

Во тава ставете малку масло, па ставете го оризот со зачините и пржете додека да добие светла кафеава нијанса.

Потоа само ставете го во садот за готвење, додајте сол и испечете го или сварете го како вообичаено.

Не ги загревате тавата и маслото пред пржење

Ако не почекате да се загрее маслото пред да почнете со пржење, храната ќе впие голем дел од маслото и не само што ќе биде помрсна, туку ќе има и полош вкус.

Препорачливо е прво да почекате минута-две да се загрее само тавата, па да го додадете маслото. Откако ќе се загрее и маслото, дури тогаш додајте ја храната.

Користите иста шпатула за сите јадења

Постојат разни видови шпатули направени од разни материјали, и тоа со причина. На пример, силиконските шпатули се најдобри за мешање меки и влажни состојки, како тесто.

Кога правите месо, избегнувајте да користите дрвени шпатули бидејќи лесно ги „впиваат“ бактериите и може да ви биде тешко да ги исчистите темелно.

Кога правите омлет, палачинки и слично, превртувајте ги со малку заоблени шпатули. На овој начин храната што ја превртувате речиси сигурно ќе остане цела.

Ги игнорирате разликите помеѓу сувите и свежите зачини

Ако користите суви зачини, препорачливо е да ги додадете на почетокот од готвењето. Вака ќе имаат време да омекнат и да ги ослободат вкусот и аромата. Ако ги додадете на крајот, нема да го постигнете истиот ефект.

Кога користите свежи зачини, секогаш е подобро да ги додадете кога сте при крај со готвењето.

Го сечете путерот на коцки наместо да го изрендате

Ако правите тесто во кое треба да додадете путер, но не растопен, значително ќе си го олесните месењето ако го изрендате путерот.

Премногу го гмечите меленото месо

Ако претерате со „месењето“ на меленото месо, на крај ќе добиете тегаво месо кое е тешко за џвакање.

Најдобро е да ги измешате зачините и меленото месо во сад со лажица, а со рака само да го оформите пред готвење.

Ако, пак, правите бургери или ќофтиња, немојте да ги притискате додека ги готвите. Со ова само ќе ги истиснете соковите и ќе добиете суво месо.

Не го миете оризот пред готвење

Ако не го миете оризот, без разлика дали ќе го варите или печете, тој ќе стане леплив поради скробот.

Важно е да го миете оризот додека водата што излегува од него не стане целосно проѕирна – тоа е знак дека сте го отстраниле целиот скроб од неговата површина.

Фото: Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.