Бегство за викенд: Топ 3 дестинации за неколкудневно патување што нема да ви го испразнат буџетот!

Предлози за патување

Која земја би ја додале на листава?

Ви предлагаме топ 3 дестинации за кратко неколкудневно патување, кое нема да ви го испразни буџетот, а ќе ве наполни со впечатоци…

Краков – Град со приказна

Поранешната престолнина на Полска е прекрасен град што раскажува посебна приказна на секој чекор. Претставува совршен микс на историски знаменитости, ресторани со прифатливи цени, музеи, кули и интересни продавници. Краков е одлична дестинација доколку се надевате да најдете евтино сместување и богата култура. Секогаш можете да заштедите ако си земете ручек од многуте улични штандови за неколку евра, а нема да ве чини многу и ако сакате да ги посетите познатите туристички атракции, како што се катедралата Света Марија и кралскиот замок Вавел. Задолжително прошетајте го и стариот дел од градот, каде што се наоѓа најголемиот средновековен плоштад во Европа. Неверојатни катедрали, тесни и камени улички, шармантни кафулиња, возење со кочија и стотици години стара историја – сето тоа можете да го доживеете во Краков.

Будимпешта – Дамата на Европа

Унгарската престолнина важи за еден од најатрактивните градови во светот. Будимпешта ги заведува посетителите со својот историски гламур. Од неверојатни уметнички фасади во стилот на „арт нуво“ до фасцинантна барокна архитектура, улиците се преполни со фотогенични катчиња, чиј одраз се рефлектира во реката Дунав, која го дели ридестиот, историски Будим од живописната Пешта. Има толку многу работи што можете да ги правите во овој град што еден викенд нема да ви биде доволен, но можете да успеете да ги видите најважните локации. Будимпешта е волшебна сама по себе, а ако одберете пикник во градскиот парк или велосипедска тура низ градот, тоа нема да ве чини многу. Не пропуштајте да се напиете пиво во некој од „разрушените“ барови, а ако сте за порелаксирачко искуство, главниот град на Унгарија е познат по своите термални бањи.

Фиренца – Лулка на уметноста

Иако не е најевтината дестинација во Европа, посетата на волшебната Фиренца несомнено ќе ви се исплати. Совршена е за романтичен мини-викенд или за едукативна прошетка со децата, бидејќи целиот град е како своевиден музеј, со сета своја прекрасна архитектура и импресивни атракции. Фиренца е домот на повеќето ренесансни ремек-дела и изобилува со висока култура, опера, класична музика и врвни вина. Погледнете ја познатата статуа „Давид“ на Микеланџело, потоа восхитувајте им се на делата на големите италијански уметници, како Ботичели и Да Винчи во галеријата „Уфици“. На зајдисонце, прошетајте се покрај реката Арно, каде што можете да пробате вкусни аперитиви, па качете се на кулата на Палацо Векио за да уживате во незаменливата глетка на градот.

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: Carmian/RossHelen/baratroli/iStock via GETTY IMAGES

ПОКРАЈ БУДИМПЕШТА: 3 топ-дестинации во Унгарија што се вредни вашето внимание
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.