ДОБРО Е ДА СЕ ЗНАЕ: Што ни дарува шумата во август

Ова е последниот месец во годината кога можете да се снабдите со билки во кои токму сега се наоѓаат максимум корисни супстанции.

Билката врес ја среќаваме во шуми и во мочуришни предели. Таа е убава повеќегодишна зимзелена грмушка, украсена со мали црвенкасти цветови.

Вресот (лат. Calluna vulgaris) е долговечна билка, па при собирањето на суровината треба внимателно да се однесуваме спрема него. Лековите се цветчињата со мал дел од гранката на која растат.

Се сечат со ножички, водејќи сметка за тоа да не се оштети остатокот од билката. Суровината се суши во рерна и во специјални сушилници, на температура до 40 степени, а се чува во картонска амбалажа до две години.

Официјалната медицина во Европа го признава вресот, кој се користи за лекување болести на бубрезите, зглобовите и нарушувања на централниот нервен систем, додека традиционалната руска медицина го препорачува за лекување гихт, туберкулоза и трофички улкуси (чиреви).

* Чаевите од врес се ефикасни кога се користат надворешно – за уртикарија, фурункулоза, псоријаза, но и за плакнење при болести на усната празнина.

* Одварот се препорачува како нежен диуретик во случај на болести на урогениталниот систем.

ОБИЧЕН БУТРАК

Оваа билка почнува да се собира на самиот почеток на цветањето, бидејќи бутракот (лат. Bidens tripartita) со зрело семе има послаби лековити својства. Расте главно на влажни места, покрај брегови на реки и по мочуришта.

Целиот надземен дел на билката се смета за лековита суровина. Погодно е да се отсечат мали снопови со цветови и ливчиња, веднаш да се врзат со коноп и да се исушат на сенчесто и проветрено место. Готовата суровина може да се чува две години во хартиени ќеси.

* Одвари од бутрак може да го нормализираат притисокот, да ги подобрат метаболичките процеси во организмот и да ги отстранат вишокот течности.

* Од памтивек до денес бутракот е незаменливо средство во борбата со кожните проблеми, особено кај децата. Ублажува јадеж, исип и дерматитис.

 

ЗИЗИФОРА

Оваа повеќегодишна полугрмушка се наоѓа на отворени сончеви места. Широко е распространета во Русија. Доколку ја набавите, ќе имате драгоцена корист. Нејзините виолетови цветчиња се распоредени на краевите на фиданките, а самите фиданки и листови се покриени со кадифени влакненца.

Лековити се цветовите на зизифората (лат. Ziziphora) на почетокот на цветањето, а оние во кои е формирано семето веќе не се погодни. Цветовите би требало да се исечат со градинарски ножици и веднаш да се стават во платнена вреќа.

Се сушат распослани на температура до 40 степени. Готовата суровина брзо ги губи лековитите својства, така што се чува најмногу една година.

Истражувањата ја потврдиле ефикасноста на зизифората при лекување срцеви заболувања, особено оние што се поврзани со висок крвен притисок, а одварот од оваа билка помага во случај на слабости на срцевиот мускул и стенокардија (ангина пекторис).

ГАГАМИЈА

На влажна мочуришна земја се јавува уште една извонредна билка – гагамија (лат. Lycopus europaeus). Се собираат нејзините врвови со цветови не подолги од 15 см и се врзуваат во снопови. Суровината се суши на температура не повисока од 45 степени, инаку може да исчезнат сите лековити својства. Се чува во картонски кутии до две години.

* Богатиот состав на оваа билка уште не е во целост проучен, но веќе со сигурност можеме да кажеме дека е многу ефикасна во случај на заболувања на штитната жлезда, бидејќи го забавува процесот на производство на вишок хормони, доведувајќи ги во нормална состојба.

* Во народната медицина гагамијата се користи за лекување фебрилни состојби со висока температура и кашлица. Еднакво е ефикасна и како аналгетик, хемостатик и диуретик. Одвари од неа помагаат при дијареја.

МАЧЕ ТРЕВА

Расте на светли шумски ливади, формирајќи впечатливи повеќегодишни цветни леи. Лековит е целокупниот надземен дел на билката, но подобро е да се исече горната третина од грмушката со листовите, стебленцата и пршленестите цветови. Суровината веднаш се врзува во метлички и се суши во висечка положба.

* Чајот од маче трева (лат. Clinopodium vulgare) се препорачува во случај на главоболка, кашлица и тешко дишење, болести на горните дишни патишта и дијареја.

* Облоги од оваа билка намалуваат повреди, модринки и отоци.

Текст: Руски доктор

Фото: Getty Images

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.