Љупка Ѓоргиевска: Успеав да изградам среќно семејство и професионално да се реализирам себеси како што секогаш посакував

Приказна за успехот

Отсекогаш ни служеле како инспирација жените што имаат визија и што не се плашат да сонуваат. Со какви впечатоци ја завршува 2023 година, за што размислува и како ја замислува иднината – одговара Љупка Ѓоргиевска, која несомнено ќе ве инспирира и вас.

Денес е помошник на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје, а веќе 15 години е на раководна позиција. Кариерата ја гради со многу труд и посветеност, соочувајќи се низ годините, со предизвикот како да воспостави рамнотежа меѓу приватниот и професионалниот живот. Во ова издание, со Љупка Ѓоргиевска разговараме за нејзината приказна на успехот.

Кој е моментално најголемиот професионален предизвик со кој се соочувате?

Банкарството е исклучително динамична индустрија и, за нас банкарите, секој ден е нов професионален предизвик. Ако треба да издвојам само еден, би рекла дека во моментов најактуелен предизвик со кој се соочуваме е процесот на дигитална трансформација. Земајќи ги предвид брзината и динамиката со кои се развиваат новите технологии, развојот на новите современи дигитални услуги станува се покомплексен процес и бара континуирано учење, постојани промени и прилагодувања. Истовремено, се соочуваме со засилени ризици на полето на сајбер-безбедноста, па наша задача е паралелно да им обезбедиме и заштита на нашите корисници за безбедно користење на дигиталните сервиси.

Што повеќе треба да се направи за да се зголеми бројот на жени на раководните позиции во корпорациите?

Кога зборуваме за жени на раководни позиции, сметам дека сè уште функционираме во општество во кое жените се исправени пред повеќе и поинакви предизвици од мажите. Се очекува жената да биде супермајка, суперсопруга, супердомаќинка… а очекувањата во суперлатив се генерално поставени и во професионалниот ангажман. Сметам дека голем дел од ваквите размислувања се резултат на воспоставените општествени норми и очекувања. И токму тоа е полето на кое сите треба да работиме, да ги искорениме овие длабоко втемелени сфаќања и предрасуди, отворено да зборуваме во интерес на  родовата еднаквост и еднаквите  можности за секого.

Што е потребно за да се воспостави балансот помеѓу кариерата и семејството?

Голема посветеност, силна амбиција, несебично вложување, жртвување на личните потреби за сметка на семејството и работата. Кај мене лично, менаџерската позиција се случи спонтано и постепено, таа никогаш не ми била ултимативна цел. Напредувањето дојде како резултат на напорната работа, посветеноста и високот степен на ангажираност. Имав среќа да работам во компанија во која родот не игра улога при унапредување на вработените, туку промоциите се базираат на вистински вредности. Од друга страна, имав среќа што моето семејство секогаш ми беше столб и поддршка, за што искрено сум многу благодарна.

Која е најголемата промена што ја имате доживеано на професионален и личен план годинава?

Отворената комуникација. Да не бидам погрешно разбрана, не е ова нешто што претходно не ми било практика, промената всушност е во осознавање на вистинските вредности на она што навидум се подразбира само по себе. Колку и да е очигледно дека добрата комуникација е составен дел на секој успех и добри меѓучовечки односи, сметам дека го занемаруваме нејзиното значење, или пак често се плашиме да зборуваме целосно отворено. Само со директна, отворена и искрена комуникација можеме навистина да се разбереме меѓу себе, да избегнеме конфликти, да ја подобриме соработката и меѓусебната доверба.

 

НАЈВАЖНИТЕ ЛЕКЦИИ

Кога ќе погледнете наназад, на што сте најмногу горда?

Искрено, горда сум на сама себе, на постигнатиот успех и баланс, горда на својата упорност и отвореност да ги прифатам сите предизвици. Успеав да изградам среќно семејство и професионално да се реализирам себеси онака како што секогаш сум посакувала. И кога размислувам дали има нешто што би променила или би ѝ порачала на помладата ЈАС, само би ѝ честитала на храброста и самоувереноста со која чекорела напред.

Дали времето е најголемиот луксуз во денешницата?

Дефинитивно да, можеби ќе звучи како клише, но кога денот би траел 25 часа, повторно би ми фалел некој час 😊. Но тоа верувам не е случај само со мене. Сигурна сум дека сите сме во трка со времето, со потребата да завршиме сè навреме, да одговориме на сите барања, да најдеме време за добра дружба… Времето навистина стана луксуз, и затоа треба да го цениме секој квалитетно поминат час.

 

Како да се амортизира стресот кој се таложи како резултат на брзото секојдневие?

Не постои универзален рецепт, секој треба да го пронајде сопствениот начин на релаксирање, нешто што го исполнува и го прави среќен.

Тоа би била и мојата порака, да се живее животот според сопствени убедувања, избирајќи да го работиме она што нас нè прави среќни и она во што ние уживаме.

Разговарала: Јована Стојменовиќ

Фото: приватна архива

* Фотосесијата е направена во салоните на KARE Македонија и Smart Living

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.