Образование на иднината: Посветени на младите умови и нивното патување низ образованието

Светот во 2024-та

Интервју за годишното издание на престижниот Економист со д-р Венера Крлиу, вонреден професор, продеканка за настава на Универзитет Американ Колеџ Скопје и директорка на Американската Гимназија Скопје.

Веќе 18 години наназад, УАКС овозможува високо образование со врвен квалитет, со кое младите луѓе од земјата и надвор стануваат професионално профилирани и подготвени за да го применат своето стекнато знаење на пазарот на труд. АГС, иако е помлада образовна институција, одлучно ги почитува и применува начелата на квалитет во средното образование, но и активно учествува во секој дел од животот на нејзините ученици и се грижи за нивната добросостојба.  

Вон. проф. д-р Венера Крлиу, продеканка за настава на Универзитет Американ колеџ Скопје и директорка на Американската гимназија Скопје

Каков пристап кон образованието имаат Универзитет Американ Колеџ Скопје и Американската Гимназија Скопје?

Образованието треба да е модел кој ќе им овозможи академско ниво на знаења на младите луѓе, но воедно ќе ги подготви и полесно да го направат преминот од академскиот кон професионалниот контекст, поуспешно да почнат да градат кариера и да зачекорат кон себеостварување. Затоа, ние на УАКС ги учиме студентите како да ги следат своите сништа и да не отстапуваат пред пречките, ги охрабруваме да останат свои и да веруваат во себе, и навистина ги негуваме нивните соништа и амбиции.

Низ тоа патување, УАКС не функционира на ниво на декларативни пароли и инспиративни пораки, туку со вистински интегрирана современа едукација, која се базира на внимателно и посветено долгогодишно градење знаења, вештини и методи, соодветни на пазарот во кој дејствуваме, светот во кој живееме и предизвиците што нѐ очекуваат.

Наш предизвик, како професори и ментори, е да ја препознаеме индивидуалноста кај секој студент и да му помогнеме да се пронајде себеси. Ги учиме студентите на проактивност, иницијативност, смелост, претприемничко размислување, личен влог во општеството и државата, еден поинаков пристап кон светот во кој тие ќе се реализираат себе си како вистински чинители на заедницата и ќе станат личности што носат промени. И секако, наша врвна цел е не само да му понудиме на младиот човек да заврши образование и да се вработи, туку и да биде среќен и задоволен, горд сам на себе и на своите постигнувања.

Една од основните вредности што сакаме да ја вгнездиме кај студентите е етичкиот пристап во работењето, социјалната посветеност, хуманоста и враќањето кон заедницата. Научените факти и вештини се само празно знаење ако не се збогатат со љубов, пожртвуваност и филантропска активност, искрена потреба да се помогне некому. Затоа, посебно се гордееме на интересот и посветеноста кон социјалното претприемништво на нашите студенти, донациите што ги организираат, помошта што несебично ја овозможуваат и целокупната нивна решеност да го променат светот. Би биле изненадени кога би слушнале колку добри и големи идеи имаат младите уште додека се во средно училиште, колку се способни да направат големи чекори и колку се храбри кога почнуваат сопствени бизниси и стануваат успешни во своите рани 20-ти години. Треба да учиме од нив, навистина.

 По што се издвојува УАКС од другите универзитети?

Кога размислуваме за тоа што значи образованието денес и што навистина сакаме да им понудиме на младите луѓе, ние на УАКС почнуваме од местото што за другите го означува крајот на студирањето – што откако ќе стекнете диплома. За нас најважно прашање е колку им значи нашата диплома на студентите и што навистина може да добијат со неа. Сите го знаеме тоа чувство на неизвесност, возбуда и страв од непознатото, од иднината, од отворените можности и изложеноста на неуспех. Позната е тремата кога одите на некое ново место, гледате непознати лица, тропнувате на нечија врата, и иако во рака ја имате дипломата, и иако во себе ги имате знаењата, вештините, високите оценки, се соочувате со паника, страв. И токму тоа чувство е она што ние на УАКС сакаме да го промениме.

Образованието на УАКС не е само пренесување знаења, вештини и способности, туку и пракси, стажирања, работни задачи во вистински компании, проекти и вмрежување. На студентите им ги отвораме вратите насекаде, од мали невладини организации до големи корпорации, секогаш следејќи ги нивните интереси, желби и амбиции. Образованието треба да е извор на задоволство, период во кој се чувствувате безбедно и згрижено, години во кои некој ја цени вашата индивидуалност, ги истакнува вашите добри особини и ви помага да се реализирате себе си, и тука сакаме да се пронајдеме ние, како професори и колеги.

По осумнаесет години посветена работа, сега нашите студенти се оние кои зборуваат за нас. Се вложуваме искрено и целосно во нивната едукација, развојот на т.н. soft skills и целокупното остручување, и задоволство е што можеме да кажеме дека нивните успеси се наши успеси. Јас се радувам на секое нивно вработување и унапредување, и на секој нов стартап или бизнис-потфат на УАКС студент гледам како на свој. Посебно сум горда на нашиот образовен пристап, кој комбинира и стандардни академски содржини формулирани според американски и европски програми, но и примери од пракса. Нашите студенти учат преку вистински примери, проблеми и проекти, а учат и како вистински да ги препознаат и да ги валоризираат своите таленти, хобија и интереси, без разлика дали е тоа здрава храна, фитнес, облека или мобилна апликација.

Измислуваат нови бизниси, развиваат проекти и апликации, создаваат нови производи, креираат услуги и имаат идеи кои и нас нѐ изненадуваат. Ги поддржуваме во секој чекор од процесот. Нашата Алумни-мрежа е распространета низ целата земја, регионот, а и во странство, а нашите алумнисти се отворени и расположени за помош, совет, размена на искуства и соработка, што е неспоредлива предност за секој УАКС дипломец.

 

Како дипломираните студенти од УАКС котираат на пазарот на труд?

Студентите на УАКС се вработуваат веднаш во дипломирањето, а голем дел од нив дури и пред да дипломираат, од што може да се заклучи дека се работи за висококвалификувани, профилирани и остручени кадри, токму она што им е потребно на компаниите денес. Нашите студенти се подготвени веднаш да се интегрираат во бизнис-светот, бидејќи веќе го имаат поминато оној процес на обука, стажирање, проектно работење, имаат одредено искуство, а и веќе развиени социјални, комуникациски, презентациски и останати вештини.

Како дел од студирањето, нашите студенти работат на големи и значајни истражувања, објавуваат трудови и реално учествуваат во светскиот академски дискурс, каде што нивните мислења се почитувани и цитирани и на други универзитети. Покрај тоа, станува збор за струки кои се високобарани сами по себе, посебно од катедрата за ревизија и сметководство, која има ACCA акредитација, или, пак, IT кадрите, кои своите Cap Stone проекти ги работат со познати IT компании. Голем дел од нашите студенти се вработени во бизнис-заедницата, во банкарските и финансиските сектори, во маркетинг и менаџмент одделите.

Сѐ поголем е бројот на наши студенти кои се HR-менаџери и деловни психолози, едни од најатрактивните професии на денешницата, многу барани и кај нас, и во странство. Имаме многу успешни правници кои еднакво работат и корпорациско право, но и правна заштита на социјално загрозени и маргинализирани заедници, а имаме и многубројни архитекти и дизајнери кои создаваат големи нешта и чии визии се вреднувани и наградувани на интернационални конкурси. Нашите политиколози се високостручни во својот домен и активно учествуваат во јавниот живот и јавните политики. На оваа катедра од оваа академска година почнавме и со новата, многу атрактивна двојна програма во соработка со универзитетот Cattolica del Sacro Cuore од Милано, со која нашите студенти може да продолжат со студии во Италија и да добијат и врвно образование, но и две меѓународно признати дипломи.

Би сакала тука посебно да ја истакнам и Докторската школа, која е неизоставен дел од УАКС, на која се остручуваат и профилираат силни академски кадри, чие знаење е навистина супериорно. Нѐ радува тоа што сме препознаени и локално, но и регионално – имаме кандидати од повеќе земји од ширум светот, а нашите докторирани кадри се многу барани на пазарот на труд.

Кои вредности ги поттикнувате и негувате кај вашите студенти и ученици?

Основата во нашата дејност е учењето и сметам дека постојаната желба за учење и стекнување нови знаења, вештини и способности е она што нѐ води напред. Лично, сакам да се опкружам со луѓе што ги одликува љубопитност, ентузијазам, желба за откривање нови нешта, луѓе што сакаат да се развијат и самите себе, но и средината во која живеат. Најдобар пример за тоа се вработените на УАКС и на АХСС, тимот кој е со мене во секој чекор од патувањето. Тие се моја секојдневна инспирација и мотивација за постојано усовршување и надградување на постигнатото, како и поддршка и храброст за исчекори и промени.

Меѓу вредностите на кои ги учиме и нашите студенти на УАКС, и нашите ученици од АХСС, суштинска е љубовта кон знаењето, кон откривањето, кон дознавањето нови нешта и нови начини на правење на работите. Ги охрабруваме да не ги прифаќаат нештата како непроменливи, туку напротив, да ги согледаат своите способности и вредности за да добијат перспектива самите за себе како носители на промените, како иноватори и двигатели на развојот во заедницата. Во свет во кој сведочиме за сè поголемиот замав на AI и софтверски генерираните решенија, ние сметаме дека човечкиот допир е уште поважен и подрагоцен, и тоа е она на што сакаме да ги научиме и младите.

Сакаме да ги научиме како да размислуваат со своја глава, со критичка дистанца кон она што се нуди, да не се пасивни консументи на стварноста, туку нејзини активни чинители. Важно ни е да ги научиме како да ги искористат новите технологии во своја корист, во корист на општественото добро и да придонесат за вистинска промена во заедницата.

Американската Гимназија сега е во својата шеста учебна година. Како АГС се вклопува во Вашата визија за образованието?

Долгогодишното искуство со учениците во делот на нивно станување студенти беше поттик за креирање поинаков вид средно образование, каде што силно се негува љубовта кон учењето и желбата за знаење уште од порана возраст. Сметаме дека е неопходно да се вградуваат и поттикнуваат високите етички вредности кај децата колку што е можно порано, со цел понатамошниот тек на живот и едукација да се одвиваат што полесно и поподготвено. Нашето училиште нуди настава на англиски јазик со високо ниво на знаење, која ги подготвува учениците во нивниот формативен период и им го олеснува понатамошниот едукативен процес.

Имаме тим на прекрасни професори кои имаат разновидно образовно искуство, и локално и меѓународно, и кои им се навистина посветени на учениците. Исто така, имаме меѓународна акредитација од Accrediting Commission for Schools, Western Association of Schools and Colleges од САД, како и престижната IB DP акредитирана програма за меѓународна матура.

Покрај тоа, нашето училиште е силно посветено и на тоа да обезбеди пријатна и позитивна атмосфера за учење, раст и развој, во која секој ученик ќе се чувствува безбедно и пријатно. Ние навистина ги знаеме сите ученици по име и презиме, знаеме што сакаат, што не сакаат, какви хобија и интереси имаат, кој победил на натпревар и кој што ќе носи на матура, и оттука сме способни да им понудиме индивидуален пристап. Ги негуваме нивните разлики и ја почитуваме нивната индивидуалност за да им овозможиме што поубав средношколски период и што полесен премин кон светот на возрасните.

Како Вашата хуманитарна работа и влогот во заедницата се дел од Вашата работа на УАКС и АГС?

Обидот да се помогне и да се придонесе за заедницата е нешто што ми е многу важно и мене, како индивидуа, и на образовните институции од кои сум дел. Јас доаѓам од семејство во кое помошта и служењето биле нешта што отсекогаш се правеле и се негувале, и тоа се нешта што кај мене се подразбираат, така што порасната сум во средина во која, кога некому му треба помош, се помага, и тоа искрено, посветено и без очекување нешто за возврат.

Во чест на моето семејство и ја основав Фондацијата Крлиу, која е посветена токму на враќање кон заедницата. Хуманитарните вредности се трудам да им ги пренесам и на моите студенти и ученици, бидејќи мислам дека сѐ она што го знам и  не треба да го чувам за себе, туку да го споделам со другите. Општествено одговорната работа е принцип што го применуваме и во самите студии на УАКС и на часовите во АГС, и голем дел од задачите што ги работиме со студентите се донации, готвење, чистење и други видови помош.

Ме радува кога гледам ентузијазам и желба за помош и кај младите луѓе, и кога ги гледам како возбудено и насмеано пакуваат и сортираат облека, храна или играчки, се чувствувам задоволно и остварено дека ете, сум успеала да помогнам и да го проширам кругот на хуманитарно дејствување. Само низ помошта кон другите може да бидеме задоволни со себе и навистина ми значи кога ги гледам учениците од гимназијата како работат со деца со попреченост или студентите од универзитетот како готват за нашите сограѓани на кои им треба топол оброк. Ова е она што ме води напред и ме мотивира да продолжам и во иднина.

Текст: Економист: Светот во 2024-та

Фото: приватна архива

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.