„Љубов, солзи и разделби“ – Мими Јовановска ја промовираше „Мајка“, посветена на сите разделени родители и деца (ВИДЕО)

Слушнете ја...

„Не жали ме , мајко не жали ме, тоа што одам од тебе. Солзиве што капат по мене, знаат што се ќе помине. Далеку си ти од мене, но ќе дојде ден да не собереш…“

Ова е мал дел од зборовите искажани во најновата песна „Мајка“ испеана од Мими Јовановска, а кои при секое слушање предизвикуваат солзи. Песната е преемотивна балада, која Мими ја донесе совршено, каков што е и нејзиниот вокал. Музика и текстот се на Филип Нуне, а аранжманот е на Дамир Имери.

Секој кој ќе ј слушне нема, а да не заплаче, бидејќи песната е посветена за сите деца и родители кои се разделени. Деца и родители, кои судбината ги однела на печалба далеку од дома.  Тема, која не е посветена само на минатото, кога масовно се заминувало во странство. Напротив, оваа тема денес и тоа како е актуелна, бидејќи не постои семејство во кое некој од младите не е заминат во странство.

Приказната во песната е вистинска  и за авторот на текстот, Филип Нуне, и за пејачката Мими, кои исто така растеле далеку од родителите.

-Растев далеку од мајка ми, таа живееше во странство, вели Мими, која на песната и даде невидена емоција, како што само таа знае и умее.

Филип, и брат му Раде, кои се дел од „Бендот на браќата Нуне“, ја делат истата судбина.

-Песната е поп балада, посветена на сите мајки чии деца се заминати во странство, но и за сите родители, кои заминале во странство, а децата ги оставиле на чување кај бабите и дедовците. Секој има некого во странство или дете или најблизок. Така и се роди текстот. Јас и брат ми исто така бевме одвоени од родителите, бидејќи ние живеевме со баба и дедо, а мајка ми и татко ми  беа во странство. Кога ја направив музиката текстот сам се залепи, вели Филип и додава:

-Таква емотивна е и приказната во спотот, кој го направи Даниел Јовески.  Двајца браќа, едниот и е во срце а другиот во душа на мајката и таа ги пакува во два куфери. Но, на крајот животот ги влече еден кон друг. Не би сакал да ја раскажувам комплетно, бидејќи навистина вреди да се види.  Песната е снимена со камерен оркестар, свират 23 виолини, а се работеше во две студија. Спотот е снимен во Охрид во куќата на Робевци и се се поклопи како треба. Изгледа навистина совршено, вели Филип.

Спотот на Јутјуб е промовиран вчера, а песната премиерно на жив настап ќе биде изведена пред нашинците во Австралија, бидејќи наскоро заминуваат на турнеја.

 

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.