Освежување во телевизискиот етер: „Флексија“ – нова емисија на ТВ 24

Затоа што само промената е константна...

Во недела на 13 октомври, во 20 часот и 45 минути на програмата на телевизија 24 стартува нов телевизиски проект Флексија. Станува збор за социјална, општествена, информативна, забавна емисија која има за цел да инспирира и да мотивира.

Јулија Цветковска, авторка и водителка на „Флексија“

Низ приказните на познати и непознати ликови од македонското општество, Јулија Цветковска, како автор и водител, и Ивана Дамовска во улогата на новинар, ќе се обидат на публиката да им ги доближат промените кои што секому може да му се случат.

Ивана Дамовска, новинарка

Крајната цел на емисијата е низ споделување на тага, среќа, болка, радост да научиме дека сите сме исти, без оглед на позицијата, функцијата, положбата во општеството, финансиската положба. Да покажеме дека кога е болест во прашање, сите семејства поминуваат низ исти болнички лавиринти, кога умира партнерот болката е иста за оној кој што останува. Кога се раѓа дете сите исто се радуваме. Но ако одлучиме погласно, поотворено, поискрено да споделуваме низ што поминуваме, тогаш за сите нас ќе биде полесно. Во најмала рака ќе знаеме дека не сме сами.

 Флексија е проект во кој нема ништо ексклузивно, шокантно, скандалозно, за првпат… Флексија е проект во кој што приказните се вистински. Луѓето се такви какви што се. Не разубавуваме приказни само раскажуваме. Споделуваме моменти кои што секој еден од нас во некој дел од животот ги доживеал или допрва ќе ги доживее. Во Флексија приказни раскажуваат актери, новинари, пејачи, но и самохрани мајки, жртви на семејно насилство, монаси. Флексија е простор за сечија промена која што може на момент да ве растажи но веќе во следниот да ве мотивира затоа секогаш доаѓа нов ден”  – велат од тимот на Флексија.

Ќе имате можност и сами да видите во некои од нашите епизоди, ќе слушнете од нашите соговорници дека сите се сложуваме околу едно нешто. Живееме во општество затапено од политика, општество во кое политичарите се ѕвезди, општество во кое покрај многу други нешта како ред, чист воздух, инфраструктура, економија, најмногу од се недостига малку повеќе општа култура. Општество во кое сите се грижиме за тоа што јадеме но не и за тоа што дишеме, гледаме и слушаме. Одлучивме заедно со промените на ликовите кои што ќе бидат дел од овој проект, најдеме начин да мотивираме. Да најдеме начин повторно да ги гледаме и слушаме работите кои што години наназад ги пропуштаме. Да ги слушаме луѓето и нивните приказни. Приказните кои што во Флексија им се случуваат на дизајнери и актери но во секојдневното живеење им се случува на нашите пријатели, соседи, фамилијата” – изјави Јулија Цветковска,  автор и водител на Флексија.

 Дел од соговорниците на Флексија се луѓе кои што се соочиле со карцином, ин витро процедури, губење на работно место, промена на место на живеење, смрт на партнер, развод, сообраќајна несреќа… и многу други промени кои можеби им го промениле животот од корен, но продолжиле да го живеат. Од друга страна, соговорници се и ликови кои што сами покренале акции и иницијативи кои што менуваат гледишта и кои што директно посочуваат на колку нивоа не функционира системот. Но тие функционираат.

Јована Филиповиќ, модна креаторка

Јована Филиповиќ и нејзината борба со карцином на матка е првата промена која што ќе ве натера да размислите: Живеете ли онака како што навистина сакате? Се смеете ли доволно? Зборувате ли гласно? Треба ли да ви се случи болест за да сфатите дека животот е убав и е еден? Одговорите на овие прашања, во недела во 20 часот и 45 минути на ТВ 24.

Текст и фото: ПР

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.