Дуња Јовановиќ: „Имав среќа во едно момче да најдам партнер, пријател, нутриционист, тренер, психолог, деловен советник“

Популарната блогерка и инфлуенсерка, која има свој моден бренд, на сите попозната по прекарот Fashion Babe, изминатава година си докажа дека може да ги помести границите како никогаш порано

Патот на блогерката Дуња Јовановиќ молскавично се развива последниве неколку години, па популарната инфлуенсерка денес има сопствен моден бренд, а соработките со познати компании ѝ обезбедија мошне удобен живот. Амбициозна, забавна, весела и решителна, Дуња е вистинска дефиниција на млада жена, која знае што сака и умее своите намери да ги спроведе во дело.

И додека се шегува, уште во првите минути од фотографирањето се воодушевивме од нејзината умешност да позира. Не можевме да не ја забележиме и нејзината одлична форма, која е последица на редовните тренинзи. А за таа рутина е задолжено нејзиното момче Милош Мандиќ, поради кого речиси и се пресели во Дубаи, каде што овој згоден Црногорец живее и работи. Со Дуња разговаравме за новостите во нејзиниот живот, и на емотивен и на професионален план.

Што сметате дека е најзначајно за вашата промоција и успех на социјалните мрежи?

Мислам дека дефинитивно кај мене тоа беше мигот кога се споија трудот, огромната желба, ориентирањето на пазарот кон рекламите на инфлуенсерите, малку среќа и многу љубов кон работата. А потоа беше потребно да се одржи тој миг да трае со години. А токму тоа е најголем предизвик. Да си подобар од тоа што си бил вчера, да бидеш во чекор со трендовите, а повторно да останеш свој. Да изградиш правец што е целосно твој и да пронајдеш рамнотежа во тоа.

 Која е најголемата жртва на одржувањето меѓу најпосетуваните профили?

Самото тоа што не постои јасна граница меѓу приватното и деловното може да биде голем предизвик, бидејќи во некој миг престанувате да регистрирате кога правите нешто за себе, а кога за работата. Дури неодамна сфатив дека многу малку правам за сопствено уживање, за своето здравје и иднина. Така што сега настојувам кога ќе станам од креветот, покрај тоа што ги забавувам следбениците, да креирам утра што се само за мене, за кафе, за мир, за книга и слично.

Што сметате за свој најголем успех во работата досега?

Тоа што работата си ја сакам сѐ повеќе, и што и понатаму имам чиста љубов, страст и желба, како првиот ден. Парите се нешто што е последица, но за мене никогаш не биле главна мотивација. Да го сакаш тоа што го работиш е најголемата привилегија во светот во кој живееме.

Претпоставувам дека имате некој план за во иднина или планирате секогаш да бидете ѕвезда на Инстаграм?

Мислам дека Инстаграм секогаш ќе ми биде базата, преостанатите бизниси ќе се градат околу како што ќе поминува времето. Мојот бренд BEBE by Dunja порасна толку што можеме сосема да го оделиме од мене и Инстаграм, затоа што луѓето се вљубија во брендот, во неговиот квалитет, во моделите. Мојот мозок никогаш не спие, идеите ми доаѓаат и заминуваат, така што сешто очекувам во иднина.

Што е во моментов ново кај вас – приватно и деловно?

 Полека почнуваат подготовките за одмор, опуштање, дружење со пријателите и полнење на батериите за втората половина од годината. Секоја година настојувам да ги поместам границите, но годинава беше ептен важно поместувањето – така што се радувам што во претстојниот период повеќе ќе одморам и ќе правам планови за понатаму.

На многу жени доцна им текнува да изградат секси-тело, па што би им порачале?

За почеток, да почнат порано да вежбаат. Но важно е дека за вежбање никогаш не е доцна. Ни кога станува збор за подготовките за летото, ни кога станува збор за годините. Внимавајте што јадете, почнете да тренирате и бидете упорни – и внимавајте на квалитетот на сонот.

Како дојде до вашиот голем интерес за вежбање? И кога се појавија првите резултати?

Отсекогаш сум била активена кога станува збор за вежбањето. Меѓутоа, во последните неколку години бев толку посветена на работата што немав време за себе, за тренинзи, за утринско кафе во мир и други ритуали. За среќа, мојот партнер е крајно дисциплиниран кога се работи за здравјето и за вежбањето, па ми ја создаде навиката, а можеби најдобриот рецепт за всадување на овие навики е да се заљубиш во тренер (се смее).

Имав среќа во едно момче да најдам партнер, пријател, нутриционист, тренер, психолог, деловен советник, иако тој професионално се занимава со нешто сосема друго (се смее). Што се однесува до резултатите, тие доаѓаат брзо, потоа следи период на „затишје“, а потоа повторно јасно се гледа напредокот и така натаму (се смее).

Дали освен што вежбате внимавате и на исхраната?

Најважно е дека 70% од резултатите доаѓаат од исхраната, а остатокот од тренинзите и уредниот живот, спиењето и сѐ друго. Кога бев помлада следев разни диети, лани практикував автофагија, но научив дека одговорот е во рамнотежата. Се трудам да јадам разновидна храна и квалитетна храна – ако имам среќа, од локално потекло.

Пoддржувач сте на ставот body positivity, претходно изјавивте дека ги сакате вашите несовршености. Дали отсекогаш бевте такви или порано ве мачеле несигурности?

Јас не сум човек кој се стреми кон совршенство во сите аспекти на животот. Но не беше секогаш така. Додека растеш, поминуваш низ најразлични фази, како во поглед на изгледот, така и во однос на самодовербата. Имав несигурности кога бев помлада, а ги имам и сега, жив човек сум.

Кога сте јавна личност, на работите гледате сосема поинаку, бидејќи секојдневно сте изложени на коментари за вашиот изглед, а кога се снимате во сите изданија – од утро до вечер како мене, понекогаш може да биде многу интензивно. Важно е што со години работев на механизмите со кои ќе можам да препознаам кои работи можат да влијаат врз мене и зошто, а кои немаат апсолутно никаква врска со мене.

Имате врска на далечина, дали се потребни многу труд и жртви за да успее една ваква романса?

Секоја врска треба да се „наводнува“, а тоа е особено важно кога се работи за врска на далечина. Ваквиот однос има различни предности, но и недостатоци. Но, ако двајца луѓе имаат иста цел, тогаш растојанието може да влијае на уште поголема блискост меѓу нив.

За мене беше многу важно да можам да ја организирам мојата работа на таков начин што живеам на две адреси и всушност го имам најдоброто од двата света на тој начин – еве, јас сум суперделовна жена, која брза, има два бизниси и живее многу брзо, а таму сум поддржувач, домаќинка или барем се трудам да бидам (се смее), таму живеам полека и уживам секој ден.

Кои квалитети ги цените кај мажите и колку ви дава инспирација и мотивација за сè, вклучувајќи ја и работата вашата емотивна исполнетост?

Лојалност, храброст, одлучност… Мислам дека би можела да набројувам уште два дена. Реализацијата на тоа поле ми дава стабилност, огромна поддршка во секој чекор, желба да бидам подобра секој ден, да растеме заедно и ме исполнува како ништо досега.

Среќна сум! Многу. Мислам дека ова е година кога конечно се совпаднаа сите приватни, деловни и други работи и можам да кажам дека сѐ што беше претходно – беше вредно за ова што ме чекаше.

Фото: Мирко Табашевиќ / Стилистка: Весна Станковиќ

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.