ПРЕГОРУВАЊЕ: Синдром на професионално прегорување

Како го надминуваат успешните луѓе?

Живеете брзо, спиете малку, работите многу, денот ви трае кратко, напнати сте, а од вас на работа се очекува повеќе… Имате впечаток дека се наоѓате во маѓепсан круг, но и понатаму туркате напред… А што кога ќе дојде до точка на пукање? Дали синдромот на прегорување е цената што се плаќа за успешност? И што да правите кога работата ќе ви стане мачење…

Синдромот burnout (BO) (прегорување) претставува психолошка состојба, која е одговор на организмот на хроничен (емоционален) стрес на работното место. Болест на „личност & работа“. Оваа состојба не произлегува од „неусогласеноста“ на поединецот кон професијата. Кога лицата посветени на работата ќе сфатат дека нивното жртвување не е доволно за да ја постигнат посакуваната цел, настапува синдромот на прегорување. За неговото појавување придонесува и неуспешен менаџмент, односно лош дизајн на работниот процес, како и лидер што недоволно добро управува со тој процес, префрлајќи го товарот за неуспехот на соработниците.

На пример, можеби на работното место не ви се обезбедени неопходните ресурси за реализирање на работната задача или начинот на нејзино извршување се коси со вашите етички начела. На овој синдром особено се подложни лица што тежнеат кон перфекционизам, имаат нереално високи очекувања и процени на себеси и на својата работа.

Неретко, здравствените работници страдаат од овој синдром поради конфликтот меѓу своите професионални идеали, потребата да искажуваат емпатија и емоционално да ги поддржат своите пациенти и низата ограничувања што не го поддржуваат остварувањето на таа цел, како што се недостиг од персонал, нереални нормативи на траење на прегледот или консултацијата, претерано работно оптоварување (честа работа во смени) и сл. На тој начин се исцрпуваат благородните професионални и етички својства на поединецот и тој прегорува во низата неисполнети професионални очекувања.

КАКО СЕ МАНИФЕСТИРА?

Синдромот на прегорување се појавува во четири фази. Во првата фаза, лицето е полно со ентузијазам, не се штеди, нерационално ја троши енергијата, работи прекувремено, очекува пријатна клима на работното место, прифаќање од страна на соработниците и правда за сите. Кога очекувањата нема да се исполнат, тогаш настапува чувство на физичка истоштеност (замор, премаленост, хроничен умор, болки, главоболка, болка во грбот, стомачни тегоби). Во втората фаза, фаза на стагнација, се јавуваат тешкотии во комуникацијата, како со соработниците така и со пријателите. Лицата се емоционално ранливи и недоверливи. Тогаш најчесто доаѓа до промена во однесувањето – бихејвиорални симптоми (раздразливост, нервоза, напнатост, импулсивност, експлозивност, лутина). Лицето и понатаму си ја сака работата и ја работи, но не со истиот ентузијазам. Третата фаза, фаза на фрустрација, ја карактеризираат емоционално повлекување и изолација. Лицето се преиспитува колку е ефикасно во работата и која е смислата на тоа што го работи. Четвртата фаза е почеток на крајот. Комплетно губење на вербата во себе и во својата компетентност, недостиг од самодоверба и самопочитување, што најчесто води до ненадејна промена на професијата.

ПРЕВЕНТИВА И ЛЕКУВАЊЕ

Превенцијата на синдромот на прегорување се темели на препознавање на знаците и симптомите, а како особено значајна се истакнува физичката кондиција, со која се зголемува отпорноста на хроничен стрес. Се препорачуваат прошетки во природа, фитнес како дел на дневната рутина, чести паузи во работата и кратки одмори или излети, како и доволно одмор и детоксикација од техниката (мобилни телефони и компјутери). Доколку ништо од ова не помогне, секогаш преостанува можноста да се оддалечите од отровната работна атмосфера. Сменете ја работата. Таа не е најважна на светот. Вашето здравје е.

Како успешните го надминуваат burnout?

Дали знаевте дека Аријана Хафингтон, првото перо на интернет-новинарството и една од основачите на „Хафингтон пост“, колабирала само неколку месеци по основање на прочуениот онлајн-портал, ја удрила главата, ја скршила вилицата и добила пет конци околу окото? И тоа само поради тоа што заборавила да спие и ги занемарувала предупредувачките сигнали што ѝ ги испраќал истоштениот организам. „Сите мислат дека се попаметни ако работат повеќе, а одмораат помалку.

Вистината е дека луѓето што работат во менаџментот, новинарството, политиката и економијата денес донесуваат многу лоши одлуки“, изјави во едно интервју.

Поттикната од немилиот настан, напиша две книги, „Револуција на сонот“ и „Успех“, кои зборуваат за животната цел и за приоритетите.

Успешниот живот подразбира многу повеќе од голема плата и убава канцеларија. Нашата немилосрдна потрага по традиционалните показатели на успех – пари и моќ – доведе до епидемија на болест чии причинители се премор и стрес, и до изразено намалување на квалитетот на нашите односи, семејниот живот и, иронично, на кариерата“, додаде.

Аријана воведе правило во својата компанија вработените да не одговараат на мејлови за време на викендите и паузата за ручек да не ја поминуваат пред компјутерот. Редакцијата има соба за медитација, соба за забава со маси за пинг-понг, како и шанк со здрава храна, кафе и чаеви.

Кога сум лишена од сон и одмор, сè сфаќам лично, не размислувам јасно… Не вреди да се живее така“, објаснува Хафингтон. „Мултитаскингот е илузија“, додава таа. „Оставете ја технологијата настрана, не дозволувајте да ве контролира.“

Аријана не е единствената. И Ријана во 2011 година беше хоспитализирана по завршувањето на албумот Talk That Talk. „Работев 17 часа на ден во континуитет. Од премореност, навечер не можев да заспијам, што дополнително ми го влоши здравјето. Бев фрустрирана и раздразлива. Ми се случуваше да плачам по 10 минути без некаква причина“, изјави пејачката во едно интервју. Дури и кралицата на музичката сцена Бијонсе го доживеа синдромот на прегорување, кога ги откажа концертите во 2013 година поради физичка истоштеност. Блејк Лајвли, Аврил Лавињ, Деми Ловато, Анџелина Џоли се само некои од познатите личности што се соочија со синдромот на прегорување и јавно проговорија за него.

Во денешно време изгледа дека зафатеноста и стресот ги носиме како симбол на честа, како залог дека ќе направиме сè за да ја исполниме задачата и да ги задоволиме туѓите очекувања на штета на сопственото здравје. Да го запреме тоа! Имаме избор. Да си дозволиме да излеземе од канцеларијата во 17 часот, и покрај тоа што не сме ја завршиле работата. Да се опуштиме за време на викендот и да се релаксираме правејќи ги работите што ни годат. На крајот, од болничката постела нема да можеме да работиме. Па ако е така, зошто тогаш не се штедиме? Размислете за тоа…

Текст: Тамара Богунова

Фото: Pixabay

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.