Драган Маринковиќ Маца: Јас имам 14 години, на жена ми е потешко со мене отколку на мене со неа!

Искрено со Маца!

Драган Маринковиќ, познат по прекарот Маца, познатиот босански актер, ТВ водител, ријалити ѕвезда и режисер наскоро во Скопје и во Битола ќе гостува со својата хит-комедија, „Каква ти е жената, таков ти е животот“. Во Скопје, Маца ќе игра на 27 мај во Филхармонија, а во Битола во Центарот за култура на 28 мај. Неговата жена дома е млада и убава, а Маца вели дека годините не играат никаква улога за него и за Јована. За себе си, познатиот актер на шега ќе рече дека има 14 години, но и дека е добар и одговорен татко. Тој има два сина, Лав и Фјодор Симеон.

Многу луѓе досега ја гледале вашата претстава „Каква ти е жената, таков ти е животот“. Што мислите, зошто буди толква интерес, дали можеби секој од нас се пронаоѓа во нејзината приказна?

-Па, не знам дали доста луѓе. Оваа претстава е стара некои си две и кусур години. Овие две години и повеќе театрите беа затворени, така што не можеше да ја гледа голем број на луѓе. Таа е на добар глас, луѓето зборуваат за претставата, па излегува дека трае една деценија. Но, причината е- да не се фолираме, затоа што имам најдобра претстава во регионот и најгледана, им го давам на луѓето она што го сакаат и ја играм со светол образ. Тоа е полн погодок. Точна, автентична, вистинска, луѓето едноставно ја сакаат.

Ова е ваша петта авторска претстава, дали работата како автор, реализатор и главен протагонист најмногу ви одговара?

-Не знам, повеќе или помалку. Во принцип, сам свој мајстор, не зависиш од никого, како мигрант, куферот во рака и „фурам“. Убаво е и да играш во ансамбл претстава, галерија полна, но тука има безброј обврски, безброј компромиси, така што вака знам што и кога можам и тоа ми е можеби најдоброто решение. Тие дуо драми и квартети можат да ги играат оние кои се на државни јасли, а ние кои сме самостојни уметници, не можеме тоа да си го дозволиме.

Кој е Маца кога ќе се изгаснат камерите, што сакате да правите и што ве прави среќен кога не работите?

– Тоа е еден „шупак“, го знам јас, најлош е од сите деца, хахаха. Не знам што би ви рекол. Ако сум јавна личност, не сум јавно добро, на луѓето им е доволно да го знаат твоето име, биографијата ја пишуваат самите. Нормален сум како и секој друг, со милион свои обврски, во сериозни улоги како родител, син, сопруг, пријател, така што имам сериозни животни улоги и се обидувам во слободно време максимално да ги исполнам. Што ме прави среќен – драгите луѓе околу мене, и што помалку „шупаци“, затоа што тие се полоши и од атомска бомба.

Каков татко сте, како ги воспитувате своите деца, кои се најважните совети кои ги добиваат од вас?

-Каков татко сум?  Јас не сум татко, јас сум тато. Ние сме пријатели, хиерархијата постои, и сакам од нив да направам луѓе, да станат луѓе и двајцата. Можеби сум строг, но јас сум стара школа, како што сум воспитуван јас, така ги воспитувам и своите деца. На 18 години стануваш морално одговорен за своите постапки, и јас сум за тоа децата да работат и да создаваат. Пред малку прочитав еден билборд: Ако немате време, студирајте некоја Академија. Какви будали! Така што, јас не сум за оваа нова нормалност, јас сум за старата добра патријахална нормалност, јас сум бунтовник во однос на овие работи кои се обидуваат да ни ги презентираат како многу нормални. Тоа го можат, но без мене, во својот атар.

Медиумите сакаат да пишуваат за вашиот приватен живот, за вашата сопруга Јована. Дали животот со помлада жена е предност поради помладиот дух и едноставноста, или може да биде товар во одредени ситуации?

-Јас имам само 14 години, допрва влегувам во магарешките години, така што на неа ѝ е потешко со мене, отколку на мене со неа. Нема врска, тоа е глупост и не се занимавам со тие глупости, тоа што е помалдо, што е постаро, се знае што е педофилија, тоа е болештина. А ова нема врска, од 18-тата година си правно и морално одговорен за своите постапки, така што, сè е твој избор. Некои никогаш нема да пораснат, така што бројот на годините е небитен. Има луѓе кои се пензионираат на 25 години, седат со наочари на главата, во пењоар, и по влечки одат до продавница, се умирисуваат, пуштаат стомаци, гледаат натпревари и подригнуваат, што значи дека е сеедно кој колку има години.

Каква ќе биде вашата шеста авторска претстава, и како ја замислувате?

-Имам неколку проекти кои ги работам, работам продолжение на оваа претстава, „Каква ти е жената, таков ти е животот“ која ја зафаќа кризата на средни години, да видиме што ќе биде понатаму со овој лик, кој луѓето го засакаа. Има уште една дуо – драма која треба да ја работам и дадов на неколку автори да видам какви се нивните идеи, јас тоа потоа да го склопам. Потоа некои серии, филмови, има доста работа, идеи никогаш не недостасуваат, само да видиме како ќе ги реализираме.

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.