Доц. д-р Ангела Миленковска: Среќна жена е таа што верува во себе и во својот изглед

„Бев бунтовник во оние години кога мислите дека светот е ваш.“

Ангела Миленковска Климоска е доцент на Универзитетот Скопје и доктор по економски науки, во областа маркетинг. Приватно е сопруга на Кристијан и мајка на Давид, кој годинава ќе биде прваче.

Таа е млада, амбициозна, но скромна личност, подготвена секогаш за нови предизвици. Со допадлив физички изглед, секогаш верна на модните трендови. За неа љубовта е столб на животот, кој не ни дозволува да живееме без неа зашто би се урнале.

Без оглед  на тоа што посакуваат, без оглед на тоа колку далеку одат, луѓето не можат да избегаат „од сопствената кожа“. За вас велат дека сте исклучително паметна, образована, но скромна жена. Епитет кој укажува на големината на личноста. Како ви успева да останете приземна?

Во ова време – невреме, кога сè помалку има чесни луѓе, навистина е тешко да останете приземни и покрај сите турбуленции и брзото животно темпо. Но јас сум човек од збор, посветена сум ѝ на работата и за мене најважен е зборот – кога нешто ќе ветам исполнувам, без двоумење или одложување.

Скромноста е доблест која ја носам од дете, така ме воспитале и моите родители. Без оглед на годините и титулата, сакам да учам, да се надградувам и на моите студенти да им пренесувам знаење во областа на маркетингот.

Стилот е однос кон животот, најблиските, работата, а не само тоа како ќе се облечеме. Како би го опишале вашиот стил на живот?

Динамичен, модерен и правичен. Динамичен, бидејќи се трудам да стигнам сè во денот, од носењето на мојот син во градинка, до подготовката за предавање на Факултетот за маркетинг на Универзитет Скопје и реализирање на сите дневни обврски. Модерен, бидејќи сакам и имам исполнет социјален живот.

Важни ми се пријателите, посетите на концерт или на моето омилено кафуле. Мое животно мото е правичноста, па затоа се трудам никому да не префрлам обврска или да кажам лош збор. Сè што можам завршувам тивко и во зададениот рок.

Детството е клучен миг во развојот на личноста. Кои сеќавања ви ги буди овој период од животот?

Јас, лично, растев во средина на силни семејни вредности, каде што важноста на домот беше неприкосновена. Растев со девизата дека индивидуалните достигнувања мора да се остварат на база на длабоки знаења за да бидат ценети и вреднувани. Затоа за мене учењето беше бунарот во кој тонев со задоволство.

Имав прекрасно детство, многу искрени другарства, грижа од моите баби и дедовци, посветени родители и блискост со мојот брат, со кој заедно растев и до денеска сме блиски соработници во маркетинг-тимот на нашиот Универзитет. Во сеќавање секогаш ми се барбиките што мојот татко ми ги носеше од службените патувања низ светот.

Дали бевте бунтовник како тинејџерка или девојче кое ги седеше и слушаше советите на родителите? Која е најважната животна лекција која во тој период ја добивте од нив?

Бев бунтовник во оние години кога мислите дека светот е ваш. Тинејџерските денови беа исполнети со првите диско-забави, кога баравме нашите родители да нè остават уште некој час повеќе. Имаше искрени и маалски дружби. Денешново време е поинакво, со опасности кои доаѓаат не само на улица туку и на Интернет, па затоа сме претпазливи со нашите дечиња.

Сметам дека сите совети ни се пренесуваат од генерација на генерација. Најважниот мислам дека е охрабрувањето дека со труд и посветеност можно е сè. 

Потребата да си поинаков те тера да имаш свој допадлив физички изглед, кој секако во секој период од животот мора да биде различен и единствен. Како тој еволуираше кај вас?

Како студентка сакав посилни бои, понекогаш и експериментирав со стилот. Како созреваме, така и нашиот стил се менува. Денеска како професор ги претпочитам деловните бои, односно нашата службена облека на Универзитет Скопје, тегет костум и бела кошула за нас дамите. 

Битен елемент за целокупниот визуелен впечаток на жената е нејзината посебност, бидејќи секоја од нас има нешто свое, по кое, ако го негува, може да стане препознатлива и интересна. Во што е вашата посебност?

Среќна жена е таа која верува во себе, во можностите, знаењето, способностите со кои располага, во својот изглед. Среќната жена сака да има право на избор, сака да донесува одлуки кои влијаат на нејзиниот капацитет како мајка, колешка, партнерка, пријателка.

Мојата посебност е во тоа што им давам добрина на сите околу мене, сакам да се насмеани, исполнети  и среќни. Верувам во девизата дека доброто со добро се враќа.

Самата облека не е ништо ако жената што ја носи не е негувана во телото, лицето, косата. Како се негувате? Посетувате ли салони. Која ви е омилена козметика?

Негата е важен сегмент кај секоја девојка и жена. Користам квалитетна и проверена козметика, лицето е нашето огледало и првиот впечаток за една дама. Посетувам салони и не го менувам тимот кој одлично се грижи за мојот изглед.

Речиси на секоја жена слабост ѝ се чевлите и чантите? Кој дел од облеката е вашата пасија?

Носам високи потпетици и тие ми се пасија. Освен елегантни црни салонки, често знам да купам потпетици во боја или трендовски чевли кои се, според мене важен, сегмент за целокупниот изглед на една жена.

Креаторите создаваат мода за тие што сакаат да ја следат. Каков е вашиот однос кон нивната работа? Имате ли креатор или модна куќа со кој соработувате и се консултирате за јавните настапи? 

Претпочитам домашни модни креатори, тие ми го познаваат стилот и, во согласност со пригодата, знаат да ми дизајнираат уникатни модни парчиња.

Битно е да се чувствуваш комотно во облеката што ја носиш, но гламурот е сепак нешто што го одзема здивот. Во кои пригоди практикувате гламурозен стајлинг?

Сакам гламур и добро го носам и таквиот стајлинг. Го избирам во свечени пригоди, коктели, приеми, но најчесто на свеченото доделување дипломи на Универзитетот Скопје. Практика е овој настан да го правиме во Националната опера и балет, многу пати досега јас и мојот почитуван колега, деканот на Факултетот за туризам проф. д-р Сашко Граматниковски бевме домаќини и водители на свечената промоција.

Нашиот изглед мора во тој момент да биде на највисоко ниво, со свечени тоалети, придружен од врвни балетски изведби. И тука нема да сум скромна ако речам дека оваа манифестација на УТМС е уникатна и врвна, дури нè споредуваат со светските метрополи и универзитети.

Љубовта е совршенство, духовно прочистување, столб на животот кој не ни дозволува да живееме без него зашто би се урнале. Како вие би ја опишале љубовта?

Без љубов нема живот. Таа е темелот на нашето постоење, патоказ во животот. Љубовта е смислата на животот. Љубовта е она што нè придвижува да работиме, да создаваме, да им помагаме на другите и на себе, да учиме, да се развиваме и стануваме здрави и среќни. Љубовта е тесно врзана и за љубовта кон семејството, саканата личност, пријателите.

Жената мора да жонглира со времето за да биде  успешна на работа, внимателна сопруга и добра мајка. Која од овие улоги најмногу ве исполнува, или во сите вложувате еднакво љубов?

Моето семејство е мојата сила и затоа се трудам да балансирам помеѓу приватните  и професионалните обврски. За жена која е и мајка, и сопруга и универзитетски професор – тоа се улоги кои ве бараат во целост. Одржувањето рамнотежа преку компромиси, доверба и љубов е единствената добра и добитна комбинација за да се издржи ова брзо време.

Кој е вашиот херој во животот, а кој во професијата?

Моите родители, тие ми се секогаш ветер во грб, во животот мојата мајка, во професијата мојот татко и ментор. Тие се мојот столб и мојот животен патоказ. Се чувствувам привилегирано што имам такви херои покрај мене.

Разговарала: Билјана Трендафилова

Фотограф: Дарио Јанковиќ

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.