РАСКА ВО ОКОТО – трепкајте и исплакнете го!

Го чуваме видот

Овој период е најопасното време за окото. Токму налето бројот на повредите на овој орган се зголемува за три-четири (!) пати, пред сѐ во дворот, на викендичката, за време на летните собири околу оган, а и риболовот може да биде опасен. Дознајте сè за тоа како да си помогнете ако нешто ви влезе во окото

Во текот на летото најчесто се случуваат механички повреди на очите: повреди со остар предмет, туѓо тело или повреда на очното јаболко (контузија), бидејќи луѓето поминуваат многу време работејќи надвор.

* Површинските повреди (гребнатини на рожницата, гребнатини и површински рани на конјунктивата, туѓо тело во рожницата и во конјунктивата) не предизвикуваат оштетување ако се третираат навреме и соодветно. Но во случај на повреда на површината на окото со подлабок дефект, на пример за време на продорна рана на окото, може да дојде до сериозни последици, дури и до хоспитализација и операција.

* Повреда на очното јаболко. Во помалите случаи, површината на окото не е повредена, почесто е потребно само набљудување, т.е. следење на состојбата.

Во случај на повреда со среден степен на тежина, потребно е лекување во болница и тогаш сè уште е можно да се врати функцијата на очите. Тешка контузија може да биде придружена со сериозно структурно нарушување, па дури и со кинење на очното јаболко, што остава последици по видот.

Ваквите несреќи се случуваат по удар со тупаница, при поправки на машини (кога летаат мали метални струганици или некој предмет ве удри во очи), потоа при отворање шампањ, кога може да настрадате од тапата … Бидете внимателни!

* Термички и хемиски повреди – изгореници. Чести се изгорениците од прскање врело масло за време на приготвување храна, од испарување топол воздух кога се потпираме над рерната или тенџерето и од малите честички што паѓаат во окото или од коските што летаат, а исто така и од раствори и од белила. Не заборавајте ги мерките на претпазливост!

* Во посебна група повреди на окото спаѓаат повредите од јадица за риболов – тогаш страда очниот капак, па дури и целото очно јаболко. Ова се случува ретко, но последиците се фатални по видот. Никогаш не обидувајте се да ја повлечете јадицата сами, туку веднаш побарајте лекарска помош!

ПРВА ПОМОШ

Ако нешто ви падне во окото и чувствувате болка, ви течат солзи, ви пречи светлина, обидете се да си помогнете.

1 Трепкајте често: во случај на каква било микроповреда на окото, рефлексивно почнуваат да течат солзи, кои помагаат да го исфрлите малото туѓо тело.

2 Ако не помогне тоа, исплакнете ги очите со чиста вода. Ова е неопходно да го направите не само ако ви падне мала раска туку и за време на хемиски изгореници, за да ги измиете остатоците од течноста. Истурете чиста вода во плитка чинија или во дланката и спуштете го лицето во водата за да можете целосно да го натопите окото. Почнете да трепкате често, нежно одделувајќи го горниот капак од очното јаболко, така што водата ќе достигне зад него.

Потоа, без оглед на резултатите, капнете антибактериски капки во окото и нанесете антибиотска маст за очи на долниот капак.

3 Ако се чувствувате добро, продолжете со вообичаените активности, избегнувајте нечистотија и ставајте капки во очите на секои два часа во текот на денот.

Но ако има чувство на туѓо тело и гребење во окото, задолжително посетете офталмолог што е можно поскоро. Секоја, дури и мала раска може да доведе до воспаление на очите и да резултира со губење на видот.

Важно! Под никакви околности не треба да го отстранувате туѓото тело со остар предмет, бидејќи тоа може да го оштети окото уште повеќе. Во случај на крвавење од рана на очниот капак или од самото око – ставете стерилен завој и веднаш побарајте лекар!

ИТНО ВО БОЛНИЦА ДОКОЛКУ…

* Почувствувате и видите дека туѓото тело е цврсто фиксирано во очното јаболко или дури и дека стигнало внатре. Никогаш не отстранувајте го сами! На тој начин може да предизвикате непоправлива штета – не само што ќе ја зголемите раната туку ќе ги повредите и внатрешните структури на окото. Фиксирајте завој преку окото и веднаш одете во болница.

* Гледате многу полошо или воопшто не гледате.

* Има крв зад рожницата. Ова значи дека внатрешната структура на окото е повредена.

Текст: Руски доктор

Фото: Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.