Како да се заштитат лицата со дијабетес од компликации предизвикани со ковид-19

Препораки за намалување на ризикот

Лицата со дијабетес може да имаат тешки симптоми и компликации во тек на инфекцијата со ковид-19, но доколку дијабетесот е добро контролиран, тогаш ризикот за сериозни компликации е сличен како оној кај општата популација, укажуваат од Универзитетската клиника за ендокринологија.

Се препорачува лицата со дијабетес да имаат информации за контакт со нивниот лекар или медицинска сестра, како и навреме да обезбедат соодветни количини лекови и материјали за следење на дијабетесот дома, за да немаат потреба да го напуштаат домот доколку се разболат.

Фото: Getty Images

Кај лицата со дијабетес кои се заразени со вирусот може да дојде до влошување на гликемиската контрола за време на болеста. Тие треба да ги практикуваат „правилата при болест“ препорачани за каква било стресна состојба со цел да ја подобрат нарушената состојба со дијабетесот.

Исто така, треба веднаш да се јават кај нивниот лекар/медицинска сестра за совет за тоа како да го следат нивото на шеќер во крвта, какви прилагодувања можеби ќе треба да направат во нивната терапија или исхрана и да добијат соодветна резерва на лекови (особено инсулин).

Освен општите препораки за заштита од вирусот, посебни препораки за лицата со дијабетес во случај на болест се:

• Внесувајте доволно течности

• Следете го нивото на шеќер во крвта

• Следете ја температурата

• Ако сте на инсулинска терапија, следете ги и кетонските тела

• Следете ги препораките на вашиот тим здравствени работници

За потсетување, лицата заразени со ковид-19 може да почувствуваат треска, кашлица, губење на здив (проблеми со дишењето), да се чувствуваат уморни и да имаат болки во мускулите.

Според досегашните сознанија, 98% од заболените преживуваат, поголемиот дел од случаите (> 80%) се со лесна клиничка слика и покажуваат само минимални симптоми слични на грип и луѓето можат да се опорават во домашни услови.

Одреден број случаи (околу 14%) се тешки, а многу малку (околу 5%) може да бидат критични. Некои луѓе немаат никакви симптоми, или имаат само благи симптоми на обична настинка. Кај други пак, ковид-19 може да доведе до сериозни проблеми, како пневмонија (воспаление на белите дробови) или дури и смрт.

Оваа состојба е почеста кај луѓето кои имаат други здравствени проблеми, особено постарите лица, оние со болести на срцето и крвните садови, хронично заболување на белите дробови и зголемен крвен притисок, како и лицата со дијабетес, кои може да имаат тешки симптоми и компликации во тек на инфекцијата со ковид-19. Но, како што претходно беше посочено, доколку дијабетесот е добро контролиран, ризикот за сериозни компликации е сличен како тој на општата популација.

Ако луѓето со дијабетес не го контролираат добро дијабетесот и имаат чести варијации на крвниот шеќер, постои поголем ризик за потешка форма на инфекција со ковид-19 во споредба со општата популација, бидејќи е ослабната способноста на организмот да се бори со инфекцијата.

Министерство за здравство, Одделение за односи со јавноста

Фото: Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.