Бодибилдинг за челично тело: Шампионката Мери Акиевска ни ги откри тајните на овој спорт

Бидете вити и здрави

Да се биде фит и физички активен не значи губење на женственоста, туку посветеност на своето здравје и изглед

Бодибилдингот е спорт што ретко се поврзува со припадничките на женскиот пол, иако бројот на дамите што се занимаваат токму со тоа го тврди спротивното. Шампионката Мери Акиевска своето секојдневје му го посветува на фитнесот, а нејзиното челично тело е резултат на голема дисциплина, волја и понекоја жртва…

Напорни тренинзи и длабока посветеност

Мери почнала да се занимава со фитнес во 2017 година, но само рекреативно, колку да биде физички активна.  Резултатите биле брзи, а трансформацијата на формата и облините на телото биле видливи, па за кратко време се вљубила во бодибилдингот и тој станал дел од нејзиното секојдневје. „Моменталниот изглед го постигнав со редовни напорни тренинзи и длабока посветеност последниве две години откако почнав со натпреварување во бодибилдинг. Пред да почнам професионално да се занимавам со ова, бев многу слаба, имав само 47 кг. Но отсекогаш бев физичка активна и секојдневно спортував. Сега, по една недела завршување со диета за натпреварување, имам 61 кг. Тоа значи дека почнувам со додавање килограми, односно мускулна маса“, раскажува Мери.

Пред да почне професионално да се занимава со бодибилдинг, Мери имала 47 кг, а денес по завршувањето диета за натпреварување има 61 кг
Трансформацијата е најголема мотивација

Откако по редовно вежбање и внимавање на исхраната ќе ги забележите првите промени на телото (и на вагата!), постои голема веројатност дека нема толку лесно да им се вратите на старите навики. Истото тоа го доживеала и Мери: „Фитнесот го промени мојот живот. Мотивација сега добивам сама од себе. Секој ден пред огледало ја забележувам трансформацијата, а тоа ме мотивира за уште поголеми успеси.“ Сепак, мотивацијата не е единствената состојка што го сочинува рецептот за добра форма. „Вежбам шест дена во неделата, по околу два часа. Но кога се подготвувам за натпревар, имам два тренинга во денот: наутро кардио на празен стомак, а потоа тежински тренинг. Јадам храна богата со протеини и со растителни влакна и пијам доволно вода.“

Жртвите се неопходни

Мери може да се пофали со многу титули и признанија во светот на фитнесот и бодибилдингот. Но патот до успехот воопшто не е лесен, поплочен е со правење многу жртви и откажување од некои задоволства. „Мојот живот подразбира секојдневни напорни тренинзи и долготрајни исцрпувачки диети. Се имам откажано од забави, доцни вечерни излегувања и богати софри со калорична храна. Се будам рано и си легнувам рано. Тоа е мојот рецепт за посакуваната форма“, открива нашата шампионка.

Тежински наспроти кардиотренинг

Доколку сакате да ја зголемите мускулната маса, Мери препорачува тежински тренинг со повеќе повторувања на вежбите и зголемен фокус, како и храна богата со протеини. А доколку сакате да ослабите? „Во тој случај, тренингот треба да се одвива поинаку. Потребно е да правите повеќе кардиовежби и тренинзи со помала тежина и помалку повторувања. Секако, и исхраната е многу важна – повеќе течности, малку јаглехидрати и умерено протеини.“

Вежбањето е грижа за себе

Повеќето луѓе сметаат дека жените што се занимаваат со бодибилдинг ја губат женственоста, но ние воопшто не се согласуваме со тоа, а и Мери потврдува дека вежбањето, пред сè, значи грижа за себе: „Секојдневно добивам коментари од луѓе дека бодибилдингот е машки спорт. Напротив! Да се биде фит, да се биде физички активен и да се има спортски дух не значи губење на женственоста, туку посветеност на своето здравје и изглед. Во светот на бодибилдингот има категории во кои натпреварувачките изгледаат поинаку од општоприфатената слика за тоа како треба да изгледа една жена, но тоа не значи дека тие не се женствени или убави. Секоја девојка посакува да изгледа одлично. Само еден час посветен на себе може да доведе до многу промени – а секој може да одвои еден час за да му се посвети на вежбањето, пред сè, поради здравјето и ослободувањето од негативните мисли и стресот, а дури потоа поради физичката трансформација.“

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: Приватна архива

УСПЕАВ: Јована Трајковска ни раскажа сѐ за нејзината фитнес-трансформација
Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.