УСПЕАВ: Јована Трајковска ни раскажа сѐ за нејзината фитнес-трансформација

Бидете вити и здрави

Вашето тело е само ваш труд и ваша заслуга!

„Од понеделник почнувам со диета!“ – колку пати сте си го кажале ова, а не сте успеале да издржите ни до петок? Единствените постигнати резултати со тоа биле стрес и фрустрација. Сепак, првиот чекор кон промена на телото е промена на начинот на размислување. Јована Трајковска и нејзината успешна трансформација се доказ за тоа!

СОВЕТ 1: Најважниот чекор е одлучноста!

Трансформацијата на Јована, која денес максимално им е посветена на вежбањето и на здравата исхрана и редовно споделува совети на својот инстаграм-профил @jovana.trajkovskaaa, почнува пред три и пол години, кога нејзината самокритичност не ѝ дозволила да се помири со својот тогашен изглед. „Највисоката бројка што му ја имам дозволено на моето тело е 86 кг. Често се облекував и застанував пред огледало, додека стомакот ми ѕиркаше над фармерките. Тоа не ми значеше ништо, додека еден ден не си кажав себеси: ’Доста е, ова не може вака, ова нема да бидеш ти!’“, открива таа. Нејзината потсвест не можела да се смири додека не изгледала онака како што отсекогаш посакувала, и така почнува нејзиниот процес на слабеење.

ПРЕТХОДНО: 86 кг ПОТОА: 67 кг
СОВЕТ 2: Првите 10 кг се најлесни

Целиот процес, покрај што го променил нејзиниот физички изглед, довел и до преобразба на Јована како личност. Почнала поздраво да се храни, но и редовно да вежба. „Имав доста ригорозна диета, изработена од страна на фитнес-инструктор, која се состоеше од нискокалорични оброци со големо количество протеини и мал процент масти и јаглехидрати. Но без физичка активност, немаше да постигнам ништо. Постојано одев во вежбалница, а првите 4 месеци вежбав по два и пол часа, од кои 40 минути беа посветени на кардио-вежби. Имам направено и листа во која секој месец ги бележам моите резултати“. А кој дел од процесот на слабеење ѝ бил најтежок? „Првите 10 кг се најлесни за согорување. Потоа следува период на стагнација, кога мора да се даде максимум за да се постигнат минимални резултати. Тогаш ми беше најтешко, но никогаш не помислив да се откажам. И најмалите резултати ми беа огромна мотивација да продолжам понатаму.“

СОВЕТ 3: Дозволени се компромиси

Иако многу луѓе што почнале да држат диета признаваат дека биле нервозни и несреќни на почетокот, кај Јована не бил таков случајот, бидејќи целосно го сменила начинот на размислување. „За да успееш во нешто, треба доволно да го посакуваш тоа. Јас бев свесна дека здравата храна е тоа што ми треба, а дека брзата храна не може да ме наполни со енергија. Вежбањето, пак, ме ослободуваше од сите лоши мисли и од негативната енергија. И денес, спасот го барам во вежбалница!“.

Сепак, некогаш не е толку лесно да им се одолее на вкусните задоволства, па иако не треба често да се прават отстапки од режимот на исхрана, дозволени се компромиси. „Благото, белите печива и газираните сокови дотогаш ми беа секојдневие, но во периодот на слабеење им го заборавив вкусот, па немав потреба од нив. Еднаш ми се случи да се напијам сок и изразот на лицето ми беше идентичен на оној што се појавува кај бебињата кога првпат ќе пробаат лимон. Бев многу послушна, но и свесно правев грешки околу млечните производи, кои не ми беа дозволени. Цврсто стоев на тоа дека ќе се збогувам со шеќерот, ама затоа секој втор ден ќе се почестам со млеко и со сирење.“

СОВЕТ 4: Запознајте го своето тело

Откако дознала дека таа самата може да го креира својот внатрешен живот со тоа што го јаде, Јована целосно се променила, а самодовербата ѝ пораснала повеќе од кога било претходно. „Мозокот повеќе не ми е ’киднапиран’ кога треба да одлучам што ќе јадам во текот на денот. Внимавам да внесувам храна што одговара на моите потреби и, што е најважно, денес го познавам сопственото тело. Точно знам од кои јадења можам да качам килограми за 2 дена, а од кои за 2 месеца.“

СОВЕТ 5: Дисциплина, истрајност и трпеливост!

Јована им порачува на сите што сакаат да ослабат дека успехот ги следи само оние што тежнеат кон него. „Храната што ја консумирате во текот на денот ги креира искуствата што ќе ги доживеете тој ден. Големото количество вода е задолжително! Никогаш не заборавајте дека за успешен резултат, потребни се дисциплина, истрајност, постојаност и трпеливост – нешто што не знаев што значи додека не почнав да вежбам. Вашето тело е само ваш труд и ваша заслуга!“

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: Приватна архива

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.