Разговор за негата со Верица Ракочевиќ: Ова се нејзините тајни на младешкиот изглед

Фото: Мирко Табашевиќ

Популарната модна дизајнерка младешкиот изглед го одржува со востановен режим на нега, но и со одредени естетски третмани, не се шминка и прави 100 клекнувања на ден

Иако има полни 73 години, познатата модна дизајнерка Верица Ракочевиќ изгледа минимум две децении помладо, а тоа не е резултат само на вниманието и љубовта што ѝ ги подарува нејзиниот 35 години помлад сопруг, уметникот Вељко Кузманчевиќ, туку и режимот на нега, кој го открива ексклузивно за читателките на „Убавина и здравје“.

Како изгледа вашата секојдневна рутина на нега?

Денот го почнувам со пиење сок од краставица и лимон. Потоа се туширам со студена вода, правам 100 клекнувања, па повторно одам под студен туш. Ова не им го препорачувам на почетниците – јас го правам откога знам за себе. Задолжително нанесувам млеко за тело и дневен крем за лице со СПФ 30 на „Биотерм“. Исто така, секаде носам со себе и ружина водичка, со која го прскам лицето. Не користам течна пудра. Навечер темелно го чистам лицето со мицеларна вода, го мијам, го прскам со ружина водичка, а потоа нанесувам масло од дива ружа на влажно лице. Пред спиење, задолжително пијам органско млеко со мед.

Колку ви е важно чистењето на лицето?

Бидејќи не се шминкам, лицето го чистам со мицеларна вода, а трипати неделно правам пилинг со сода бикарбона, по што нанесувам маска со колаген.

Имате ли некој критериум при изборот на кремот за лице и за тело?

Имам идеална кожа, ни мрсна, ни сува. И за лицето и за телото настојувам да користам кремови без парабени. Користам јапонска козметика наменета за жени постари од 65 години, а во последно време со пробиотици.

Кога почнавте да користите производи против стареење?

Од младоста го правам истото што и сега, со тоа што тогаш се шминкав. Никогаш не одев на козметичар, затоа што немав проблеми со кожата.

Кои естетски третмани ги имате пробано?

Веќе десет години одам на мезотерапија, третман со витамин А, како и оној со златни нитни. Некое време користев и ботокс, но пред две години престанав – не ми се допаѓаше блокираната мимика на лицето. Филери и хијалуронска киселина немам практикувано. Факт е дека сето ова што го користев навистина придонесе за одржување на младоликоста, но на ботоксот не би му се вратила.

Дали тренирате редовно?

До почетокот на пандемијата, редовно вежбав со личен тренер. Сега правам 100 клекнувања дневно и се истегнувам.

Текст: Надежда Јокиќ

Фото: Мирко Табашевиќ, приватна архива

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.