Направи сама: Најдобрите и најефикасните маски за лице што ги применуваат жените низ светот

Глобален маскенбал

Фото: Getty Images

Она што го носиме на лицето многу зборува за нашата личност и потекло

Цел свет е опседнат со маски за лице. Барем така вели Гугл! Во најновото известување за бројот на пребарувања за топ-теми за убавина, на прво место се face masks, masque visage и feisumasuku. Жените низ светот навистина сакаат да пробаат различни маски (пред сè природни!).

Причина? За да изгледаат помладо, посвежо, поубаво и посамоуверено. Се разбира, употребата на маски за лице не е нешто ново и е дел од традицијата на разубавување на многу народи. Сепак, овој метод во поново време е унапреден со вклучување на уште поделотворни состојки. Затоа е интересно да дознаеме што точно прават жените на разни континенти, па да искористиме некој нивни трик. Тоа се вика вистинска глобализација во негата!

Фото: Getty Images

ИНДИЈА: Турмерик

Секоја куќа во Индија користи турмерик и брашно од леблебија, а според зборовите на водечките индиски манекенки (Бумика Арора и Расика Навара) – не постои Индијка што не ги испробала овие состојки за маска. Ако им се додадат паста од сандаловина и ружина водичка, се добива маска што ја омекнува и осветлува кожата. Потрагата по прецизен рецепт не даде плод, бидејќи очигледно не постои точна мера на состојките за маската. Секоја жена треба да експериментира додека ја пронајде својата идеална формула. Сепак, не претерувајте со тумерикот. Ако користите полна лажица брашно од леблебија, доволно е да се додаде помалку од ¼ лажица турмерик. Овој зачин е мошне делотворен… и мошне жолт! Ако го применувате во поголемо количество, вашата кожа би можела да добие жолт тон.

ФРАНЦИЈА: Козметика „на рецепт“

„Мора да ја слушате својата кожа“, инсистира визажистката на реномираната козметичка куќа „Есте Лодер“, госпоѓица Виолет.

Французинките традиционално се придржуваат до индивидуалниот пристап во негата на кожата и се фокусираат на специфична цел, слично на нивната практика при одење во аптека. Квалификувана аптекарка секогаш ќе знае како може да се реши проблем со диспигментација, акни или со сува кожа. Ист е случајот и при примената на маски за лице.

Според стручните препораки, рецептот е следен: African Botanics Marula + Plant Stem Cells Mineral Cleansing Mask (маска за чистење пори), Pratima Revitalizing Turmeric Cream (крем за ублажување воспаление), Joëlle Ciocco Heat Mask (маска за прочистување) и Estée Lauder Advanced Night Repair Concentrated Recovery PowerFoil Mask (ноќна маска за сјај на кожата).

САД: Активен (козметички) јаглен

Американките се опседнати со својот изглед, па и со порите на лицето, поради што постојано трагаат по уште поефикасни средства за чистење на кожата. Моментално најбарани се производите што содржат активен јаглен. Сепак, експертите тврдат дека е најдобро да се користи 100% активен јаглен во прав. Помешајте го со вода до конзистенција на паста, нанесете го на лицето и почекајте најдолго до 5 минути (за да не се исуши премногу). Потоа, добро измијте го лицето. Активен јаглен може да се додаде и во пастата за заби (за ефект на белеење) или во вода за пиење (за прочистување на организмот).

МАРОКО: Црвена глина

Ритуалот на бањање во амам стана вистински хит во спа-центрите во светот, но ниеден не може да се спореди со оригиналното доживување во земјите од кои потекнува, на пример – Мароко. Што недостига? Црвената мароканска глина, која потсетува на минерален сапун, а потекнува од планината Атлас. Ако глината во прав се помеша со ружина водичка, може да се користи како апсолутно безбедно средство за отстранување митесери, акни и за комплетно чистење на порите на целото тело.

ЈАПОНИЈА: Лист-маски

Во оваа далечна земја, хидратантните маски се најбараниот козметички препарат. Иако воздухот во Јапонија е доста влажен, жените страдаат од сува кожа поради честиот престој во затворените простории со клима-уреди. А поради топлината, никој не сака да користи густи кремови за надоместување на загубената влага од кожата. Токму затоа, маските во тенки листови им се многу практични, а доволно е да ги нанесуваат еднаш неделно. Покрај тоа, Јапонките често употребуваат и ревитализирачки хидратантни ленти за очи.

РУСИЈА: Речиси сè од фрижидер

Според руската традиција на нега во домашни услови, најдобрите состојки се наоѓаат во фрижидерот. Јајца, млечни производи, мед, локални билки, сода бикарбона, јаболков оцет, краставица, овес… Барем така вели сопственичката на реномираниот бутик „KM20“ во Москва, Олга Карпут. Почетокот на секој третман подразбира примена на маска направена во домашни услови, и тоа од неколку состојки. Задолжително се мешаат разни овошни киселини и мало количество чиа-семки.

Таквата маска ги отвора порите и ја подготвува кожата за следните чекори на нега. Потоа следува примена на квалитетен козметички производ од високорангиран козметички бренд. Пред важен настан, Русинките користат лист-маска, како што е/Lancôme Advanced Génifique Hydrogel Melting Mask.

СЕНЕГАЛ: Кана

Кога моделката Кудија Диоп, одговарајќи на прашањето на новинарите која е главната состојка на нејзината маска за лице, кажа дека користи кана, повеќето помислија дека не го разбрала прашањето. Меѓутоа, се воспостави дека станува збор за безбојна кана, која прави чуда за кожата. Чиста кана се добива од листовите, а за хидрирање и омекнување на кожата на лицето се користи со помала концентрација на пигмент. Покрај тоа, повеќето маски во Сенегал се прават од чисто овошје – сечкано грозје или мешавина од лимон и мед. Грозјето е одлично за хидратација, а лимонот и медот за чистење на кожата.

АРГЕНТИНА: Кал

Моделката, актерка и активистка Калу Риверо, која израснала во Катамарка, е убедена дека калта од тие краеви е навистина волшебна.

Во северна Аргентина, земјата е многу моќна. Во детството одев во бавчата на баба ми и правев маски за лице од калта што беше таму“, вели Калу.

Бидејќи сега живее во Њујорк, секоја посета на родниот град ја користи да „прошверцува“ малку земја во куферот – се разбира, во козметички цели!

Текст: Наташа Човиновска

Фото: Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.