Искрено со Давид Мука за убавината и здравјето: „Физичкиот изглед е важен, бидејќи тој е одраз на нашата внатрешна состојба“

Колку мажите се задоволни од својот изглед?

Дознаваме како артистот Давид Мука се грижи за својот изглед и колку самоуверено се чувствува во своја кожа

Музичар, модел, а од неодамна и главен актер и продуцент на ТВ-серијата Blackops, чие снимање е во тек – креативецот Давид Мука е доказ за тоа дека талентот не познава граници. Тој цврсто верува дека не мора да се определите за еден вид уметност за да постигнете успех, а неговата разновидна биографија само го потврдува тоа.

Со нетрпение го очекуваме трејлерот за новата ТВ-серија, во која се појавуваат и познати имиња од македонската сцена како што се Тамара Тодевска, Ана Стојановска и Игор Џамбазов, а во меѓувреме дознаваме колку му е важен надворешниот изглед на Давид и како тој се грижи за своето физичко и психичко здравје.

Режим, естетика, свест

Пред многу години заклучив дека мојот изглед е резултат на 3 различни фактори: режим, естетика и свест. Кога станува збор за режимот, односно рутините во кои свесно повремено навлегувам за да ги негувам телото и здравјето, сите знаеме дека понекогаш е корисно да го прикотвиме хаосот на секојдневието под одредени рутински активности. Како такви, најчесто корисно е тие да бидат применети на полиња како фитнесот и исхраната. Мојот живот наложува чести патувања, како и исцрпувачки настапи на музичката сцена, па ваквиот приод кон себеси ми помага да ги издржам сите тие предизвици на физички план.

Што се однесува до естетиката – би рекол само дека не постои доволно валиден изговор за секој од нас да не ги дознае убавината и силата на своите физички способности.

Свеста пак, ми овозможува да увидам дека во овој живот имам единствено превозно средство, а тоа е мојот сопствен организам. Како такво, се трудам да го третирам со што поголема грижа и совест, бидејќи сакам да ме носи спретно и долго низ ова животно патешествие.

Физичкиот изглед е илустрација на внатрешната состојба

Не се согласувам со изреката дека физичкиот изглед не е важен, бидејќи да, не е важно да гледаме на него според наметнати стандарди, меѓутоа и тоа како е важен бидејќи секогаш тој е одраз, илустрација на нашата внатрешна состојба. Во периоди кога идеалот што сум го поставил за себе и неговата реализација не се пресретнувале, веројатно  сум изгледал полошо одошто сум сакал. Меѓутоа, никогаш конкретен дел од телото не ме обесхрабрувал. Целото тело било тоа што секогаш сум го доживувал во негативна или позитивна конотација.

Екстремен режим

Како и за сѐ друго, и на овој план сум релативно екстремен. Се хранам најчесто здраво (иако, крадам чоколади навечер), но и активен сум речиси секојдневно. Фитнесот го практикувам во теретаните, додека кардиото го оставам за на сцена.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: Иван Наунов

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.