„Иловица-Штука“ ќе биде модел на одржливо рударство

Светот во 2024-та

Колумна за годишното издание Економист: Светот во 2024-та на Тим Морган-Вин, извршен претседавач на Одборот на директори и главен извршен директор на Еуромакс Ресоурцес ЛТД.

„Идниот мегаинвестициски рударски комплекс „Иловица-Штука“ ќе претставува модел на рудник од 21-от век, со кој ќе се промовира современиот тренд на одржливо рударство во С. Македонија“, порачува Тим Морган-Вин, извршен претседавач на Одборот на директори и главен извршен директор на Еуромакс Ресоурцес ЛТД.

Во последните години, светската економија во континуитет се соочува со постојани предизвици, кои од година во година се сè поголеми. Така ние ја завршуваме 2023 со серија глобални конфликти, кои ја зголемуваат неизвесноста врз економијата.

Како одговор на овие геополитички текови, приоритетите на националните економии се пренасочуваат кон искористување на ресурсите и јакнење на националните капацитети. Соодветно, Европската комисија и Советот на Европа во 2023 ја дефинираа новата регулатива фокусирана на одржлив пристап и логистика за критични минерали неопходни за економска транзиција во „зелена“ и дигитална економија, преку максимално почитување на заштитата на животната средина и човековите права. При тоа, самата рамка ги дефинира и целите на ЕУ за минимално производство и преработка на овие критични минерали во земјите членки и намалување на зависноста од трети земји.

Ова треба да биде препознаено и во Р. С. Македонија, која како земја кандидат треба да ги искористи своите капацитети за да може да даде значителна вредност во ЕУ, и на тој начин да ја зголеми својата геополитичката улога во пристапниот процес. Токму со реализацијата на идниот рудник Иловица-Штука ќе се помогне при креирањето на таквата геополитичка улога, ако се знае дека идниот рудник треба да експлоатира бакар, минерал дефиниран како критичен за потребната економска транзиција.

Паралелни на овие глобални геополитички текови се и ефектите од глобалното затоплување. Овие климатски околности негативно влијаат на глобалната економија и сè посериозно ја наметнуваат потребата многу индустрии да бидат во постојан притисок на нивно приспособување. Така, на пример, е и земјоделството во Шпанија. Имено, според последните извештаи на ОН, Шпанија сериозно се соочува со ризик дека дури 74% од нејзината територија може да стане пустина, а земјоделството со користење 80% од свежата подземна вода влијае на зголемување на тој ризик. Така, земјоделството што важи за значајна гранка во Шпанија, со која се храни цела Европа, е под сериозен предизвик да се приспособи и порационално да ја користи водата, за да придонесе до намалување на овој ризик.

Под ист постојан притисок е и рударството. И покрај потврдениот недостаток на критични минерали и метали, каде што според извештаите на Светска банка ќе бидат потребни 3 милијарди тони, односно зголемување на производството за 500% до 2050, рударството се соочува со континуиран притисок на обезбедување на безбедни технологии и практики се во насока на одржлива експлоатација на овие критични минерали.

Така и ние, како компанија, ги следиме овие трендови и постојано ги анализираме сите светски текови и практики кои се применуваат за максимална заштита на животната средина. Со самиот факт дека нашата компанија котира на берзата во Канада, ние сме обврзани да ги почитуваме највисоките стандарди за заштита на животната средина, а воедно тоа се бара и од нашите акционери, меѓу кои е и ЕБОР, која е и најголемиот инвеститор во државата. Во таа насока, нашите технички тимови постојано работат на подобрување на методологијата што би се користела во идниот рудник како би се постигнале максимални користи за целиот регион, преку рационално користење на водата и минимизирање на потенцијалните ефекти врз животната средина.

На тој начин ќе бидеме целосно подготвени за примена на стандардот Initiative for Responsible Mining Assurance, кој наложува одговорна екстракција на металите и минералите, преку строга примена на сите еколошки и социјални стандарди. Примената на овој стандард се очекува да биде од 2025 и тој ќе биде услов за можноста да се продаваат металите на меѓународните берзи. Исто така, примената на овој стандард е од исклучително значење за Проектот Иловица-Штука, со оглед на присуството на Трафигура Групација, како најголем акционер на Еуромакс и еден од најголемите играчи на глобалните пазари на метали, енергенси и суровини, со над 300 милијарди евра годишен обрт.

Економските придобивки на Проектот се огромни за целата држава и регионот, при тоа се очекува да се отворат 3.200 нови работни места, да се вложат вкупно 340 милиони евра директни странски инвестиции, да се стимулира раст на БДП од над 4% годишно, да се трошат приближно 74 милиони евра на локални домашни добавувачи секоја година, да се уплаќаат годишно минимум 24 милиони евра даноци во државниот буџет, да се генерира минимум реален извоз од над 200 милиони евра на годишно ниво…

Дополнително, непобитен факт е дека само богати и економски развиени општини, региони и држави можат ефикасно да ги реализираат инфраструктурните и комуналните проекти, значително да инвестираат во неопходната грижа за заштита на животната средина, реално да обезбедат високи стандарди и технички услови во делот на хигиената и здравјето на луѓето, да инвестираат во образованието и културата или воопшто во креирање на одржливи параметри за современо и среќно живеење. А токму развојот и реализацијата на идниот мегаинвестициски рударски комплекс Иловица-Штука може тоа да го понуди.

Поради сите овие вредности и придобивки, ние силно веруваме дека преку модерно, одржливо и одговорно рударство кое ќе коегзистира со земјоделството во струмичкиот регион ќе го изградиме идниот мегаинвестициски рударски комплекс Иловица-Штука, кој ќе претставува модел на рудник од 21-от век.

Текст: Економист: Светот во 2024-та

Фото: приватна архива

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.